Насловна / Форум / Култура на градењето

Култура на градењето

misko_photo.jpgм-р Михајло ЗИНОСКИ, дипл.инж. арх.

 

Изградбата на градот Скопје во новите социо-економски услови доби еден нов тренд, во кој инвестициите дефинирајќи ги условите и правилата на градење го создадоа она што го гледаме денес. Системот на донесување одлуки е направен така што контролибилноста на секоја фаза од проектниот процес до изведба на објектот, поминува низ институциите на власта.

Ваквата методологија делува сосема коректно и е создадена да ги
координира активностите во едно уредено општество. Меѓутоа, од позиција
на власт работите изгледаат сосема поинаку. Чувството на моќ, а притоа
со дискутабилен професионализам и етика, ги поттикнува разликите помеѓу
културата на градењето, што е различна во сите општества околу нас.
Оттука и позицијата на архитектот во вакви услови, станува прашање на
професионализам и етика, токму она прашање за кое дел од авторите
потписници на СК2014 прифаќаат да дебатираат.

 

Околу читањето на историските идеологии

Идеолошките апарати на едно општество се многу моќни. Преземањето на историските аури и стилови е како јавно покажување на сопственото алтер его.

Преземањето на симболи, стилови или цели историски идеологии или цитати, ни се многу познати од не така далечната половина на минатиот век. Империјалистичките движења и идеологии, како што беа Нацизмот или Комунизмот или новиот демократскиот дух на Соединетите Американски Држави, како реакција на претходните два, беа поткрепени со низа симболи, обележја од антиката како што се свастиката, пентаграмот или орелот. Исто така се препознаваа и преземања на историски архитектонски стилови од антиката, присутни во импозантните зданија на архитектот Шпеер, монументалната архитектура на Совјетите или државните зданија во капитолот на САД, Вашингтон. Меѓутоа, битен е фактот што се работело за империјалистички сили и нивни воени и политички дејствија од глобален размер. Оттука идеолошката намера на одредени интелектуални кругови кај нас ми е сосема јасна, но фактот што денес е малку доцна да се повикуваме на нашата историја и да се обидуваме да ја возобновиме империјалистичката аура, се гледа преку реакциите на граѓаните.

Проектантска методологија

Јасна е идеолошкaта подлога на СК2014, останува уште да проследиме што се случува со архитектонскиот јазик.

Монументалноста, која била обележје на објектите од јавен карактер во античкиот период, во модерната архитектура била заменета со општествен или популистички карактер. Во постмодерната, јавните објекти биле тема на двојно кодирање на нешто што се нарекува цитат кој најчесто бил стилската компонента и содржината на објектот. Така, среќаваме станбени згради во облик на дорски столбови или гаражи за автомобили со изглед на антички палати.

Во случајот на СК2014, обидувајќи се да ги дефинираме клучните поими на проектантската реторика, станува збор за идеализирана реконструкција на монументални општествени објекти со антички стилски карактеристики, најчесто на фасадата. Во проектантската методологија ваквата постапка постои само како стилска цртачка вежба при изучување на стилските карактеристики неопходни за некаква идеализирана реконструкција.

Она што загрижува е прашањето дали една таква безидејна стилска вежба реализирана во конкретниот простор и време, ќе успее да ја исполни својата семантичка интенција (?), а тоа е подигањето на свеста за сопствената идентификација.

Испрати коментар

Scroll To Top