Девет теракотни релјефни икони од Виница ќе учествуваат на светската изложба „Империи на верата, уметноста и појавата на светските религии“ која ќе биде отворена во музејот Ашмолијан на Универзитетот во Оксфорд.
Тие се уникатен споменичен вид и дел од една од најрепрезентативните збирки на Археолошкиот музеј на Македонија. Збирката била многупати претставувана во многу музеи во светот.
Теракотните икони се откриени во раните 1980-ти години при археолошките ископувања на локалитетот Кале кај Виница. Релјефните плочи биле предмет на проучувања и претставување од наши истражувачи, кои до денес успеаја да ги идентификуваат во нивниот полн дијапазон и од сите верски, историски и културни аспекти, со оглед на специфичната формулација на нивниот иконографски и верски концепт.
– Нашето учество на оваа светска изложба, според нејзиниот споменичен, уметнички, верски и интелектуален потенцијал, е значаен придонес за афирмацијата на македонското културно наследство, а особено фактот дека тие ќе бидат претставени во најстариот универзитетски музеј на светот – Ашмолијан во Оксфорд, соопшти Археолошкиот музеј на Македонија.
Изложбата „Империи на верата, уметноста и појавата на светските религии“ во оксфордскиот музеј ќе биде отворена за посетители од 19 октомври до 18 февруари 2018 година.