Примарната шема на внатрешниот простор е формирана од конструктивниот систем на зградата, додека крајниот облик на архитектонскиот внатрешен простор го дефинираат елементите на дизајнот на ентериерот. Структурата, или архитектурата на внатрешниот простор, доаѓа како резултат на селекцијата и аранжирањето на овие елементи, така што нивните визуелни релации ќе дефинираат и организираат ентериерен простор.
На секое ниво, елементите на дизајнот се разликуваат по многуте свои карактеристики, како формални и функционални, така и според својствата на ликовноста што ја поседуваат, а кои покрај визуелни, поседуваат и утилитарни квалитети. При дизајнирање на ентериерните простори и простории се користиме со три основни типа на елементи на дизајнот: линеарни елементи, површински елементи и волуменски елементи.
Студентска вежба по ентериер
Линеарните елементи се дел од архитектонската структура – тие ја нотираат структурата на зградата или структурата на функционалните елементи (конструктивните делови на мебелот), претставувајќи се во вертикална или хоризонтална позиција;
Ентериерните простори се креирани (дефинираат или модифицираат простор) со помош на површински рамнини. Основно три типа на површински рамнини играат улога во создавањето на просторот: ѕидот, подот и плафонот. Во архитектурата, површинските рамнини ги ограничуваат тридимензионалните форми и простори. Својствата на просторната форма се дефинирани преку формалните карактеристики на површинските рамнини (големина, пропорција, боја, материјал, текстура) исто како и преку нивните тополшки релации меѓу себе. Подната површина е физички и визуелно базична рамнина на архитектонските форми. Таа треба да биде конструктивно безбедна зашто се смета како платформа на човековите активности во зградата. Формата, бојата, текстурата и шарата одредуваат дали подот се појавува како сигурна, просторна граница, како заднина на другите просторни елементи. Текстурата и цврстината ги регулираат сензациите додека се чекори по подната површина. Ѕидните рамнини визуелно се најактивните рамнински творби на просторот.
Ентериерните ѕидови го дефинираат просторот. Нивните оптички карактеристики, какви што се бојата, текстурата и материјалот, нивниот меѓусебен однос, исто како и нивната големина, дистрибуција, како и отворите во нив, сите го одредуваат квалитетот на просторијата или просторот и неговиот/нејзиниот однос со другите простории. Тие можат да стојат самостојно или да делуваат како неутрална заднина за другите просторни елементи. Ѕидните површини можат да бидат масивни или транспарентни, акцент на просторот или извор на светлина. Физички контакт со подовите и ѕидовите е остварен, додека плафоните се доживуваат само визуелно заради нивната дистанцираност од нас.
Тие се чадорите на архитектонскиот простор. Плафоните можат да бидат рамни како и исто или слично обликувани, можат да ја следат конфигурацијата на кровните рамнини, или можат и да висат како слободни форми во просторот, придонесувајќи во визуелноста на внатрешниот просторен волумен.
Волуменските елементи се појавуваат како простори дефинирани од површинските елементи, но се доживуваат однадвор, од некој друг простор поставен хиерархиски супериорно. Инаку, често како волуменски елементи се појавуваат елементи од мебел или композиции од мебел. Во поголеми простори, формата и распоредот на мебелот можат да го поделат просторот на делови со ограничена функционална и визуелна сувереност.
Студентска вежба по ентериер
Релации помеѓу елементите на дизајнот
Релациите помеѓу елементите на дизајнот се условени од позициите што ги зафаќаат во просторот, а тоа може да биде:
Уредување (аранжирање) – претставува едноставно додавање на елементи во лабави, слободни врски: еден до друг, под или над, соседни, поставени во близина, групни формации и др. Ваквите релации можат да се мултиплицираат сè до исполување на капацитетот на просторот.
Пенетрација – претставува блокирање, растопување, поврзување, преклопување, така што волумените меѓусебно се преплетуваат;
Оградување – значи да се содржи во, да се биде елемент од, да се биде опкружен со. Овие релации можат квалитативно да се опишат како позициски односи кои можат да бидат евалуирани според нивните димензии, дистанци, агли и радијуси. Односите помеѓу елементите во просторот се детерминирани со нивната позиција внатре во видното поле.
Релациите помеѓу елементите и луѓето
Релацијата на луѓето кон значењето на елементите на дизајнот на ентериерот во просторот е во согласност со нивното сопствено просторно искуство. Тоа е појдовниот аспект кој ја одредува апсолутната или релативната маса на овие елементи во однос со нивната површинска обработка во просторот што е во врска со квалитетот на менталните концепти. Елементите кои всушност се и предмети во визуелното поле на посматрачот, поседуваат релативни димензии и пропорции, зашто се условени од начинот на кој се појавуваат во тоа поле, фронтално или латерално. Луѓето ги забележуваат елементите движејќи се во просторот, при што секогаш го менуваат визуелниот фокус. На тој начин, патеката на движење се претвора во серија од места набљудувани и доживеани секвенционално, што резултира во нивна субјективна интерпретација од страна на набљудувачот, а со тоа нивната апсолутна карактеристика и позиција се претвора во релативни и постапни – бавни или брзи – доживувања.
Влијанијата помеѓу елементите на дизајнот на ентериери односно на просторот, е во доменот на визуелната тежина или детерминирање на нивната хиерархија, додека релациите помеѓу елементите и луѓето – корисниците го прават просторот утилитарен, а со тоа и егзистенцијален.
Структурата на односите помеѓу елементите на дизајнот, помеѓу елементите и просторот од една страна и човекот од друга, секако ќе зависат од примарното прашање за постоењето на дизајнот, а тоа е: кои се човековите потреби во врска со дизајнот на ентериерите и дизајнот на сите индустриски предмети кои се во врска со работниот простор?
Освен задоволување на физиолошките потреби, какви што се светлината, воздухот, храната, спиењето и сексуалноста, луѓето имаат и додатни барања, односно потреби кои се во врска со дизајнот на ентериерите. Еден од најфундаменталните од нив се однесува на доживувањето на нечија сопствена егзистенција, доживувањето на „ЈАС СУМ“. Преку чувството за допир, за контакт, луѓето учат како да направат разлика помеѓу сопствените тела и надворешниот околниот свет, а правејќи го тоа се доживуваат самите себе. Доживувањето е поткрепено со границите, предметите и употребените материјали на архитектонскиот простор.
Друга човекова потреба е потребата за ориентација: било да е тоа нечија околина или пак планирање и обликување на нечиј живот, во смисла ориентација во простор и време. Потребата за ориентација исто така ја вклучува и потребата од контрола, што значи ориентираниот човек е способен да се справи со ситуациите на кои наидува и е способен да ги исполни целите. Човековата желба за контрола е во врска со желбата за простор(ија), за концентрација и непреченост, за да може успешно да ги изврши акциите. Дизајнираната средина може да креира важна рамка која им помага на луѓето да се справат со нивните состојби.
Студентска вежба – Просторна композиција
Следна човекова потреба е потребата за комуникација. Таа ја опфаќа потребата за социјално врзување кое може да се поистовети со потребата за идентитет.
Постои уште едно поле на интерес кога станува збор за начинот на користењето на просторот и човековите потреби врзани за него, а тоа се разликите помеѓу мажите и жените. Авторот Џема Бурџес (Gemma Burgess, 2008) потенцира дека постојат повеќе родови модели во користење на просторот и неговите содржини. Но, она што е индикативно е податокот дека во севкупното планирање на просторот се пренебрегнува фактот што мажите и жените различно го користат просторот. Според Бурџес, треба да се земат за сериозно импликациите во сите аспекти на планирањето на просторот и во дизајнот на изградената средина, почнувајќи од дизајнот на ентериерите на станбените и работните простори, па се до планирањето на цели градови. Родовите студии, по сè изгледа, се неопходни да се земат предвид при истражување на физичките карактеристики на работните простори.
Во дефинирањето и анализирањето на проблемот на дизајнот, можат да се развијат цели и критериуми преку кои ефективноста на решението може да биде измерено. Без оглед на природата на проблемот што се однесува на ентериерниот дизајн, постојат неколку критериуми за кои треба да се води грижа: функција и цел – основната задача на дизајнот е да ги задоволи предвидените функции и да ги исполни неговите цели; корисност, економичност и одржливост – дизајнот мора да покаже корисност, чесност, економичност и одржливост при неговата селекција и употреба на материјалите; форма и стил – дизајнот треба да биде естетски пријатен за окото на човекот како и за неговите сетила; и на крај, „имиџ“ и значење – дизајнот треба да прикаже слика или „имиџ“ и да промовира асоцијации кои носат значење за луѓето што го користат и го доживуваат.
проф. д-р Мишко Ралев, Факултет за архитектура и дизајн при УАКС