Разиграна фасада со шарени прозорски рамки со неправилни (и неповторливи) форми ја краси новата градинка во виетнамскиот град Хо Ши Мин. Но тоа не е се, забава има и во внатрешноста на објектот. Архитектите од бирото Kientruc O успеале да создадат амбиент кој истовремено е пријатен, функционален и интересен и за најмладите корисници.
„Градинката TTC Elite Saigon е замислена едноставно во чиста геометриска форма за да предизвика детска љубопитност, што е важно, бидејќи децата со неа секојдневно комуницираат“, велат од архитектонското биро.
„Прозорите како такви поттикнуваат емоција, фантазија и љубопитност, и воспоставуваат директен однос помеѓу децата кои си играат во објектот и живото надворешно опкружување кое константно се менува“, наведуваат архитектите.
Имено, Хо Ши Мин (некогаш Сајгон) е еден од градовите кој најмногу страдале во Виетнамската војна. Но, веќе со години наназад тој константно се обновува, станувајќи дом на голем број интересни архитектонски објекти.
Таков е случајот и со оваа зграда, која благодарение на својата необична фасада, изгледа како да е направена од пластелин. Поради необичните отвори кои се поставени на сите страни, зградата на новата градинка делува еластично.
Стопен влез
За изведувачите, најпредизвикувачки дел на објектот бил неговиот „стопен“ влез, како и неправилните процепи кои се „преливаат“ од повеќе страни на објектот.
За да го постигнат саканиот ефект, архитектите внимателно ги пресметале положбите на прозорите, делуваат како случајно поставени, а сепак секоја просторија ја добива потребната дневна светлина. Длабоките ниши од внатрешната страна ги претвараат прозорите во пријатни, интимни катчиња за читање и играње. Покрај тоа прозори се поставени и во ентериерот, така што децата од една училница можат да набљудуваат што се случува во просторијата покрај нејзе.
Креативци
Градинката има пет ката. На првите три сместени се училниците и игралиштата во затворено, додека на горните два ката е сместена администрацијата. Сите нивоа се поврзани со широки скали.
Во холистички поглед, архитектурата наликува на кубистичка форма, слична на соседните станбени блокови. Сепак осетлива на околниот контекст и неговите историски карактеристики, воведување на градинката во мрежата донело свеж, атрактивен и жив здив во просторот, пишува ArchDaily.