Изградбата на хидроцентралата Три клисури во Кина, со брана на реката Јангце, трета најдолга река на светот, започнала во 1994 година, а целосно е пуштена во погон во 2012 година. Нејзината инсталирана моќност од 22.500 мегавати (што даваат 32 турбини од 700 MW и две од 50 MW) ја прави електрана со најголема инсталирана моќност во светот. Просечно произведува 87 THw електрична енергија годишно, а рекордот е поставен во 2014 година кога се произведени 98,8 THw електрична енергија.
Браната е од бетон и е долга 2335 метри, а врвот на браната или круната се наоѓа на надморска височина од 185 метри. За работите вградени се 27.200.000 кубни метри бетон, 463.000 тони челик (доволно за 63 Ајфелови кули), а ископани се околу 102.600.000 кубни метри земја и карпи. Бетонската брана е висока 181 метри над основата од карпи.
За да се добие околу 1 kWh електрична енергија, потребни се 366 грама јаглен. Затоа, хидроцентралата Три клисури ја намалува потрошувачката на јаглен за 31 милион тони годишно.
За нејзина изградба, поплавени се 13 градови, 140 градчиња и 1.600 села, а околу 1,3 милиони луѓе се иселени. Исто така, поради промените во текот на водата, односно создавањето на огромно акумулациско езеро со површина од 1.045 квадратни километри, оваа брана буквално ја забави ротацијата на Земјата и го продолжи просечниот ден за 0,06 микросекунди според податоците на НАСА.
Големите поплави што се случија пред две години во август на горниот тек на кинеската река Јангце, го зголемиле нивото на водата во акумулацијата Три клисури на рекордно ниво.
Нивото на водата достигнало дури 167,5 метри, што е највисоко ниво од полнењето на акумулацијата со вода во 2003 година, исто така 22,5 метри повисоко од највисокото препорачано ниво. Непосредно пред тоа дотокот на вода во езерото изнесувал дури 75 илјади метри кубни во секунда.
Поради тоа од хидроцентралата е испуштена никогаш поголема количина на вода за да се намали притисокот на огромната брана од поплавата.