Вечер во 19 часот во организација на Националната галерија на Македонија, во галеријата „Лауба“ во Загреб, ќе биде отворена изложба „Есенција на егзистенцијата“ на која се застапени 25 македонски современи уметници.
Според организаторите, „Есенција на егзистенцијата“ е уметнички концепт кој се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции кои од различен аспект приоѓаат кон суштината на ентитетот, на опстојувањето, на функционирањето. Тука се опфатени генезата на љубовта, духовноста, храната… , a под овој дискурс се пронаоѓаат и инстанците на достоинството, идеологијата, политиката, социјалата.
Критичките ставови за секојдневното егзистирање во делата од изложбата „Есенција на егзистенцијата“, може да се исчитуваат и во контекст на рефлектирање на долгогодишната „неподнослива тешкотија на постоењето“, како парафраза на насловот на ултра познатиот роман од Милан Кундера, „Неподнослива леснотија на постоењето“, и нудат различни поими за борбата за (не)можно емотивно/емоционално егзистирање во рамки на репресивните општествени системи. Секако, тука е и хуманистичката психологија на Абрахам Маслов и неговата често експлоатирана теорија за „Хиерархија на потребите“.
Овој концепт со општ призвук ќе ги опфати аспектите на триесетина македонски современи уметници, кои на диверзни начини реагираат на егзистенцијалните принципи користејќи различни медиуми за визуелна експресија – од класични: сликарство, графика, скулптура, преку инсталации, објекти, фотографија, па се до видео проекции, дигитални принтови, перформанси, звучни инсталации…
Селектираните уметници Исмет Рамичевиќ, Методи Ангелов, Атанас Ботев, Вана Урошевиќ, Ирена Паскали, Александар Станковски, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Марија Сотировска, Дијана Богдановска, Игор Сековски, Славица Јанешлиева, ОПА, Михаела Јовановска, колектив Зеро, Димче Димески, Игор Тошевски, Гоце Наневски, Дарко Алексовски, Крунислав Стојановски, Зени Балажи, Мирна Арсовска, Зорица Зафировска, Александар Спасоски и Жанета Вангели, во својот творечки вокабулар користат елементи кои соодветствуваат со главниот дискурс на концептот, секој од нив допирајќи ги точките на есенцијалностите на егзистенцијата на различни начини и од различни перспективи.
Куратори на изложбата се Ана Франговска, Маја Чанкуловска Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски.