Етнолошкиот музеј во комплексот „Македонско село“ во Нерези, е проект на Владата кој е во функција на промоција и афирмација на нашето културно наследство.
Во музејот, посетителите имаат можност да видат уникатни предмети кои досега не биле изложени. Етнолошката поставка е сместена на првиот кат на површина од 132 квадратни метри, а вториот кат е со површина од 100 квадратни метри и е наменет за одржување мултимедијални активности, презентации, промоции… Се претставуваат комплетни народни носии со накит и без накит, а предметите што се изложени потекнуваат од крајот на 19 и првата половина на 20 век.
Исто така, има вреден накит, кој е ексклузивен и претставен во витрини. Поставката е збогатена со над 150 уникатни етнолошки предмети кои се изложени во самиот музеј.
Покрај музејската поставка, во горниот дел на музејот има простор за најразлични настани – конференции, семинари, промоции.
Планирано е поставката да се менува на шест месеци и да бидат изложувани нови предмети бидејќи Музејот на Македонија поседува голем број предмети и треба да се покаже нешто ново.
Во комплексот „Македонско село“ има 12 типски куќи од Охрид, Крушево, Кратово, Галичник, Прилеп, Малешевијата… , распространети на 15.000 квадратни метри.
Освен 12 автентични куќи, има три тематски ресторани – традиционален, интернационален и паб. Во традиционалниот ресторан се служи македонска храна.