Насловна / Архитектура / Елегија за едно село

Елегија за едно село

Селата Богомила, Теово и Оморани се наоѓаат во околината на Велес, во областа Азот, во јужниот дел на територијата на Општина Чашка во сливното подрачје на реката Бабуна. Теово и Оморани се рамничарски села на надморска висина нешто повеќе од 200 метри, додека Богомила е ридско село и се наоѓа на надморска височина од 510 метри. Сите три села имаат цркви сместени на најубавите места како онаа во Теово веднаш под јаворот, низ Богомила тече и малата река Сушица, која се влева во Бабуна, а  Оморани е познато по тоа што во него е роден Васил Антевски-Дрен.

Денес населението во овие села е малубројно, Оморани има 143 жители, Теово 189, а Богомила брои 476 жители.

_DSC0207A_resize

Tрули огради, полураспаднати куќи од бондрук и непечена тула, листопадни дрвја и грмушки наоколу, дојдов во едно од нашите села. Блиску до градот, а сепак толку далеку, во секој поглед. Сокриени меѓу дрвјата и зеленилото, расфрлани низ селото, куќите полека се распаѓаат како некакви огромни, неупотребливи и испокршени садови, фрлени во коровта и лепешките на стоката, наоколу. Куќите се мали и трошни. Над нив лебди мирис на овчи лој, сено и лепешки.

_DSC0195A_resize

На една од куќите, врамени во мал формат на сиромашно пенџере, наредени кукли тажно гледаат како поминува времето. Сигурно внатре живее неко дете. Наоколу, меѓу куќите, се влече, како некаков искинат ланец, животот низ селото. Сонцето како да полуде, тоа веќе не сјае – боли. Денес е многу топло. Августовското сонце ги палеше крововите на селото. Две кокошки бараа нешто низ сеното. Од некаде се слушна песна, стара македонска.

_DSC0292A_resize

Напладне ќе исчезнат сите сенки, ќе исчезне синилото од небото и ќе биде сè бело. Вжештено и бело. Напладне никој нема да има надвор. Ќе останат само трагите од луѓето и од возилата по прашливите сокаци и премини. Брзаме со мојата другарка Билјана да направиме некоја фотографија додека сè уште го има небесното синило. Помина една крава. Подолу магарето врзано со ортома за трошната ограда обрасната со трње почна да рика. Барам куќа каде што има луѓе и каде што може да се напијам вода. Помина и друга крава и две кози зад неа. Најпосле вода.

_DSC0231A_resize

Влегувам во една од куќите, потоа во друга и во многу други. Во некои има луѓе, но повеќето се напуштени одамна. Правиме фотографии бележејќи моменти кои исчезнуваат! Светлоста се крие од мракот во замачканите сијалици од шеесет вати, во зачадените соби. Во темнината на сиромашните ентериери на селските соби ќебиња и ќилими префрлени преку распаднати „троседи“,  пајажини и мирис на непроветрени простории. Кујнски креденци офарбани светло зелено, трокрилни политирани ормани, стари фотелји, брачни соби и столови, некои паднати на подот, други оставени која каде. Недостауваа  заборавени дуњи на некој од орманите, го чувствував нивниот мирис во мојата глава.

_DSC0268A_resize

 

_DSC0239A_resize

Чаши и бокали од скопска Стаклара, бугарски сервиси за чај, пластичен соларник, сервис за ручање за дванаесет лица, тави, леѓен исчукан на едниот крај, нокшир, емајлирани садови и по некој стар весник. И еден кавијор, купен некогаш во Трст на Понте Росо со навезени пауни и некаков мотив од Венеција. Што ли нема да најдеш на вакви места? Да, и многу спомени од минатото. На прозорците завеси кои некогаш биле во мода и кои заедно со одамна неизмиените стакла не ѝ дозволуваат на дневната светлина да влезе. Понекаде, во некоја соба велосипед, контраш со издишани гуми, потпрен на ѕидот. Не е возен со години, ќе стои тука додека не падне ѕидот. И малтер паднат на подот од таваните кои се распаѓаат и муви кои  умреле барајќи како да излезат од овие соби. Убаво е за правење фотографии, но како ли е тука да живееш? Некогаш во овие куќи, во овие соби се живеело, се славеле слави, се правеле свадби, се умирало…

_DSC0222A_resize

Поминува трактор, во еден двор ставен ралник, во друг на дрвени рамки се суши тутун. И две деца, насмеани, седнати на една клупа. И еден пес некаде лае. Има живот!

Денот брзо минува. Потемнуваат искривените капии. И кога во самрак ќе заминат во своите домови затворајќи ги капиите на своите мали светови, почнуваат самотните ноќни бдеења на старите преостанати жители кои, кој знае по чија волја, своја или нечија, од каде, како и зошто останале во овие трошни одаи, заедно со своите мачки и селски кучиња, икони и венчални слики врамени во едноставни дрвени рамки и закачени на исшараните ѕидови од молерски валјаци.

_DSC0179A_resize

_DSC0237A_resize

На небото се појави месечината, жолта и искривена како кифла и безброј ѕвезди кои не се гледаат од градот. Време е за одење. Селото ме испрати по мрак кој, како и насекаде по вакви зафрлени места, доаѓа наеднаш и се спушта со сета жестина и од сите страни. Темнината легнува врз куќите, по луѓето, по недовршените работи, по движењата. Во овие села има ноќи за цел еден град, за цел еден свет… Во девет часот навечер нигде жива душа. И наеднаш сè замира. Околните карпи се исправаат, се ладат и исчезнуваат во планините. Четинарите го повикуваат со своите зелени раце небото. Рекичката што тече сред село ќе се уплаши, ќе побегне и ќе се закатанчи во своето дно. Кога ќе се раздени продолжува да тече некаде, не знаеш каде, како да не се влева во некоја голема река, потоа во обично море, туку право во историјата. Заморен од силната светлина, жештината, зеленилото и чистиот воздух се вратив дома, во сивилото на мојот град, и веднаш седнав да пишувам елегија за едно од азотските села.

_DSC0253A_resize

_DSC0276A_resize

_DSC0299A_resize

_DSC0202A_resize

_DSC0200A_resize

_DSC0252A_resize

_DSC0286A_resize

Фото: Ангел СИТНОВСКИ, дипл. инж. арх., направени во Оморани, Теово и Богомила  во општина Чашка.

Испрати коментар

Scroll To Top