Сопствениците на постари станови стравуваат од намалување на вредноста на нивните домови по воведувањето на енергетските пасоши. Доколку сакаат да ја задржат вредноста и да им конкурираат на новите објекти, станарите треба да инвестираат солидни суми во соодветна изолација, со која ќе се обезбеди енергетска ефикасност. Градежниците се согласни дека со воведувањето на енергетските пасоши ќе се направи разлика меѓу старите и новите згради, но сметаат дека тоа не мора да значи намалување на цената на старите станови, иако не ја исклучуваат и таа можност.
Врз основа на Законот за енергетика и Правилниците за енергетски карактеристики и за енергетска контрола, зградите во иднина ќе се категоризираат, но за да почне издавањето на пасошите треба да се обучат и овластат лица за вршење енергетски контроли. Веќе се избрани фирми што ќе ги прават обуките и каде што ќе се полагаат испити за енергетски контролори, кои се објавени на веб-страницата на Агенцијата за енергетика.