Од Министерството за економија најавија дека комплексот „Македонско село“ на падините на Водно ќе биде готов до крајот на март, пишува „Дневник“.
Првите гости во автентичните куќи требаше да стасаат уште во јануари, но работите се одолжија поради изградбата на инфраструктурата и опремувањето на внатрешноста на објектите.
Изградбата на комплексот „Македонско село“ е пред комплетна финализација, привршуваат деталите од ентериерот, а ЕВН ги поставува струјомерите во сите објекти. Во фаза на изработка е водоводот за комплексот. Планираниот рок за завршување на проектот е крајот на март, што во суштина претставува рок за завршување на изградбата на водоводот – изјавија од секторот за односи со јавноста при Министерството.
Избран е концесионер на селото, фирмата „Тренд инвест“. Kако што изјавија надлежните, конкурсот е завршен и фирмата-концесионер е избрана во јануари 2014 година. Владата склучила договор за јавно-приватно партнерство за стопанисување и управување на „Македонско село“ за период од 20 години. Договорена е сумата што ќе се влева до државниот буџет. Надоместот што приватниот партнер треба да му го плати на јавниот партнер изнесува 1,5 милион денари годишно.
Етноселото е замислено како туристичка атракција со хотелиерска и угостителска дејност, чија цел е да се привлечат туристи во главниот град и да се промовира македонската традиција. Планирано е да се гради повеќе од две години, а чини околу шест милиони евра. Селото е составено од традиционални стари македонски куќи од различни региони во земјава – прилепска куќа, велешка, битолска, струшка, кратовска, кумановска, галичка и други. Изградени се и ан, фурна, валалница, трло, штала и други елементи, кои ќе служат туристите да се запознаат со домашните обичаи и некогашниот традиционален живот.