Енергетската заедница пред неколку дена ја објави студијата во чиј фокус се наоѓа производството и употребата на зелен водород, кој како што се истакнува, ќе одигра важна улога на патот кон постигнување на климатска неутралност. Државите на западна Европа, Австралија и Јапонија можат да се пофалат со развиена водородна стратегија и важни актуелни и планирани проекти кои се однесуваат на овој зелен извор на енергија, додека истото може да се каже и за добар дел од Азија, па и Африка. Водородот има бројни предности кои го доведуваат во центар на вниманието кога станува збор за обновливи извори на енергија. Помеѓу останатото, во студијата се истакнува изобилството на овој елемент, бидејќи се наоѓа во многу соедниненија од кои може да се екстрахира и да се користи. Освен тоа, водородот се одликува со висока гравиметриска густина на енергијата. Во текот на оксидацијата на водородот, се ослободува 120 MJ / kg, што е речиси три пати повеќе од густината нa енергијата по маса кај традиционалните фосилни горива (метан 55,6 MJ / kg, бензин 46,4 MJ / kg, дизел 45,6 MG / kg , сирова нафта 42 MJ / kg и јаглен 26-33 MJ / kg). Исто така, користењето на водородот не резултира со емисии на CO2, додека складиштењето на ова гориво е релативно лесно имајќи во предвид дека лесно може да се чува во големи количини и на подолг временски период. Она што како предност на водородот се истакнува е секако неговата широка применливост, а во пракса се покажало дека за одредени намени е далеку попрактичен од другите горива. Водородот денес се користи за индустриските процеси, како што се синтеза на амонијак, преработка на масла и производство на храна, се наведува во студијата.
Сепак, извесно е дека водородот полека ќе се вовлече во бројни сектори кои во моментот користат фосилни горива, бидејќи оваа транзиција ќе бара мали прилагодувања во процесната технологија. На пример, водородот би можел да се користи во синтезата на амонијак за производство на ѓубрива со ниска концентрација на јаглерод, како и за добивање на горива со ниска емисија нa јаглерод диоксид. Ова, како што се наведува во студијата, најверојатно ќе биде прва употреба на водород низ која понатаму ќе се промовира овој чист извор на енергија. Водородот исто така може да се користи како извор на топлина во индустриските процеси, особено онаму каде што се потребни високи температури и значајни количини на влезна енергија. Додека денес се користат јаглен, кокс или гас, водородот би можел да се користи како замена за тие фосилни горива, значајно намалувајќи го јаглеродниот отпечаток на индустријата. Се очекува возилата со погон на водород да имаат дополнителни предности во однос на електричните возила во комерцијална примена како што се автобусите и камионите. Освен тоа, во студијата се вели дека водородот е погоден и за напојување на возови, бродови, авиони и како гориво во тешката индустрија, како што е индустријата за производство на челик.