Шест земји, договорни страни на Енергетската заедница, обезбедиле повеќе од 900 милиони евра субвенции за јаглен за 2018 и 2019 година, што е речиси непроменета состојба во однос на претходните три години. Ова го констатира Енергетската заедница во студијата објавена на 3-ти декември. Анализираните земји се: Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија, Србија и Украина. Во петгодишниот период од 2015 до 2019 година, овие шест држави дале над 2 милијарди евра во вид на субвенции за јаглен. „Самиот обем на субвенции потрошени на најзагадувачкиот извор на енергија е алармантен. Иако Европската унија е одлучна да го исфрли јагленот, извештајот покажува дека договорните страни и натаму се заглавени во минатото“, вели Јанез Копач, директор на секретаријатот на Европската заедница. Студијата, исто така забележува дека субвенциите често се давале на непрофитни и неефикасни термоцентрали и рудници за јаглен. „Субвенциите значајно ги искривуваат енергетските пазари, испраќајќи погрешни сигнали за потенцијалните инвеститори и потрошувачи и негативно влијаат врз донесувањето на одлуки за идниот развој на електроенергетскиот сектор. Продолжувањето на оваа практика е директна препрека за енергетската транзиција и исполнувањето на целите во однос на јаглеродната неутралност“ се заклучува во студијата.
Во апсолутен износ, субвенциите биле најголеми во Украина, Босна и Херцеговина и Србија. Украина обезбедила 751,52 милиони евра субвенции за 2018 и 2019 година, Србија 88,76 милиони евра, Босна и Херцеговина 42,91 милиони евра, Косово 12,7 милиони евра, Македонија 3,83 милиони евра и Црна Гора 1,14 милиони евра.