Насловна / Вести / Енергетската ефикасност стана законска обврска

Енергетската ефикасност стана законска обврска

Иако енергетската сертификација на објектите кај нас веќе одамна беше дефинирана во Правилникот за енергетски карактеристики на згради (Службен весник на РМ, бр. 94 од 4.7.2013 година), и веќе беа спроведувани и обуки за овластени енергетски контролори, сепак во практиката за жал не заживеа енергетското сертифицирање. Донесувањето на Законот е во согласност со Директивата на ЕУ за енергетска ефикасност EU/2012/27, Директивата за енергетски карактеристики на згради 2010/31/ЕU, Регулативата за енергетско означување на производите кои трошат енергија 2010/30/ЕU и Директивата за екодизајн за производите кои трошат енергија 2009/125/ЕC. Конечно, со стапувањето на сила на Законот за енергетска ефикасност, оваa проблематика станува обврска, за чие неисполнување предвидени се прекршочни одредби односно парични казни.

37589-hero

СЕРТИФИКАТ ЗА НЕДВИЖНОСТИТЕ

Според тоа, во иднина секој што ќе продава или издава стан (стар или нов) ќе мора да приложи и документ за енергетската ефикасност на недвижноста, односно сертификат за енергетска ефикасност издаден од страна на лиценциран енергетски контролор. Овој документ ќе се издава за период од 10 години.  На тој начин купувачот ќе биде запознаен со потрошувачката на енергија (електрична и топлинска) на станот, односно ќе има сознание за експлоатационите трошоци (трошоците за енергија). Дали и колку овие информации ќе успеат да го регулираат нашиот пазар со недвижности, каде сè уште првенствено локацијата ја диктира и цената, веројатно многу скоро ќе се увериме.

Fasada

Новиот закон не ги обврзува само станбените згради, туки и големите претпријатија (големи трговци, како што се дефинирани во законот), единиците на локалната самоуправа, но и јавниот сектор од кого особено се очекува да покаже пример во практиките од областа на енергетската ефикасност. Во таа насока, енергетските контролори отсега натаму ќе бидат обучувани и овластени посебно во две категории – едната како и досега ќе се однесува на енергетските контролори за згради, а другата ќе се однесува за енергетски контролори во индустријата. Некои експерти сепак укажуваат дека слабост на законот се наведените критериуми кои треба да ги исполнуваат енергетските контролори, кои во однос на образованието (180 кредити) се пониски од  образованието на инженерите.

m-30797

Енергетски ознаки ќе добијат сите згради или градежни единици со вкупна корисна подна површина поголема од 250 метри квадратни кои се користат од јавниот сектор. Вакви ознаки, без разлика на вкупната корисна подна површина, ќе добијат и новоизградени згради или градежни единици кои се реконструирале и зградите кои се предмет на продажба или закуп. Енергетски контроли и ознаки нема да има за самостојни згради со вкупна корисна подна површина помала од 50 метри квадратни,  згради за кои не се издава одобрение за градба, верски објект, објекти од времен карактер, помошни објекти како и згради заштитени со закон и кои се културно и споменично наследство, доколку усогласеноста со дел или со сите минимални барања за енергетска ефикасност го менува нивниот карактер или изглед.

ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА САМО СО ПОТВРДА ЗА  ЕЕ

Законот утврдува дека веќе нема да може да се даде одобрение за градба без поднесена потврда за енергетска ефикасност. Тоа значи дека инвеститорите заедно со барањето за издавање одобрение за градење нови згради или значителна реконструкција на постојна зграда или градежна единица кое се поднесува до надлежен орган, да поднесат и потврда за усогласеност која ја дава лиценцираниот енергетски контролор.

fotolia_39644859_c_c_ingo_bartussek

Министерството за економија и Министерството за транспорт и врски кои се одговорни за градбите и нивната енергетска ефикасност треба да донесат план за зголемување на бројот на згради со приближно нулта потрошувачка на енергија и да го утврдат рокот од кога сите нови згради кои се градат, а кои се користат или се во сопственост на јавниот сектор мора да бидат згради со приближно нулта потрошувачка на енергија.

Европската Унија, пак, предвидува рокот сите згради да имаат приближно нулта потрошувачка на енергија да биде 31 декември 2020 година, што е пропишано во член 9 од Директивата за енергетски карактеристики на згради (EPBD – Energy Performance of Building Directive).

Со лиценца за вршење на енергетска контрола на згради може да се стекне трговец поединец или правно лице кое има вработено најмалку едно лице кое има овластување за енергетски контролор на згради. Лиценцата за вршење енергетска контрола на згради важи за период од пет години, со можност за продолжување на секои пет години, додека, пак, овластувањето за енергетски контролор на згради важи за период од три години, со можност за продолжување на секои три години. Агенцијата за енергетика води евиденција на сите лиценцирани контролори.

socket-304983_1280

ЕНЕРГЕТСКО ОЗНАЧУВАЊЕ НА ПРОИЗВОДИ

Со законот се регулира и означувањето (енергетско означување) на производите кои користат енергија произведени дома или се увезуваат. Техничката спецификација на овие производи мора да ги содржи потребните информации за потрошувачката на енергија и да има етикета со која се означува енергетската класа на производот.

Во врска со јавните набавки, Законот за енергетска ефикасност носи новини и во делот на набавка на производи кои користат енергија и кои се предмет на енергетско означување. Имено, за набавки чија вредност е повисока од 70 илјади евра техничката спецификација од тендерската документација мора задолжително да содржи податок за најниската прифатлива енергетска класа на производот(ите) кои (с)е предмет на набавка. Оваа обврска треба да се бара и од изведувачите и подизведувачите, при набавки на услуги и работи со вредност повисока од 70 илјади евра.

574221

Единиците на локалната самоуправа, се обврзани да подготват и по добиено позитивно мислење од Агенцијата за енергетика, да донесат програма за енергетска ефикасност на секои три години.

Големите претпријатија (големи трговци) се должни да спроведуваат енергетска контрола во своите објекти на секои четири години. Првата, со стапувањето на Законот на сила се обврзани да ја направат веќе до крајот на годинава, односно најдоцна до 31 декември 2020. Доколку компаниите имаат имплементирано систем за управување со енергија согласно ИСО стандардите (ISO 50001), тогаш тие немаат обврска за енергетска контрола, бидејќи тоа секако е усогласено во рамките на имплементираниот систем.

Законот предвидува формирање на ЕСКО компании за енергетски услуги и Фонд за енергетска ефикасност со цел финансирање и реализација на проектите од областа на енергетската ефикасност. Сепак, кога вистински ќе профункционира фондот тешко е да се претпостави, имајќи предвид дека неговото основање, надлежностите и начините на финансирање треба да се уредат со посебен закон, но исто така и свесни за фактот дека основање на ваков фонд се заговара безмалку десет години наназад.

53ee7fe9208291de89ca

Охрабрува фактот што Законот за енергетска ефикасност предвидува казни за правните лица и одговорните лица кои нема да ги исполнат своите обврски, и истите се движат до 10 илјади евра за правното лице, односно до илјада евра за одговорното лице кај правното лице. Можеби конечно ќе бидеме сведоци на внимателно и енергетски одговорно градење на објектите, и уште позначајно, конечно навистина ќе се води грижа за потрошувачката на енергија кај јавните објекти. Последниве се огромни потрошувачи на енергија, а трошоците за тоа неодговорно однесување за жал се на товар на целото општество.

Слика-6-Инсолација-на-јужна-фасада

„Порта 3“ ги следи состојбите во оваа област, и секако ќе бидеме тука за да ги споделиме со нашите читатели првите позитивни придобивки од имплементацијата на законот, но секако како и многупати досега да бидеме гласноговорници на струката, да посочиме на одредени недоследности  и да повикаме на акција од страна на надлежните.

Испрати коментар

Scroll To Top