Мадрид е фасцинантен град во кој можат да се откријат мноштво прекрасни места, како во поглед на споменици и архитектура, така и зелени природни простори. Кралската метропола и главен град на Шпанија, по Лондон и Берлин е трет најголем град во Европската Унија.
Во Мадрид живее кралот и тука се наоѓаат најзначајните државни, образовни и културни институции на Шпанија. Мадрид е град каде можат да се препознаат сите правци во архитектурата, почнувајќи од средновековни до современи. Но како и секој град што држи до себе, така и Мадрид има многу зелени површини, паркови и ботанички градини. Меѓу позначајните четири паркови се издвојува Паркот Ретиро, (Parque del Buen Retiro, што преведено значи „парк за пензионери“) или едноставно El Retiro.
EL RETIRO
El Retiro е еден од најомилените и најпосетените паркови во Мадрид, тој е бели дробови на градот, благодарение на својата површина, нешто повеќе од 125 хектари и повеќе од 15.000 стебла. Паркот El Retiro кој неодамна, во 2021 година, е прогласен за светско наследство на УНЕСКО – е зелена оаза во срцето на градот.
Во него ќе пронајдете различни интересни споменици и градини, вклучувајќи ги Jardín de Vivaces, Jardines de Cecilio Rodríguez (класицистички градини инспирирани од Андалузија), Jardines del Arquitecto Herrero Palacios, градината со рози Rosaleda и Parterre Francés, каде се наоѓа мексиканскиот четинар, стар скоро 400 години за кој се верува дека е најстарото дрво во Мадрид.
Puerta de Espana
Големиот број патеки ќе ве однесат до секој агол од паркот, а тука се и неколку фонтани кои се спектакуларни. Додека се шетате можете да ги посетите Палатата Веласкез и Кристалната палата, кои моментално се користат како изложбени простори на музејот Reina Sofía, или да веслате со чамец по големо вештачко езеро. Кристалната палата е прекрасен стаклен павилјон изграден во 1887 година за сместување на егзотични растенија за изложба на Филипините. Тоа е еден од најдобрите примери на архитектура од леано железо во Шпанија.
Кристалната палата
Паркот ѝ припаѓал на шпанската монархија до крајот на 19 век, кога станал јавен парк во кој се ужива секој ден, особено за време на викендите.
El Retiro е буквално опкружен со денешниот град, се наоѓа на работ на градскиот центар, многу блиску до неокласичната порта Puerta de Alcalá, а недалеку од музејот Прадо.
СВЕТСКО УМЕТНИЧКО ЧУДО НА ВРЕМЕТО
Кралот Филип II (1556 – 1598) го преселил шпанскиот двор во Мадрид во 1561 година. Филип на својот архитект Хуан Баутиста де Толедо му дал задача да го прошири паркот Ретиро, кога и се поставени формални дрвореди.
Градините се проширени во 1620-тите, кога Гаспар де Гузман, Гроф – војвода од Оливарес, миленик на Филип IV, му подарил на кралот неколку парцели во близина за рекреативна употреба на дворот. Оливарес решил да изгради, на место што му се допаднало на кралот, кралска куќа. Оваа втора кралска резиденција требало да биде изградена во тогашните оддалечени области на Мадрид, таа всушност била недалеку од постојната резиденција Алказар, а локацијата на ладно, пошумено подрачје се покажала како идеална.
Rosaleda
Војводата од Оливарес го нарачал паркот во 1630-тите, а на него работел Козимо Лоти, познат дизајнер на градини во тоа време. Водата била карактеристика на градината од самиот почеток: големото езеро Estanque, кое служело како амбиент за лажни поморски битки и други водни прикази, големиот канал, тесниот канал, заобленото езерце или езерце со ѕвончиња, го создаваат – заедно со капелите – основниот распоред на градините. El Retiro бил опишан како „светското уметничко чудо на времето“, веројатно последната голема креација на ренесансата во Шпанија. El Retiro станал центар на хабсбуршкиот дворски живот во време кога Шпанија била најголемата сила во светот. За време на владеењето на Филип IV и Карло II во паркот биле изведени неколку величествени претстави за кралското семејство и дворот.
ЗООЛОШКА ГРАДИНА СО ЛУЃЕ
Градините по смртта на Филип IV во 1665 година биле запуштени, но биле обновувани и менувани во многу прилики, особено откако биле отворени за јавноста во 1767 година.
За време на владеењето на кралицата Изабела II паркот доживеал големи промени, засадени се сенки и овоштарници, а претходно незасадените површини исто така се уредени. Градините конечно преминале во јавна сопственост во 1868 година, во време на соборувањето на кралицата Изабела. Во 1883 година El Retiro бил домаќин на Националната изложба на минерали. А во 1887 година 14 хектари од паркот служеле како сајмиште на изложбата на Филипините, која вклучувала и зоолошка градина со луѓе.
Споменикот на Алфонсо XII од Шпанија
El Retiro постепено станал зеленото срце на градот. На почетокот на 20 век, покрај езерото бил подигнат Споменикот на Алфонсо XII од Шпанија, дело на архитектот José Grases Riera. Безброј статуи, фонтани и комеморативни споменици го исполниле паркот и го претвориле во музеј на скулптури на отворено. Во 1930-тите и 1940-тите се создаваат нови градини што му се припишуваат на главниот градинар Сесилио Родригез, кој ја дизајнирал и изградил градината со рози, Rosaleda. Во близина на градината на Rosaleda, е статуата на паднатиот ангел, единствената скулптура во светот посветена на ѓаволот, која се наоѓа, случајно или намерно, на 666 метри надморска височина.
Останати интересни места во паркот се фонтаната Галапагос, изградена во чест на тогашната принцеза Изабела II, Teatro de Títeres, единствениот театар во Европа што организира куклени претстави секој викенд. Можат да се видат и места кои се „каприците“ на кралот, мали згради или споменици дизајнирани како мали места за одмор и релаксација: Casa del Pescador, Montaña Artificial и Casa del Contrabandista, во која сега се наоѓа Флорида Парк, поранешен ноќен клуб кој е претворен во повеќенаменски простор во кој се служи врвна храна и се одржуваат претстави и други настани.
Casa del Pescador
Casa del Contrabandista
ПЕЈЗАЖ НА СВЕТЛИНАТА
Денес паркот содржи простори за вежбање, спортски терени, можете да се возите на коњски кочии и да сретнете секакви улични изведувачи. El Retiro е омилено место кај локалното население и кај туристите.
Во паркот се наоѓаат и општинскиот спортски центар La Chopera, јавната библиотека Eugenio Trias и културниот центар Casa de Vacas, како и она што се верува дека е најстарото дрво во Мадрид. Егзотичен вид кој не ги губи лисјата секоја година, мексиканскиот четинар познат како Ahuehuete (или чемпрес монтезума) е таму од околу 1630-та година. Војниците на Наполеон го користеле да ги потпираат своите топови, кога паркот го претвориле во воен полигон. Тоа е едно од ретките среќни дрвја што ја преживеале Шпанската војна за независност против Франција.
Ahuehuete
Ако сакате да се возите низ паркот, можете да изнајмите и велосипед, исто така, ќе најдете голем број кафулиња на отворено и киосци за храна распослани околу El Retiro.
Секоја година паркот е домаќин на популарни настани како што се Саемот на книгата и огнометот што се одржува во чест на Сан Исидро, светецот заштитник на Мадрид.
Rosaleda
На 25 јули 2021 година, паркот El Retiro и Paseo del Prado, познати заедно како Пејзаж на светлината, беа прогласени за светско наследство на УНЕСКО. На оваа извонредна локација која може да се пофали со „извонредна универзална вредност“, културата, науката и природата се споиле уште од средината на 16 век. Ова подрачје е дом на такви знаменитости како што се музеите Прадо, Thyssen-Bornemisza и Reina Sofía, палатата Cibeles – сегашното седиште на Градскиот совет на Мадрид – портата Puerta de Alcalá и ботаничките градини.