Креативноста во пренамената и преобликувањето на објектите е еден од најпопуларните трендови во дизајнот во последните децении, и претставува win-win исход за животната средина, уметниците и дизајнерите. Еден извонреден пример за ваква трансформација е масивната уметничка инсталација во Сиднеј, Австралија именувана како Interloop. Проектот е дело на професорот по архитектура Крис Фокс од Универзитетот во Сиднеј. Се состои од делови од стар ескалатор од дрво, кој е демонтиран и на чие место е поставена соодветна модерна челична верзија. Фокс ги искористил овие делови за да создаде убаво и уникатно парче уметност. Инсталацијата е поставена во Wynard Station, станица на подземанта железница во близина на Сиднеј.
Дрвените ескалатори датираат од 1931 година кога првично биле инсталирани во станицата. Во изведбата на проектот, односно изработката и монтажата на уметничката инсталација, освен авторот и две инженерски компании, учествувале уште четири независни тимови. Работата била комплетирана за период од 8 месеци. Со ова свое дело, Фокс сакал да им посвети внимание на сите оние кои во триесеттите години од минатиот век, доаѓајќи од своите мали места во големиот град, биле воодушевени од скалите кои се движат.