Mакедонската уметница Елпида Хаџи Василева годинава е избрана да го претставува Ватикан на Венециското биенале, најголемата ликовна манифестација во светот.
Таа ќе учествува со монументалната инсталација со наслов „Haruspex“, на тема „Прологот на Евангелието на св. Јован и добриот самарјанин“.
Хаџи Василева е првиот уметник од Македонија што е избран да претставува друга земја, а не матичната, на оваа престижна ликовна манифестација на современата уметност во светот.
Хаџи Василева (родена во Кавадарци, во 1971 година) магистрирала скулптура на Кралскиот колеџ во Лондон, учествувала на голем број меѓународни изложби. Повеќе години живее и работи во Брајтон, Велика Британија.
Таа годинава повторно ќе учествува на Венециското биенале, но овој пат по покана од Ватикан. Поканата дошла откако меѓу над 22-те илјади посетители што во 2013 година го посетија македонскиот павилјон во Венеција, била и директорката на Музејот на современата уметност на Ватикан, Микол Форти. Одушевена од делото на нашата уметница, таа одлучила токму Хаџи Василева, заедно со уште двајца други уметници, да ја претставува државата Ватикан. Станува збор за Моника Браво од Колумбија, која ќе се претстави со фотографии, и Марио Мацилау од Мозамбик, кој ќе учествува со компјутерска анимација. Форти е и кураторка на Ватиканскиот павилјон.
Венециското биенале ќе се одржува од 9 мај до 22 ноември.
Во 2013 година Елпида Хаџи Василева ја претставуваше Македонија на Венециското биенале со проектот – мултимедијална презентација за чумата во 14 век во Европа во кој користеше органски материјали и кожа од животни.