Што имаат заедничко Руперт Мердок и Џулијан Асанж покрај фактот што и
двајцата се Австралијци? Одговорот е дека и двајцата се господари на
информацијата. Споредбата е многу симболична: додека едниот го
претставува времето што изминува, другиот ја симболизира иднината што
доаѓа. И додека првиот патува низ светот во луксуз и со фанфари, другиот
живее под закана во животен простор од 20 м2.
Без разлика каков живот водат, целиот свет е засегнат од нивните активности. Руперт Мердок е 82-годишен медиски могул и милијардер. Тој е претседавач на Управниот одбор и извршен директор на "Њуз Корпорејшн" (News Coorporation), втора по големина медиумска империја во светот. Под капа на оваа компанија се наоѓаат огромен број на медиуми меѓу кои најпознати се: издавачката куќа HarperCollins, печатените изданија The Sun, The Sunday Times, The Times, The New York Post, The Wall Street Journal, филмското студио 20th Century Fox, телевизиите Fox International Channels, National Geographic Channel, British Sky Broadcasting, Sky Network Television, интернет-сајтовите Foxsports.com, Hulu итн.
Во 2007 година, "Њуз Корпорејшн" го купи The Wall Street Journal, преземајќи го Dow Jones и плати двојно повисока цена за акциите од онаа што беше актуелна. Ваквиот потег го изненади светот. Во Руперт Мердок, новинарите го видоа својот спасител поради кризата во која се наоѓаат традиционалните медиуми. Сепак, очекуваните иновации во печатеното новинарство изостанаа за сметка на конзервативниот став на Мердок. Во моментов се одвива поделба на "Њуз Корпорешјн" на два дела: филм и ТВ бизнисот на една и издаваштвото од друга страна, со што се чини дека компанијата се обидува да го намали ризикот од турбуленцијата на печатените медиуми.
Дополнително, последниве години Руперт и неговата компанија се во центарот на неколку големи скандали, како што се подмитување на владини претставници, прислушкување на телефонските разговори на славните во обид да се дојде до сторија, мешање во уредничката политика итн. Иако "Њуз Корпорешјн" прави енормни профити, сепак безидејноста на менаџментот, особено во делот на новите информатички технологии, се чини ќе го симнат на колена традиционалното новинарство.
Џулијан Асанж е веројатно се она што Руперт Мердок не е. Хакер или технолошки волшебник, човек без адреса на живеење или поточно бегалец, човек кој оставил се што има заради каузата што го прави модерен Че Гевара. Ако Мердок не го реформираше традиционалното новинарство, Асанж силно го воздигна онлајн новинарството (или електронското издаваштво поточно) на едно повисоко, доминантно ниво. Во 2006 година, во исто време кога Мердок кроеше планови за преземање на The Wall Street Journal (Dow Jones), Асанж го основаше Викиликс (Wikileaks). Замислата беше да се оформи веб страница на која ќе се објавуваат доверливи документи онакви какви што се, без никакв
и интервенции, а притоа гарантирајќи им на "изворите" целосна анонимност и што е најважно милионски прегледи. Финансирањето беше и е исклучиво преку донации. Ни самиот Асанж никогаш не ни помислувал дека неговиот проект може да земе такви размери, да изврши толкаво влијание во светски рамки и него да го направи најголем и најпознат бегалец на светот (после Бин Ладен, секако). Што се случи? Пред сè, голема шлаканица за новинските агенции и компании. Голем број хакери, но пред сè луѓе од секаков калибар кои имаат пристап до доверливи документи, ја наполнија базата на Викиликс. "Изворите" одбраа некој си анонимен вебсајт со дотогаш анонимен основач, наместо познати светски новинари и новински агенции. Само во првата година од своето постоење, Викиликс објави 1,2 милиони доверливи документи.
И уште од самиот почеток, тоа беа навистина скандалозни/ битни/вредни документи, како на пример: наредба потпишана од Шеик Хасан Дахир Авејс за атентати над владини службеници во Сомалија, докази за милијардерска корупција во фамилијата на поранешниот кениски лидер Даниел Арап Мои, детални процедури за кампот Гвантанамо со загрижувачки наоди за правата на затворениците, наводи за илегални активности на филијалата на Кајманските острови на швајцарската банка "Јулиус Баер", тајните прирачници ("библии") на Скиентолошката црква, Минтон извештајот за несоодветниот и крајно опасен третман на хемикалии на компанијата "Трафигура" во Брегот на Слоновата Коска и уште многу други. Но вистинскиот бум започна во 2010 година кога Викиликс започна да објавува доверливи информации за американските операции во Ирак и Авганистан.
Денес, архивата на објавени документи преку Викиликс е "тешка" неколку милиони документи, бројка на која можат да позавидат сите големи светски медиуми. Вебсајтот www.wikileaks.org во моментов содржи неколку групи на документи како што се: • WikiLeaks Public Library of US Diplomacy (PlusD) или познати како The Kissinger Cables – содржи околу 1,7 милиони документи кои се однесуваат на надворешната политика на САД по последните 40 години. • Detainee Policies – повеќе од 100 документи со правила и процедури за воените затвореници во САД. • Syria Files – повеќе од два милиони мејлови од истакнати сириски политички фигури, министри и компании. • The Global Intelligence Files – над пет милиони мејлови од компанијата "Стратфор" и уште многу други. Материјалот во овие архиви е толку обемен што сигурно ќе се проучува и цитира во годините што следат бидејќи на некој начин претставуваат историски архив.
Она што е интересно за текстов, е што тие архиви се наоѓаат на Интернет и со самиот факт што се преземени милиони пати, значи дека тие се распространети низ целиот свет. Основната инфраструктура за овој проект се серверите што ги хостираат архивите на Викиликс. Серверите се со прости зборови компјутери чија намена е да ги складираат документите и со оглед на поврзаноста во мрежа, да овозможат пристап до тие документи. Колку што е познато денес, серверите се наоѓаат некаде во Швајцарија, откако претходно беа во стар, преуреден бункер во Стокхолм и во мало француско гратче блиску до границата со Белгија.
Поради честите правни проблеми, Викиликс размислува да ги премести серверите на брод кој ќе плови во меѓународните води, со цел да ја избегне јурисдикцијата на неколку земји кои очајно се борат да го уништат проектот. Токму технолошкото знаење и поддршката што ја има Викиликс од технолошката заедница се главните причини зошто проектот е сè уште актуелен. Уште еднаш технолошките волшебници ја покажаа својата надмоќ, па дури и ако од другата страна се наоѓаат и светски велесили. Џулијан Асанж не е новинар, без разлика што го уредува вебсајтот, што располага со документи и што одлучува за нивната иднина. Документите не ги едитира, ниту пак ги претставува низ свој коментар. С
епак, досега сработеното со право му донесе неколку престижни награди: 2009 Amnesty International UK Media Award, Sam Adams Award, Sydney Peace Foundation gold medal, Martha Gellhorn Prize for Journalism, 2011 Walkley Award итн. Со помош на заедницата, односно "изворите" и поддржувачите (меѓу кои и финансиските донатори) овој проект е сè уште активен. Викиликс има уште документи за објавување, а трендот ќе продолжи и понатаму. Она што е особено интересно, инспирирани од Викиликс, почнуваат да се создаваат и локализирани верзии на истиот. Така, денес имаме и BalkanLeaks, кој постои на www.balkanleaks.eu, а е наменет за објавување на доверливи документи од земјите од Балканот. Луѓето повторно ќе читаат вести, но тоа ќе биде преку Интернет. А Интернет како медиум е попотребен и специфичен.
Оние што планираат да го користат, мора да бидат во тек со информатичката технологија.
Трајче Стојанов, дипл.инж.арх.