Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) го поништи тендерот за изградба на проектот „Рајска градина“. Овој проект, според првичните проценки, требаше да биде вреден 900 милиони денари, односно 14,6 милиони евра и да се изгради на површина од 15 хектари.
Во образложението што стои на интернет-страницата за јавни набавки, ЕЛЕМ образложува дека причина за поништување на тендерот е тоа што се „поднесени прифатливи понуди кои не можат да се споредат поради различниот пристап во техничките или финансиските понуди“.
Проектот го изработи „Архитектоника“ од Скопје, а на него работеле архитектите Жарко Чаушевски, Филип Богатинов и Македонка Чаушевска.
Според проектот, планирана е изградба на четири фонтани високи и до 13 метри, реплика на Венера Милоска, антички ликови, лавови и грифони.
Проектот треба да се изгради покрај реката Вардар, веднаш до седиштето на ФФМ во општина Аеродром.