Насловна / Вести / Елен скок: Мост на три легенди и вековна загатка

Елен скок: Мост на три легенди и вековна загатка

Живописниот тек и опкружувањето на Мала Река го краси мал еднолачен камен мост преку кој исклучително елегантно се поврзуваат двата брега на реката кај селото Могорче во близина на регионалниот пат Гостивар – Дебар.  Двата краја на мостот силно се издигаат од карпестите бреговите за над реката да се спојат на врвот од тенкиот лак.  Естетиката и елеганцијата на мостот значително се нагласени како резултат на отсуството на огради, а завршната обработка од калдрма ја нагласува рустичноста и руралноста со која дополнително се поврзува со своето опкружување.

Од нивото на Мала Река мостот дава чувство на триумфален лак преку кој се слави и природата и човечкиот дух и умешност, но истовремено претставува и своевиден прозорец или минималистичка рамка која го дефинира погледот кон постојано менливиот пејзаж.  Оттука разбириливо е дека оваа мала градба, мостот „Елен скок“ во рамките на Општина Дебар во 2018 година бил прогласен и се наоѓа на регистарот на нашето значајно недвижно културно наследство.

Убавината на мостот во минатото резултирала во барем три легенди преку коишто бил направен обид да се овековечат причините за неговата изградба, но и во една вековна загатака која можеби никогаш нема да биде разрешена. Се разбира, во однос на легендите секој читател ќе може да ја одбере онаа која најмногу му се допаѓа, а за загатката ќе треба да се остави експертите да го дадат својот последен збор.

Првата легенда е поврзана со љубовта на младо момче и неговата одлучност да ја заштити честа на својата девојка која резултирала во убиството на турски бег.  Бегајќи од аскерот тој се нашол во безизлезна ситуација на брегот од надојдената Мала Река, но од која се спасил кога самовили го претвориле момчето во елен кој успеал да ја прескокне реката и да им избега на своите гонители.  Мостот бил изграден од селаните како израз на благодарност кон самовилите и во знак на сеќавање на настанот.

Втората легенда е за слободата и непокорот кога прекрасен елен бил прогонуван од бег со неговата придружба во текот на лов.  Дојден во безизлезна ситуација кај Мала Река, еленот без двоумење скокнал кон спротивниот брег каде и починал, но слободен и непокорен како последен израз на неговата волја. По наредба на бегот, мостот бил изграден во чест на еленот како одраз на восхит за неговата храброст и упорност да не се предаде дури и по цена на својот живот.

Третата легенда е за човечката алчност и неискреност.  Ловџија на планината Стогово во близината на селото Могорче пресретнал прекрасен елен кој тој не го отепал восхитен од милостивиот став и топлиот поглед на еленот. Со ова почнало нивното (кратко) дружење. Инспириран од средбата, ловџијата ја споделил веста и локацијата на својата дружба со еленот по ветувањето дека соселаните нема да се обидат да го фатат.  За жал, се покажало дека ветувањата не биле искрени и при обидот да го фатат еленот бегајќи се нашол во безизлезна ситуација на брегот на Мала Река. И покрај усилбите, скокот на еленот не бил доволно долг и тој во обидот ги скршил предните нозе по што починал во големи маки на спротивниот брег од своите гонители. Селаните го изградиле мостот во спомен на храброста и убавината на еленот, но и пред сè како израз на поднесување на жртва за да се искупат и добијат прочка за своите гревови кон еленот.

Овие прекрасни легенди се израз на духот на жителите на реканскиот крај, додека мостот „Елен скок“ е споменик на нивните градителски способности. Тука, на преодот од духовното кон материјалното од градителски аспект се појавува и клучното прашање, кој и кога го изградил овој мост?

Во рамките на публикацијата на Управата за заштита на културното наследство од 2023 година „Регистрирани недвижни добра по надележност на националани установи“, Решението број 18751/2016 од 23.11.2018 со кое мостот „Елен скок“ во Могорче, Општина Дебар / Маврово и Ростуше е запишан како значајно културно наследство и се води под број 83 во рамките на Дебар на 11 страница.  За жал од овие основни податоци во регистарот не може да се види дали се знае кој и кога го изградил мостот.  Дополнителни информации не се достапни ниту во публикацијата на Управата за заштита на културното наследство од 2008 година „Македонско културно наследство – османлиски споменици“ каде единствениот спомнат мост е „Камениот мост“ во Скопје.

Убавината и легендите поврзани со мостот придонеле за промовирање на ова наше културно наследство на бројни веб-портали во земјата во рамките на коишто можат да се најдат различни претпоставки за тоа кој и кога го изградил овој мост. Повеќето од овие популарни извори ја лоцираат изградбата на мостот пред три до четири века, односно во периодот помеѓу средината на 17-тиот и средината на 18-тиот век. Во отсуство на посочување на изворот на информацијата на овие портали, тешко е да се провери и потврди веродостојноста на овие факти.  Слична е состојбата и во однос на наводите за тоа кој го изградил мостот.  При ова често се спомнува дека мостот бил изграден или по проект на Мимар Хајрудин или пак дека дури и бил изграден од него. Доколку овие наводи и претпоставки се навистина точни, тоа би било од исклучително значење за недвижното културно наследство во земјата со оглед дека Мимар Хајрудин се смета за еден од најзначајните претставници на отоманската архитектура и градителство, и за еден од основоположниците на класичниот отоманскиот стил во архитектурата овековечен и со „Стариот мост“ на реката Неретва во Мостар, споменик на светското културно наследство и еден од најзначајните споменици на исламската архитектура на Балканот.

Мостот во Мостар

Тука се разбира отпочнува вековната загатака за тоа дали Мимар Хајрудин навистина го изградил или пак го испроектирал овој мост. За жал тука започнуваат и проблемите со оглед дека за Мимар Хајрудин релативно многу малку се знае во споредба, на пример, со Мимар Синан.

Вообичаено достапните информации за Мимар Хајрудин на веб-порталите говорат дека тој бил роден околу 1500 година како син на архитектот Устад Мурад, како и дека бил отомански главен архитект и инженер за време на владеењето на султанот Бајазит Втори (кој владеел помеѓу 1481 и 1512 година) и Сулејман Величествениот (кој владеел помеѓу 1520 и 1566 година). Покрај „Стариот мост“ на реката Неретва во Мостар, како негови најзначајни објекти се спомнуваат Џамијата на Бајазит Втори во Истанбул и Комплексите на султанот Бајазит Втори во Едрене и Амасија.  Дополнително во некој од изворите се наведува дека Мимар Хајрдудин бил ученик на Мимар Синан.

Комплексот на султанот Бајазит Втори во Едрене

Дури и површно истражување на фактите укажува дека нешто не е во ред со тврдењата по порталите. На пример, доколку Мимар Хајрудин бил роден околу 1500 година како тој можел да му биде главен архитект и инженер на султанот Бајзаит Втори којшто владеел од 1481 до 1512 година?  На Архи Нет Џамијата на Бајазит Втори се споменува во рамките на Комплексот на Бајазит Втори во Истанбул.  За овој комплекс се вели дека бил изграден помеѓу 1501 и 1505/6 година и дека проектот се препишува на главниот архитект Мимар Хајрудин, додека други истражувачи укажуваат на можна значајна улога на помалку познатиот Јакупшах бин Султаншах.

 

Комплексот на Бајазит Втори во Истанбул

Комплексот на султанот Бајазит Втори во Едрене е уште постар со оглед дека бил изграден во периодот помеѓу 1484 и 1488 година. Според УНЕСКО и тука има спротивставени информации за архитектот.  Според едни е Мимар Хајрудин, а според други Јакуб Шах.  За Комплексот на Султанот Бајзаит Втори во Амасија на Архи Нет се вели дека бил изграден во 1486 година и дека проектот се препишува на кралскиот архитект Мимар Хајрудин, за кој се претпоставува дека работел под надзор на Шехзаде Ахмед, гувернер на Амасија и син на султанот Бајазит Втори. Во рамките на текстовите на Архи Нет се говори дека Мимар Синан бил ученик на Мимар Хајрудин.

Мимар Синан

Од друга страна според расположливите податоци, „Стариот мост“ во Мостар бил изграден во периодот од 1557 до 1566 година по наредба на султанот Сулејман Величествениот од страна на Мимар Хајрудин од 456 меѓусебно поврзани клесани камења со помош на кои бил изграден овој 30 метри долг, 4 метри широк и 20 метри висок мост.  Во рамките на мостот повторно се споменува дека Мимар Хајрудин бил ученик на Мимар Синан, иако според некои мостот бил градба на Мимар Синан. Интересна е анегдотата дека Мимар Хајрудин наводно побегнал од свеченото отворање не мостот со оглед дека се плашел дека мостот ќе се сруши, а дека тој ќе биде погубен. За квалитетот на изградбата на мостот веројатно најдобро говори фактот дека за време на Втората светска војна германски тенкови поминувале преку мостот, како и дека мостот се срушил на 9.11.1993 година во рамките на војната во Босна и Херцеговина по дури 60 погодоци со артилериски гранати. Реконструкцијата на мостот траела седум години (1997-2004), а чинела 15,4 милиони американски долари.

Мостот во Мостар

Од друга страна за Мимар Синан (Коча Мимар Синан Ага) се знае повеќе. Тој бил роден, во зависност од изворот помеѓу 1489 и 1499 година, а починал на 17 јули 1588 година и бил главен архитект и инженер на султаните Сулејман Величествениот (кој владеел од 1520 до 1566), Селим Втори (кој владеел од 1566 до 1574) и Мурад Трети (кој владеел од 1574 до 1595 година) и одговорен за изградба на околу 374 градби, од коишто на територијата на бивша Југославија најпознат е мостот на Мехмед Паша Соколовиќ на реката Дрина кај Вишеград.  Мимар Синан во 1512 година бил регрутиран за обука како офицер во јаничарските сили, за во 1538 да стане главен царски архитект кој во 1539 година ја изградил својата прва профана градба преку која одпочнала неговата исклучителна долга кариера.

Мостот на Дрина, Вишеград

Враќајќи се на мостот „Елен скок“, освен доколку не се докаже дека бил изграден многу порано отколку што се пишува по веб-порталите, веројатноста дека бил испроектиран или изграден од Мимар Хајрудин веројатно е мала, но ако пак е изграден според она што се пишува можно е да бил инспириран од Стариот мост во Мостар.  Што се однесува пак на контрадикторните информации за Мимар Хајрудин, врз основа на расположливите информации и хронологијата на настаните, најверојатно станува збор за два Мимар Хајрудини, еден кој бил во служба на султанот Бајазид Втори, кој ги градел султанските комплекси во Едрене и Амасија, како и Џамијата на султанот Бајазид Втори во Истанбул и кој бил учител на Мимар Синан. Другиот веројатно работел барем во времето на владеењето на султанот Сулејман Величествениот и го изградил „Стариот мост“ во Мостар и бил ученик на Мимар Синан. Веројатно само понатамошните истражувања ќе можат да откријат дали првиот и вториот Мимар Хајрудин биле во сродство или пак станува збор за две неповрзани личности, кои се само со исто име во минатото.

Во очекување на евентуално разрешување на вековната загатка за тоа кога и кој го изградил мостот „Елен скок“ кај Могорче, нам ни останува само да уживаме и да ѝ се восхитуваме на природата и на ова исклучително градителско наследство на реканскиот крај.

Испрати коментар

Scroll To Top