Насловна / Вести / Електронска наплата и во приватните автобуси

Електронска наплата и во приватните автобуси

elektronska naplata vo privatni avtobusi
Од вкупно 500 валидатори на електронски билет, што Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ќе ги набави за воспоставување на електронската наплата во автобусите, 150 ќе бидат наменети за возилата на приватните превозници, пишува Дневник.

ЈСП деновиве го распиша петтиот тендер за воведување на паметни билети во јавниот превоз и за автоматска локација на автобусите во реално време. Набавката и инсталацијата на двата система ЈСП во објавениот конкурс ги проценува на 2 милиона евра.

Директорот на ЈСП Мишо Николов вели дека тие купуваат поништувачи и за приватниците за да се воведе единствениот тарифен систем.

„Идејата е да се воспостави единствен систем на наплата. Kартичката да важи и во автобусите на ЈСП и кај приватните превозници, а ова е првичниот чекор. Се надеваме дека проектот полека ќе се реализира“, изјави Николов.

Меѓународниот тендер на кој заинтересираните компании може да ги достават своите понуди за воведување на двата современи системи со кои ќе се модернизира јавниот превоз трае до 16 јуни.

Приватните превозници се запознаени со ова. Велат дека тие пред неколку години вовеле систем за електронска наплата во нивните возила, наречен „Моја карта“, а тоа истовремено требало да го сторат и во јавното претпријатие.

„Ние по наредба на Градот Скопје веќе воспоставивме ваков систем. Тој требаше да биде компатибилен со оној систем што ќе се спроведе во ЈСП за да може да функционира еднакво секаде, но се увиде дека не е така. Ние бевме лидери на Балканот, па и во Европа по воспоставување ваков систем уште во септември 2008 година. Сега во Европа и на Балканот имаат пософистицирани системи, а ние застанавме поради тоа што градските власти досега не успеаја да го воспостават. Редно беше тие ја понесат одговорноста и да купат валидатори и за нас. Така е договорено“, изјави Ленин Јовановски, директор на претпријатието за превоз на патници „Слобода превоз“.

Тој вели дека на „Слобода превоз“ ќе им бидат дадени 100 валидатори, а на другото приватно претпријатие што превезува патници на линии во Скопје, „Мак-експрес“, ќе му бидат доделени 50. Според Јовановски, две третини од приватниот јавен превоз му припаѓа на „Слобода превоз“, 200 автобуси, а „Мак-експрес“ 100.

И од „Мак-експерес“ потврдија дека ќе бидат вклучени во системот на електронската наплата заедно со ЈСП.

Испрати коментар

Scroll To Top