Градот Скопје работи на решавање на проблемот со загадувањето и во летниот период кога никој не ги чувствува последиците од загадениот воздух. Штедењето на енергијата директно влијае на намалување на загадувањето. Зградите на 23-те градски средни училишта спаѓаат во редот на најголемите објекти во градот, а поставувањето енергетски ефикасни фасади во сите нив подразбира огромни заштеди на енергија и значително помали трошоци. Во таа насока, во рамките на Програмата за енергетска ефикасност на градските установи 2018-2020 и Акцискиот план кои ги изготвивме на почетокот на оваа година, во тек е реконструкцијата на фасадите на средните училишта во градот“ – вели градоначалникот Шилегов.
Од градот додаваат дека покрај реконструкцијата на фасадите Град Скопје ова лето работи и на реконструкција на внатрешноста на објектите на средните училишта, таму каде што е потребно.
Градоначалникот Шилегов изјави: „Висината на вкупните средства за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари за 19 училишта, кои ќе добијат енергетско ефикасни фасади, санирани покриви, надворешна столарија, подови, електрика и греење. Дел од училиштата започнуваат и со адаптација на тоалети за лицата со посебни потреби. Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата предвидени за проектот „Скопје 2014“. Градот се грижи за сите граѓани подеднакво, секој да има услови за нормално функционирање и живеење. Наша цел е сите средни училишта што се во надлежност на Град Скопје да имаат енергетско ефикасни фасади и просторни услови кои ќе овозможат подостоинствено функционирање и на нашите ученици и на вработените во училиштата. Скопје го правиме енергетско ефикасен град, бидејќи Скопје е град за сите. Нашите деца заслужуваат да учат во подобри услови. Тие услови, на нашите ученици им ги овозможуваме со почетокот на новата учебна година “.
Во тек се реконструкциите на фасадите на средните училишта „Димитар Влахов“, „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Никола Карев“, „Боро Петрушевски“, „Здравко Цветковски“, „Панче Арсовски“, „Сарај“, „Панче Караѓозов“ и „Михајло Пупин“. Заврши и тендерската постапка за реконструкција на фасадите на средните училишта „Марија Кири Склодовска“ и „Цветан Димов“ каде што деновиве ќе започнат градежните активности, а овие училишта ќе добијат целосно нови фасади.
Но енергетската ефикасност не значи само лепење на „стиропор“ на фасада. Ова најдиректно ја уништува автентичноста на објектите. Поради тоа развиените земји работат стручно и размислуваат за заштита на автентичноста на архитектурата на објектите од минатите години истовремено подобрувајќи ги перформансите на објектот. Таква е на пример британската асоцијација The Society for the Protection of Ancient Buildings (SPAB). SPAB има за цел да ја промовира вредноста и грижата за старите згради. SPAB зема долгорочен став, повикувајќи дека во нашите сопствени акции ќе го очуваме наследството што ќе го оставиме на идните генерации.
Препознавање и чување на нашето архитектонско наследство е цивилизациски чин и треба да претставува една од нашите основни цели, особено што практичното, лично искуство веќе требаше да не научи како непрепознавање на наследството влијае на општеството во целост.
Енергетска ефикасност е наука која секако не се сведува само на „стиропор“ на фасада. А зборовите гас, ДУП, зеленило, борба против загадувањето и енергетска ефикасност се најзлоупотребуваните кога се говори за доброто на градот.
Средното училиште „Јосип Броз Тито“, еден од најдобрите објекти од образованието кај нас веќе „стана“ енергетски ефикасно со апсолутно губење на автентичноста на фасада поради лепење на стиропор премачкан со приближно истите бои како автентичната фасада и замена на елоксираниот алуминиум на градежните отвори со ПВЦ.
Сега е на ред училиштето „Орце Николов“ кое се надеваме подобро ќе помине според тоа што ни го изјави еден од неговите проектанти, архитект Александар Смилевски. Тој за Порта 3 вели: „По иницијатива и интервенцијата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), бев повикан на состанок во Град Скопје. На состанокот ми беше претставен проект за подорување на изолацијата на објектот направен од друг архитект. Се почувствува непријатно бидејќи не бев консултиран ниту од градот, ниту од колешката која добро ме познава. Во Град Скопје беа мошне љубезни, но состанокот беше одржан со претставник кој воопшто не е инженер“. Вели дека натур бетонот на фасада ќе остане или така поверувал, бидејќи фотографиите велат друго. Дека не се согласува со интервенцијата со кос кров од ребраст лим кој ја нарушува композицијата на објектот и со облагање на венците на објектот со стиропор. Својот став го искажал и на втората средба на која бил поканет и се одржала на самиот објект.
Архитектите говореле на тема „енергетско подобрување на објектите“. Повеќе за ова можете да прочитате на порталот МАРХ, на следниот линк.