Едноставен, но целосно оригинален стан за издавање во центарот на Мадрид, со својот монохроматски ентериер ги засени сите конкурентски станови. Храбриот избор на розови нијанси, заедно со вешто проектиран дизајн, го направија омилен избор за сите што сакаат да излезат од секојдневието со нота на екстраваганција.
Во самото срце на Мадрид, недалеку од плоштадот Puerta del Sol, локалното биро Patricia Bustos Studio – РВЅ го проектирале ентериерот на станот Minimal Fantasy, опишан како „естетско лудило“. Со намера да создадат препознатлив ентериер кој никого нема да го остави рамнодушен, одлучиле доминантна боја да биде – розова.
Во станот од 55 квадратни метри, сместен во зграда од средината на 20 век, речиси сè, од подот до таванот е во различни, светли тонови на розова, со само неколку сини или златни детали.
Со цел станот да биде што пофункционален, сходно планираната намена, направени се мали измени во првобитниот распоред, така што се добиени две соби кои можат да се користат како спални, две купатила, кујна и трпезарија. Ентериерот е ослободен од сите излишни детали, а оние кои се задржани, освен тоналитетот, ја следат и карактеристичната кружна форма.
Овалната трпезариска маса е надополнета со кружни лустери и аморфно огледало, а посебно внимание привлекуваат ретро столчињата тапацирани со материјал со метален, седефаст одсјај.
Просториите се поврзани со лачни отвори, кои го нагласуваат континуитетот на просторот, постигнат со употреба на само една боја.
Розовата доминација е ублажена само во кујната, каде кујнските елементи се комбинација од розови и сини нијанси, со златни бордури и бели апарати. Работната површина е обложена со глазирани плочки, а тоа е мотив, кој со комбинација на геометриски форми ќе се повтори и во спалната и во бањата.
Понежни ноти во главната спална соба постигнати се преку употреба на материјали како што се сатен и вештачко крзно, проѕирни завеси на прозорците, како и обли геометриски форми на заглавието на креветот и вратите на плакарот.
Иако ова може да се каже за целиот стан, тука е можеби најсилниот впечаток дека сте надвор од реалноста, како во куќа за кукли.
Некои елементи на ентериерот, како што се скалестите блокови – полици, инспирирани се од проектот La Muralla Roja – станбен комплекс проектиран во 1968 година од шпанскиот архитект Рикардо Бофил, кој се карактеризира со лавиринт од испреплетени скали и карактеристична црвена боја.
Под слоганот ‘Pink is Punk’, PBS со својот дизајн порачува дека доаѓа генерација млади и бестрашни луѓе, подготвени да ги скршат стереотипите и правилата и да го следат своето срце и интуиција. Таа вели дека розовата е боја на целата генерација, а тежнеењето кон ново и необично сигурно е.