Насловна / Вести / ЕЛЕМ вложува 710.000 евра за велосипедска патека кај езерото Козјак

ЕЛЕМ вложува 710.000 евра за велосипедска патека кај езерото Козјак

velosipedska pateka kozjak

По изработката на неопходниот основен проект, Електрани на Македонија влегоа во втората фаза за замислената пешачко-велосипедска патека покрај езерото Козјак. Државната компанија распиша тендер за избор на изведувач на патеката, за што ЕЛЕМ проценува дека се потребни 43.547.000 денари или околу 710.000 евра.

Рокот за изградба што ќе го има изведувачот е 12 месеци.

Градежните компании своите понуди треба да ги достават најдоцна до 5 август, за кога е предвидено и нивното јавно отворање.

Проектот е дел од планот за развој на крајбрежјето на Козјак, кое со својата должина од 32 километри веќе долг период привлекува граѓани и инвеститори за изградба на викендички и угостителски објекти.

Од туристички аспект, ова е интересно и за Скопје, бидејќи еден од пристапните патишта до езерото се протега под јужните падини на Водно, па во иднина е отворена можноста за поврзување со туристички рути од централното градско подрачје. Ова би значело и дополнителен развој и на велосипедскиот туризам што би донел активна форма на посети и доживувања на градот и околината.

Досега неколку велосипедски туристички организации на вело-туристите им нудат посети на музеи, знаменитости и историски записи, возење велосипед и дневни екскурзии до живописот и пештерите околу кањонот Матка, Римскиот аквадукт, потоа тури околу Водно или качување на Скопска Црна Гора и „плакнење“ очи на зајдисонцето од Љубанци…

Скопје има одлична клима и топографија на теренот, па ваквиот активен туризам би се одвивал речиси преку цела година. Меѓутоа, за да се гледа во насока на економска придобивка и да се создаде подлога за велосипедски туристички продукт, најпрво треба да се обележи, да се постави сигнализација и да се поврзе меѓусебно постојната велосипедска инфраструктура со атрактивни места. Туристите бараат и целокупна европска унифицираност на патната сигнализација.

Испрати коментар

Scroll To Top