„Сите линии се една линија: тоа е онаа на чудото наречено Живот.“ – Владимир Георгиевски
Владимир Георгиевски во своето ателје на Архитектонски факултет ( Автор на фотографијa Станимир Неделковски, фотографијата е дел од Монографијата испечатена минатата година од МГС )
Нема подобар начин да се почне да се пишува за овој великан на македонската уметност, воедно и наш ценет професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, отколку со негов цитат кој точно ја одразува неговата голема љубов кон уметноста, потрагата по суштината на животот, како и неговите филозофски погледи на светот.
И сето тоа со одличен повод. Охрид, кој и ова лето дишеше со полнограден капацитет во духот на уметноста, имаше чест во изложбениот простор на Куќата на Робевци да ја има прекрасната изложба на 20 дела од почитуваниот професор Владимир Георгиевски.
Владимир Георгиевски (1942 – 2017) е еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници. Студирал сликарство на Академијата за ликовни уметности во Белград, а во 1970 година таму завршил и постдипломски студии во класата на Младен Србиновиќ. Покрај активното творештво, во периодот од 1980 до 2017 година работи и како професор по сликарство, пластично обликување, историја на уметност, сценографија и костимографија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Добитник е на највисоката награда за животно дело од ОСТЕН во 2014 година и на титулата Doctor Honoris Causa во 2017година од Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје. Владимир Георгиевски, исто така, создал сценографски и костимографски решенија за бројни претстави и за неколку играни филмови во Македонија и во земјите на поранешна Југославија. Многу градови имале среќа да бидат домаќини на неговите самостојни изложби: Скопје, Белград, Истанбул, Виена, Рим, Киев, Софија и Санкт Петербург. Како член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија учествувал и во многу групни изложби.
Генерации денешни архитекти со голема почит и носталгија се присетуваат на неговите часови, на неговата посебна умешност, едноставност и одмерен глас со кои знаеше да заинтригира и да прошета низ материјата, но не само фактографски, туку и на начин да се размислува, и да се бара смислата во секој сегмент од животот. За него сите студенти беа еднакви и нѐ третираше како свои деца, што веројатно, придонесе неговите часови да добијат епитет на најомилени и најпосетувани. Ние, студентите, се претворавме буквално во уши и очи, жедни да восприемиме што е можно повеќе од неговите извори на мудрост и знаење. Остави цела армија архитекти кои нестрпливо чекаа да дојдат неговите часови, неговите секогаш инспиративни лекции, со кои ни ги отвори хоризонтите кон уметничките и кон архитектонските вредности, како и патот што треба да го изодиме како изградени личности – професионалци. Како архитекти имавме неверојатна можност да ни предава така голем, а скромен човек, посебен, некалкулативен во своите предавања, зашто ние, студентите, му бевме центарот на светот, за кои не се штедеше никогаш, дури и во неформални разговори кога ќе нѐ сретнеше во ходниците на Архитектонскиот факултет или надвор кога чекавме да влеземе на театарска претстава. Тој никогаш не ни го кажуваше заклучокот до крај, не ни наметнуваше мислење, туку во вид на прашање, ќе ја заскокоткаше нашата љубопитност и во пауза од тишина, ќе нѐ оставеше да дојдеме самите до заклучокот, да размислиме, да прочепкаме по вистината, до поентата на нешто. Овој голем човек веројатно не беше од овој свет, беше дар од некоја друга димензија на Универзумот, зашто само тој успеа да нѐ научи на можеби најважната лекција, најпродуховената, најодговорната, животната, како да ја препознаеме естетиката и човечноста, како да нурнеме во духовната димензија, да се преиспитуваме, да ја бараме суштината на животот исто како и неговиот донкихотски лик кој неуморно трага и се бори за вистината и за суштината на човековото постоење. Неговите зборови како да се сѐ уште живи и одѕвонуваат како ехо, се надевам и во нашите дела. Зашто – да се црта, за него значеше да се живее, значеше да се пронајде убавината во човештвото, во секоја пора на овој мистериозен и несфатен свет.
За овој голем човек, во негова чест, зимата беше организирана изложба – омаж на Владимир Георгиевски, што се одржа во Музеј на Град Скопје во период од три месеци, од декември 2022, заклучно до февруари 2023 година, по која следуваа серија изложби со избрани дела од неговиот опус, сите во организација на Музеј на Град Скопје и на неговата ќерка, Фросина Георгиевска, а во соработка со мрежата на локални музеи и домови на култура во Македонија, MuseumLink. 40 избрани дела на Владимир Георгиевски од приватната колекција на неговото семејство, пропатуваа во различни градови низ државата, распоредени паралелно во две поставки, секоја по 20 дела, едната со поголем формат на слики, а другата со помал, избрани за да можат да се распоредат во различни изложбени простори, зависно нивната големина.
Отворање на изложбата: Јасминка Намичева (МГС), Сашо Блажески од Галеријата Куќа на Робевци Охрид и Фросина Георгиевска, ќерка на почитуваниот професор и уметник Владимир Георгиевски
Па така, поставката која брои 20 дела со помал формат, гостуваше во Свети Николе, Гевгелија, Неготино и Кратово, каде изложбените простори се помали, а другата поставка со 20 дела во поголем формат, гостуваше во Штип, Велес, Кавадарци, Крива Паланка и последно во Охрид. Куманово е еден од следните градови кои ќе ја имаат честа да бидат домаќини на една од изложбените поставки, а се преговара и за други градови кои допрва треба да бидат објавени.
Сегмент од изложбата во Охрид на избрани дела од Владимир Георгиевски (фото: Дамјан Балкоски)
Охриѓани како и бројните домашни и странски туристи имаа извонредна можност да ја посетат изложбата во период од две недели. Свеченото отворање беше на 15 јули во Музејот на Робевци. На отворањето свое обраќање имаа носителот на изложбата, Јасминка Намичева од Музеј на Град Скопје и ќерката на почитуваниот професор Георгиевски, Фросина Георгиевска. Во своите обраќања, тие дадоа краток осврт кон сликарството на Георгиевски со идеја неговите дела да допрат до што е можно поголема публика и љубители на уметноста и надвор од главниот град, а со тоа луѓето да добијат можност да се запознаат со неговиот опус и со неговиот уметнички свет. Како што впрочем кажа и на отворањето, неговата ќерка Фросина Георгиевска, делата не треба да стојат во подрум, туку да излезат и да проговорат за бројните теми кои му беа интерес на уметникот, за кои размислувал и ги обработил во своите дела. Изложбата за нас, неговите студенти, а сега веќе зрели професионалци, беше повеќе од емотивна.
Атмосфера од изложбата во Охрид на дела од Владимир Георгиевски(фото: Дамјан Балкоски)
Средбата со уметничкиот свет на Георгиевски нѐ врати во деновите кога цртавме во ателјето, миризбата на боите, класичната музика во заднина, клупите со штафелаи на кои седевме и цртавме, а околу нас огромниот висок простор со лентовидни прозорци во кој толку сакавме да седиме и да работиме со часови, ѕидовите со залепени уметнички дела од студентите после секој час и секако, професорот, кој одеше од штафелај до штафелај, сугерирајќи ни на секој поединечно околу нашата работа и дело.
Автопортрет на Владимир Георгиевски
Овојпат боите, мотивите, симболите, пораките, ликовите од секоја негова слика оживуваа пред нашите очи и говореа, онака како што тој говореше во живо. Па, тука беа пејзажите со храмовите на душата, пејзажи од предели во импресионистички шмек, мртвата природа која живописно оживуваше, цветните мотиви кои се провлекуваа како детал за скриената убавина на светот, тука беше крстот како симбол на човековите маки и страдања во овој живот, чија тежина ја носи секој од нас на својот грб, крстот на кој се распнува човековата суета, тука беше македонскиот Дон Кихот кој упорно се бори да ја дофати својата ѕвезда, македонското Сонце за да ја постави меѓу ѕвездите на Европската Унија, тука беше весникот со испишана парола Побједа, тука беа портретите на луѓето на кои успеваше да им ѕирне во душа и секако, тука беше тој, беше неговиот автопортрет.
Се присетив на неговите зборови, кога нѐ учеше дека автопортрет е најтешко да се нацрта, затоа што најтешко е да се спознае сопствената душа, се присетив на силната желба што ми ја отвори да пробам да се нацртам себеси, мојот обид за автопортрет по кој отидов во неговото ателје за да го оцени. Ми рече дека сум успеала, охрабрувајќи ме со мотивирачки зборови да продолжам. Како што успеал и тој во спознавањето на себеси и на својата душа, во својот автопортрет, зашто токму тука, тој сите нѐ гледаше од сликата со љупобитните очи, веројатно смешкајќи се некаде одозгора на сиот тој весел собир на љубители на уметност, негови пријатели, познаници и архитекти, кои тој успеа да ги собере и обедини во преубава аура од енергии, таа вечер во изложбениот простор на Робевци пред неговиот уметнички свет кој ни го остави.
Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.
Сегменти од изложбата во Охрид на избрани дела од Владимир Георгиевски (фото: Дамјан Балкоски)