Во главниот град на островот Исланд, Рејкјавик, блесна новата концертна
сала "Харпа" која произлезе како резултат од соработката на архитектите
од данското студио "Хенинг Ларсен Архитекти" и локалниот уметник Олафур
Елиасон. Објектот официјално се отвори на 4 мај 2011 година со концерт
на Исландскиот симфониски оркестар, со многу гости и разновидна музичка
програма прославувајќи ги исландските културни ноќи. Овој објект, исто
така, е номиниран за престижната награда за најдобро архитектонско дело
"Мис ван дер Рое" за 2013 година.
"Харпа" е дизајнирана од архитектонското студиото "Хенинг Ларсен", додека акустичниот инженеринг беше дело на реномираната компанија "Артек". Соработката со уметникот Елиасон најмногу се базираше на дизајнот на фасадата, која ја истакнува естетската и функционалната вредност на целиот објект. Овој објект е дом на Исландскиот симфониски оркестар и на Исландската опера, а со тоа ќе биде од огромно значење за подигнување на културата во Исланд и пошироко. Покрај културното значење на "Харпа", програмата налага овој објект да биде и туристичка атракција како и бизнис центар. Името на овој објект е инспирирано од името на инструментот (Харфа), а воедно по стариот исландски календар го означува месецот кога започнува летото.
ОБЈЕКТ
Објектот е лоциран на главното пристаниште во Рејкјавик точно помеѓу центарот на градот и Северниот Атлански Океан, со што ќе стане централен објект на градот. Според архитектите од студиото "Хенинг Ларсен", внатрешната структура на градбата ја оформува нејзината функционалност. Гледано од фоајето, главната концертна сала, која доминира со нејзината големина и интензивна црвена боја, формира еден масив заедно со споредните помали сали кои се наоколу. Овој внатрешен масив тотално се разликува од експресивната отворена фасада со што се обликува внатрешниот меѓупростор, кој продолжува во надворешниот дел во вид на плоштад.
Со ова, околината на објектот се вклопува во целокупниот архитектонски концепт. Во развивањето на просторниот и функционалниот концепт, архитектите предност даваат на можноста во овој објект да се организираат и големи и мали збиднувања, кои би можеле да се одвиваат паралелно, без притоа да се попречуваат. Концертните сали, особено главната, и останатите простории се проектирани со најсовремените технолошки решенија во областа на акустичниот дизајн. Главната концертна сала има капаците од 1.800 седишта, додека целиот објект се простира на 28.000 квадратни метри. Овој комплекс со својот капацитет несомнено станува значајно место и симбол на исландскиот реновиран динамизам по големата економска криза.
ФАСАДА
Повеќеслојната стаклена фасада, дизајнирана од уметникот Елиасон се базира на геометриски принцип и е реализирана во две и три димензии Инспирацијата за креирање на фасадата, Елиасон ја наоѓа во природните релјефи на Исланд и гејзерите, кои се чест прилог на дивите исландски предели. Тродимензионалната страна на фасадата потсетува на кристализирање на исландските базалтови карпи, додека пак дводимензионалната страна на фасадата ја рефлектира околината на градот формирајќи впечатлив одблесок. Природната светлина е клучен елемент во дизајнот на фасадата, која драматично ја менува транспарентноста и боите во текот на денот и во текот на сите годишни времиња.
Концептот на Елиасон токму тука доаѓа до израз креирајќи ново доживување при секое посетување на објектот. За долгите темни ноќи во зимскиот период, на стаклената фасадата се монтирани лед-светилки во различни бои. Изградбата на овој објект беше проследен со големи контроверзии и критики. Исланд, како земја во која започна големата светска рецесија, изгради објект чија вредност достигнува 160 милиони долари. Според критичарите, големиот капацитет на објектот е исто така неоправдан во земја со популација од 320.000 жители. Големата цена го зголемува и притисокот за комерцијална исплатливост на објектот, со што може да се доведе во ситуација се повеќе да се користи за бизнис конференции отколку за културни настани, за што е и првичната намена.
Александар Черепналкоски, дипл. инж. по дрвна индустрија