„Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилноста“ беше темата на форумот кој во организација на Делегацијата на германското стопанство во Македонија вчера се одржа на Машинскиот факултет во Скопје.
“Споредено со другите поголеми градови во Европа, Скопје има значително помалку електрични автомобили. Иако постојат повеќе поволности за користење електрични автомобили, за жал, се уште сме далеку од европскиот просек“, истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Тој додаде дека Град Скопје работи на стимулирање на граѓаните да купуваат електрични автомобили преку обезбедување просторни услови за полнење и дека дополнително е обезбедено и бесплатно паркирање на местата означени за полнење на електрични автомобили додека се полнат. Предвидено е наскоро да се постават 30 нови полначи за електрични автомобили и полнењето на автомобилите на овие полначи на почетокот ќе биде бесплатно.
“Електромобилноста не подразбира само користење електрични автомобили, туку и електричен јавен превоз. Низ Скопје овие месеци вози електричен автобус. Автобусот е направен согласно со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Се работи за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и опремен е со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови кои го загадуваат воздухот. Автобусот сообраќа пробно низ Скопје шест месеци, а претставува одлично искуство за модернизација на јавниот градски превоз“, нагласи Шилегов.
Тој потсети дека возниот парк на Град Скопје освен електричен автомобил, вбројува и електрични скутери и велосипеди кои градската администрација редовно ги користи, затоа што електричните возила не генерираат ЦО2 и други штетни гасови споредбено со конвенционалните возила со погон на фосилни горива.
Придобивките од користење на електричните возила се многубројни бидејќи тие се далеку потивки во однос на возилата со мотори на внатрешно согорување и со нивно користење се намалува бучавата во урбаните средини, како и доведува до намалување на загадувањето на почвата и водата, имајќи ги во предвид опасностите при излевање на нафта и масло како составен дел од конвенционалните возила со мотор со внатрешно согорување.
Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, истакна дека Владата работи на план за постепено воведување еколошки возила, а предизвик на локалната самоуправа се зелените паркинзи за полнење на електричните возила, бесплатни патарини на автопатот и подготовка на автопатот за оние што минуваат низ нашата земја со електрично возило.
“Електромобилноста носи и други придобивки, ова е концепт што носи инвестиции и генерира нови зелени работни позиции, ги стимулира обновливите извори и има здравствен ефект. Но, за ова да се направи, мора да се има интегративен пристап. Не е доволно само учество на Владата, министерствата и локалната самоуправа, потребни се и другите фактори – науката, медиумите, бизнис-секторот, граѓанските здруженија и на крајот, потребна е промена на навиките, без тоа нема да дојдеме до конечното решение“, потенцира Макрадули.