Насловна / Архитектура / Епидемиите и големите војни, предуслови за социјално домување?

Епидемиите и големите војни, предуслови за социјално домување?

„Не може да се очекува да се добие А1 население од Ц3 домови“ ова е слоганот на британски постер од периодот на Првата светска војна преку кој се искажувало верувањето дека лошите услови за живеење во голема мерка придонеле за шокантната здравствена состојба на регрутите во британската армија во оваа војна.  При ова А1 и Ц3 се однесуваат на категоризацијата на здравствената состојба на регрутите почнувајќи од најдобрата А1. Вообичаено се смета дека ваквата состојба придонела за одлуката на британскиот Парламент да побара посебен комитет да разгледа какви се станбените услови за живеење во земјата и како истите можат да се подобрат.

FoxHillCrescentS6

Ова резултирало во Извештајот на Тјудор Волтерс комитетот (Tudor Walters Committee Report) којшто бил завршен во ноември 1918, а отпечатен во 1919 година.  Претседавач на комитетот бил Сер Џон Тјудор Волтерс (Sir John Tudor Walters, 1868-1933) архитект, стручно лице за пример и политичар на Либералната партија, а член на комитетот бил Сер Рејмонд Унвин (Sir Raymond Unwin, 1863-1940) познат британски инженер, архитект и урбанист. Се смета дека препораките на овој извештај ги воспоставиле стандардите за проектирањето и локацијата на станбените објекти за општествениот сектор во текот на наредните периоди. Истите се надоврзувале на претходната работа на Сер Рејмонд Унвин од 1912 година посветена на принципите на Градови градини (Garden City).

Препораките се залагале за изградба на индивидуални двокатни куќи (вообичаено двокуќи или пак во низа) на растојание од 21 метар меѓу главните фасади за да се овозможи соодветна инсолација во зимскиот период, со определба да се постигне густина од 30 куќи на хектар во градските и 20 куќи на хектар во руралните средини. Куќите требало да бидат со површина од 79,4 квадратни метри (само со дневна соба) или 98,0 квадратни метри (со дневна соба и со приемна соба) и со три спални соби од кои две двокреветни. Растојанието од 21 метар меѓу главните фасади на индивидуалните станбени објекти сè уште го претставува вообичаениот урбанистички стандард во земјата.

Walters

Извештајот на Тјудор Волтерс во комбинација со кампањата да се создадат „домови соодветни за хероите“ на Првата светска војна придонеле британскиот Парламент во 1919 година да го донесе Законот за домување и урбанистичко планирање (Housing, Town Planning &c. Act 1919) преку кој локалните власти биле задолжени да обезбедат соодветно домување, а коешто ќе се изгради според стандардите коишто произлегуваат од Извештајот на Тјудор Волтерс. Законот исто така е познат и под името Законот на Адисон (The Addison Act) според тогашниот министер за здравје д-р Кристофер Адисон (Dr Christopher Addison, 1st Viscount of Addison, 1869-1951). За да се поддржи реализацијата на определбите на законот државата најавила финансиска поддршка за изградба на 500 илјади станбени единици во наредните три години од коишто биле реализирани само 213.800 со оглед дека само дел од најавените финансиски средства биле достапни. Иако Законот за домување од 1890 година (Housing Act 1890) им овозможувал на локалните власти да градат станбени единици, дури во 1919 година со новиот закон правото да градат станбени единици било поткрепено со финансиски средства од државата.

Councilhousing02

Со почетокот на изградбата на вакви станбени објекти почнало создавањето на таканареченото општинскo домување (council housing) коешто е вид на јавно (општествено) домување реализирано од страна на локалните власти со кое во голема мерка биле задоволувани станбените потреби во земјата, за оние коишто не се во можност да купат станбена единица, главно во периодот од 1919 до 1980 година.  Периодот од 1919 година до крајот на Втората светска војна бил карактеризиран со релативно чести промени во определбите на Владата во зависност од тоа која партија била на власт и за што се залагала.

1930s_Council_housing,_Knowle_West_Bristol

Задоволувањето на станбените потреби по Втората светска војна било поткрепено со повеќе закони од страна на државата. Така Законот за домување (времено сместување) од 1944 година (Housing (Temporary Accommodation) Act 1944) бил фокусиран на изградба на станбени единици со животен век од 10 години наменети за задоволување на итните потреби за домување во од војна разрушените делови на земјата.  Законот за нови градови од 1946 година (New Towns Act 1946) ја промовирал изградбата на нови градови во земјата, додека Законот за градско и земско планирање од 1947 (Town and Country Planning Act 1947) ги консолидирал определбите за изградба на станбени единици од страна на локалната власт. Ова овозможило во периодот од 1945 година до 1980 година во Англија и Велс годишно да се градат помеѓу 75.000 (1979) и 188.100 (годишен просек за периодот 1951-1955) станбени единици, а во Шкотска помеѓу 7.000 (1980) и 34.400 (1970).

Park_Hill,_half-abandoned_council_housing_estate,_Sheffield,_England

Зголемувањето на животниот стандард во земјата наложило потреба за подобрување на квалитетот на социјалното домување со цел тие да се усогласат. Оваа потреба била идентифицирана во рамките на Извештајот изготвен во 1961 година од страна на Паркер Морисовиот Комитет (Parker Morris Committee) под насловот „Домови за денес и утре“ (Homes for Today and Tomorrow) изготвен под раководство на Сер Паркер Морис (Sir Parker Morris, 1891-1972). Од овој извештај произлегле оригиналните Паркер Морисонови стандарди публикувани во 1963 година во „Шестиот билтен за проектирање – простор во домот“ (Design Bulletin 6 – Space in the Home) на Министерството за домување. Тие биле базирани на функционалните потреби на современ дом земајќи ги предвид димензиите на потребниот мебел и опрема, како и потребниот простор за нивното користење поткрепени со антропометриски податоци. Во рамките на овој билтен се дефинирала и површината и кубатурата на станбените единици врз основа на видот на станбениот oбјект, потребниот број на тоалети, како и потребата за инсталирање на системи на греење коишто ќе ја одржуваат минималната температура во рамките на истиот. Овие стандарди биле ревидирани во 1967 година.

WWL

Примената на Паркер Морисовите стандарди била широка.  Тие од 1967 година се применувале при проектирањето на станбени објекти во новите градови, а од 1969 година и за сите објекти на социјално домување. Задолжителната примената на овие стандарди престанала во 1980 година по донесувањето на Законот за локална власт, планирање и земјиште (Local Authority, Planning and Land Act 1980) донесен од страна на тогашната конзервативна Влада. Низата на закони донесена во овој период покрај претходното, ја промовирале продажбата на општествениот станбен фонд и ефективно ја стопирале изградбата на станбени единици од страна на локалната власт.

The_Garth_Flats

Дури три и пол децении поминале за државата повторно, пред неколку години да им дозволи на локалните власти да можат да градат станбени единици во комбинација со мерки коишто во одредени случаи ја намалуваат можноста за купување на истите, преку лимитирање на должината на договорот за изнајмување на истите или други механизми. Според податоците, во 2015 година 17 проценти од домаќинствата во Англија живееле во социјални домови. Истата година, беа донесени и „Техничките стандарди за домување“ (Technical Housing Standards 2015) преку кои се дефинирани минималните површини за станбените единици во зависност од видот, катноста на објектот, бројот на собите и бројот на леглата.  Во принцип се очекува истите да бидат почитувани само во случај на изградба на општествени станови чијашто финансиска изградба е поддржана од страна на јавните фондови.  На локалната власт ѝ е дадена можност нивната имплементација да ја реализира преку вградување во локалните урбанистички планови. Во услови кога приватниот сектор доминира во доменот на станбена изградба во земјата, дел од локалните власти, особено оние коишто управуваат со помалку атрактивните места за живеење, се обидуваат премногу да не инсистираат врз примената на овие стандарди за да фирмите коишто градат станбени единици не им „избегаат“ во соседните поатрактивни подрачја.

Одбележувајќи го стогодишниот јубилеј од зачетокот на социјалното домување во Велика Британија во далечната 1919 година, не може, а да не се оддаде признание за вложените напори во оваа област, како и во доменот на дефинирање на стандарди за станбена изградба, и покрај тоа што тие биле важечки само за изградбата во општествениот сектор. Истовремено, не е можно, а да не се нагласат осцилациите во процесот на општествена станбена изградба во текот на изминатите 100 години коишто веројатно во најголема мерка се резултат на идеолошките определби на партијата на власт.

Holly_Bank_Flats,_Sylvan_Hall_Estate,_Round_Hill,_Brighton

Каква ќе биде иднината на социјалното домување во текот на наредните сто години навистина е тешко да се предвиди.  Она што во моментов се знае е дека и на оние коишто работат денес сè потешко и потешко им е да дојдат до свој дом со сопствени сили и покрај државните програми коишто треба да им помогнат во однос на задоволувањето на станбените потреби.

Веројатно останува прашањето дали воопшто некогаш во изминативе сто години ќе било создадено социјалното домување да не се случиле заразните епидемии од 19-тиот век и особено двете големи војни на 20-тиот век, коишто создале предуслови за создавње на „домови соодветни за хероите“.

Испрати коментар

Scroll To Top