Енергетската ефикасност веројатно е еден од најчесто употребуваните термини во последните години. По дефиниција значи користење на помалку енергија за генерирање на идентичен производ или услуга (без нарушување во нивниот квалитет). Сепак, фразата неретко се користи и за опишување на било каква мерка на заштеда на енергија, иако технички не секоја мерка на заштеда значи и енергетски ефикасна мерка, додека пак, секоја енергетски ефикасна мерка носи заштеда на енергија.
Сите се свесни за придобивките од енергетската ефикасност во смисла на заштеда на енергија и финансиски средства. Се работи за инвестиции со исклучително низок ризик (особено во секторот на градежни објекти) и релативно краток период на исплатливост. Оттука, кај секој од нас ваквите резултати делуваат стимулативно. Но, да ја погледнеме големата слика. Дали и на национално ниво се трудиме да ја пресликаме мотивираноста да се заштеди енергија и пари. За жал, ако се споредиме со развиениот свет, немаме многу причини да бидеме задоволни. Имајќи предвид дека науката веќе сериозно ги проучува врските меѓу енергетската ефикасност и економскиот раст, односно енергетската ефикасност и емисијата на стакленички гасови, сосема е јасно дека во оваа област се кријат многу можности за напредок, и повеќекратни придобивки.
Подобрувањето на енергетската ефикасност мора подеднакво одговорно да се третира во сите сектори – резиденцијални, деловни и јавни објекти, индустријата и сообраќајот. Во делот на енергетската ефикасност кај објектите од различна намена, се работи за класичен сет мерки кои се реплицираат од објект во објект.
Јавните објекти како посебна категорија во овој сектор, во Македонија се сериозен потрошувач на енергија, и тоа од повеќе причини: дел од објектите биле градени во постземјотресниот период кога енергетската ефикасност не била соодветно третирана, со објектите стопанисуваат различни субјекти, непостоење законска обврска за енергетска ефикасност. Без оглед дали се работи за потрошувачка на електрична или топлинска енергија, од особена важност е објектот да биде проектиран, изведен но и експлоатиран на начин кој ќе му овозможи оптимална потрошувачка на енергија и оптимални оперативни трошоци во текот на животниот век.
Енергетските карактеристики на зградите кај нас се регулирани во Правилникот за енергетски карактеристики на згради од 2013 година (Службен весник на Р.М 94/2013, што е всушност транспонирана ЕУ директива за енергетски карактеристики на згради 2010/31/EU), но за жал пазарот сеуште не е адаптиран кон овие промени. Во исто време во ЕУ се донесуваат уште построги критериуми кои го регулираат ова подрачје. Директивата 2018/844/EU која во ЕУ стапи на сила од 9ти јули 2018 година, предвидува сите нови згради до 31 декември 2020 година да бидат т.н nZEB – nearly Zero Energy Buildings, односно згради кои ќе имаат потрошувачка за енергија речиси еднаква на нула. За новите јавни објекти рокот за nZEB е 31 декември 2018 година. Дополнително, ниту еден објект не смее да биде предмет на продажба или издавање под закуп доколку нема енергетски сертификат.
Од друга страна пак, индустријата бара поинаков пристап ориентиран кон конкретниот процес и технологија. Во Македонија, индустријата има голем потенцијал за заштеда на енергија и преку системи за рекуперација на отпадна топлина од самите технолошки процеси, како и со замена на постоечките мотори со поефикасни, односно со понова генерација мотори со висока енергетска ефикасност. Дополнително, во прилог на тврдењето за огромниот потенцијал за заштеда на енергија во индустријата, оди и фактот дека носечките индустриски гранки во земјата – челичната индустрија и воопшто металургијата, се исклучително енергетски интензивни, односно сектори со голема потрошувачка на енергија по единица производ. Се проценува дека само врз основа на замена на електромоторите со поефикасни еквиваленти, ќе се оствари заштеда на енергија од 20-25 отсто.
Енергетската ефикасност на возилата, односно потрошувачката на гориво по изминат километар, секако е малку експлоатирана тема, имајќи ја предвид просечната старост на автомобилите низ нашите патишта. Се разбира, не помалку важни се и придобивките во однос на намаленото загадување на воздухот, како резултат на намалената емисија на штетни гасови на новите возила.
Енергетската ефикасност секогаш е добра идеја. Често, подобрувањето на енергетската ефикасност не бара никакви инвестиции, туку само подобрување на однесувањето.
Како и да е, работите во оваа област мора да се менуваат, а претстојното донесување за првпат на Закон за енергетска ефикасност во Македонија е сериозен чекор напред. Во моментот во фаза на подготовка е нацрт верзијата, која најверојатно во почетокот на 2019 ќе треба да финализира во конечен документ. Поставувањето на одредбите од оваа сфера во форма на Закон, носи голем број обврски за сите чинители, што секако треба да донесе еден поинаков однос кон оваа проблематика.
Во врска со Нацрт-законот за енергетска ефикасност од Министерството за економија велат дека Македонија има обврска да транспонира повеќе директиви и регулативи во националното законодавство од областа на енергетската ефикасност, и тоа: Директива 2012/27/ЕУ за енергетска ефикасност, Директива 2010/31/ЕЦ за енергетски карактеристики на зградите, Регулативата 2017/1369 за утврдување на рамка за означување на потрошувачката на енергија, како што се усвоени и изменети од Министерскиот совет на Енергетската заедница.
Ако се погледаат анализите на Енергетската заедница во поглед на напредокот на Македонија во областа на енергетската ефикасност, и двата последни извештаи (за 2016 и 2017 година) нотираат недостаток на политичка волја за решавање на проблемите со енергетската ефикасност. Сепак, Извештајот од 2017 година истакнува дека донесувањето на третиот Национален Акционен план за Енергетска ефикасност (НЕЕАП) во јули 2017, е голем исчекор кон подобрување на состојбите.
Во очекување на резултатите од новите политики во областа, првенствено како резултат на Законот за енергетска ефикасност, можеме уште еднаш (по којнае кој пат) да се воодушевуваме на постигнувањата на развиените економии. Имајќи ги предвид констатациите на почетокот од текстот, за поврзаноста меѓу енергетската ефикасност и економскиот раст, воопшто не треба да изненадува фактот дека токму најразвиените економии во светот предничат и во областа на енергетската ефикасност.
Американскиот совет за енергетски ефикасна економија (ACEEE), ја оценил енергетската ефикасност на 16 развиени светски економии врз основа на четири критеруими (објекти, индустрија, сообраќај, и напори за намалување на трошоците за енергија на национално ниво). Анализата е направена за податоци од 2014 година. Според ова рангирање Германија го зазема првото место и во генералниот пласман и во категоријата индустрија. Со тоа, Германија покажува дека значителен удел во економскиот раст има нејзината политика на посветеност кон енергетската ефикасност како еден од главните приоритети. Точно е дека инвестициите сепак се привилегија на богатите, а кај енергетската ефикасност прво треба да вложите за да добиете бенефит. Но тоа, секако не е оправдување за сиромашните земји. Добро е познато дека во регионот речиси сите економии имаат висока енергетска интензивност односно, имаат однос на потрошувачка на енергија 4:1 за ист производ или услуга споредено со просекот на ЕУ. Изгледа уште долго кај нас ќе остане поговорката “сиромавиот плаќа два пати“, или уште подоследно имајќи го предвид претходниот сооднос, “сиромавиот плаќа четири пати“.