Воените бродови во иднина би можеле да бидат правени од ултрајака пластика и графен, наоружани со оружје кое се движи со огромна брзина, а со нив би командувал само дел од екипажот кој денес е потребен. Овие предлози се само некои од идеите на научниците, инжинерите и архитектите кои британското министерство за одбрана ги организираше во работната група „Стартпоинт“. Проектот под името „Дреднот” (наречен по револуционерната класа бродови кои британска кралска морнарица ги лансираше 1906. година) замислен е со цел разгледување на нови решенија за воените бродови на иднината, пишува Би-Би-Си.
Идеите вклучуваат и правење бродови од ултрајаки акрилни материјали, кои не само што се полесни од металите, туку можат да го менуваат изгледот од непроѕирен до проѕирен со пуштање на електрична енергија низ нив. Материјалите како графенот би можеле да се искористат за зајакнување на структурата на бродовите, како и обложување на трупот на бродот со нив со цел да се намали триењето што ќе ја намали потрошувачката на енергија. Инженерите исто така предлагаат и развој на фузиони реактори кои би обезбедиле многу поголема моќност. Се предлага и користење на дронови кои би кружеле околу бродовите и би служеле како радар односно би помагале во соборувањето на непријателските проектили.
Поморските стручњаци сугерираат наоружување на бродовите со електромагнетни топови, чија брзина на проктилите се споредува со онаа на денешните крстосувачки ракети. Што се однесува до командниот мост, се предлага холограмски команден центар. Поради сите овие технолошки иновации, се очекува бројот на екипажот да се сведе на 50, наместо сегашните 200. „Иако некои од овие технологии и решенија звучат како моментално недостижни, извесно е дека во догледна иднина ќе станат реалност“, вели Муир Макдоналд, еден од челните извршни луѓе на „Стартпоинт“.