Реконструкцијата на стари населби или
постоечки станбени и јавни објекти е многу
чест градежен зафат во многу Европски земји.
Пред да се започне со неа, најпрвин се
проценува дали постоечкиот станбен фонд има
историски и архитектонско-градежни вредности и
дали се вклопува во околината, согласно изменетите
услови на живот. Потоа, се прават многу анализи,
студии и проекти. Најсетне, се отпочнува со
градежни зафати.
Населбата Southwork во Лондон покрај Темза е
успешен пример за реконструкција на урбана
населба. Овде, стручниот тим експерти процени
дека освен реконструкција на дел од јавните
објекти и старите станбени објекти треба да се
сочува и реконструира старата „рибарска
населба“. Во постоечките станбени објекти од
фугирана тула се изведоа повеќе градежно-
занаетчиски интервенции во ентериерот и на
фасадите се изврши замена на фасадната
столарија. Исто така, се додадоа нови балкони,
натстрешници, а над влезовите се изградија
потпокриви. Покрај нив, се направија и нови
станбени, деловни и угостителски објекти.
После многуте реконструкции и изведбата на
новите градби, овој дел од Лондон, стана атрактивен
дел од градот. Во него сега најимпресивно изгледа
комлексот Horselydown Square.
Комплексот се состои од четири постоечки станбени
објекти, поставени блоковски, кои се комплетно
реконструирани. Тие се со три ката. Внатре се комлетно
реновирани, а исто така и фасадите. На некои делови
се доградени балкони, тераси и потпокриви, а на некои
екрански прозорци со добри визури кон плоштадите или
околните улици. Обликувањето на фасадите и изборот
на бои на комплексот потсетува на италијанските
планински градови.
Концептот на комплексот е да се вклопи со
архитектурата на соседството, а урбаното јадро да се
збогати со внесување на различни нови содржини. Во
него има нови продавници и други локали, две
административни згради и два плоштада. Двата нови
плоштада и попречните пешачки патеки овозможуваат
влез на жителите и граѓаните низ блоковскиот комплекс
и пешачки пристап до реката Темза. Во центарот на
главниот плоштад е поставена фонтана дизајнирана од
Tony Donaldson, опкружена со продавници, кафетерии и
други локали. Во помалиот плоштад се сместени локали
типични за стариот град како што е Anchor Tap Pub итн.
Со оваа адаптација на блоковскиот комплекс е
подобрен квалитетот на живеење на жителите во
Horselydown Square, на пошироката околина, а исто
така, тој е интересен и за многу други посетители и
туристи.
Натка ЌОСЕВА, дипл.инж.арх.