За време на зимските празници бевме во посета на нашите пријатели во маврово. Добивме желба да купиме плац и да изградиме викенд куќа со минимална квадратура во која би се дружеле со пријателите. Не би сакале куќата да е поголема од дваесетина квадрати во основа. Што ни предлагате?
Ана и Петар Мишевски, Скопје
Понекогаш и скромен градителски потфат кој не зафаќа многу простор, ниту користи вишок материјал, може да биде архитектонски интересен и квалитетен. Се надевам дека под мала куќа, освен мала квадратура, подразбирате и едноставност, нужност и чистота во формата. Поетичниот пејсаж однадвор треба да комуницира со ентериерното решение, а организацијата да одговара на вашите потреби и да е рационална. Приземјето го сочинуваат влезниот хол, бањата, кујната и дневната соба, а на катот се две спални соби. Десно од влезот сместена е бањата, а лево мала кујна. Поради малиот простор, вратите од кујната и бањата се лизгачки. Во дневниот престој може да се постави голема група за седење и јадење. Длабочината на клупата за седење е 70 см. Со поставување перници зад грбот, длабочината се намалува и клупата е удобна за седење. Без перниците за грб, на клупата во случај на потреба може и да се спие. Со развлекување, масата за јадење може да се зголеми па во просторијата да се смести поголемо друштво. Долниот дел на клупата изработете го во форма на кутии чии капаци се седишта. Во кутиите можете да оставате различни работи. На ѕидот спроти трпезариската маса поставете старински ормар за облека и резервно столче. Речиси на средина од просторијата се наоѓа железен, отворен камин. И оџакот од каминот е железен и оди до над покривот, но внимавајте добро да го заштитите спојот на железната цевка и дрвениот покрив. Делот на оџакот над покривот мора да биде обѕидан со тула и да е 30 см. над слемето на покривот.
Билјана Стевковкса – Савиќ,
дипл. инж. арх.
Објавено во број 124