Со пригодно возење со електрични автомобили, во паркот Зрињевац, свечено е одбележен почетокот на имплементацијата на проектот на хрватската енергетска компанија ХЕП (Hrvatska elektro privreda – HEP), под името „HEP – srijedom na struju“. Имено, секоја среда во периодот од 10 до 16 часот, граѓаните ќе имаат можност бесплатно да се возат во електричната реплика на Ford T, низ центарот на градот.
Целта на проектот е промовирање на електромобилноста и одговорноста кон животната средина, од една страна, а од друга страна, преку атрактивниот олдтајмер се збогатува туристичката атракција.
Во исто време, ХЕП го промовира и развојниот проект ELEN, т.е. првиот хрватски ланец на станици за полнење на електрични автомобили. Досега ХЕП има вкупно 17 вакви станици, а наскоро во работа ќе бидат пуштени нови 11 главно лоцирани во приморјето. Генерално, бројот на вакви станици во Хрватска веќе ја достигна бројката од 100. Стотата станица беше неодамна пуштена во работа во чест на одбележувањето на Денот на планетата Земја.