Насловна / Вести / Експертите за клима – целта од два степени е мртва

Експертите за клима – целта од два степени е мртва

Ограничувањето на долгорочното глобално затоплување на два степени Целзиусови, алтернативна цел на Парискиот договор за климата, во меѓувреме стана невозможно, според водечките експерти за климата.

Авторите на истражувањето, предводени од угледниот климатолог Џејмс Хансен, заклучиле дека климата на Земјата е почувствителна на зголемување на емисиите на стакленички гасови отколку што се мислело, објавено е во списанието „Environment: Science and Policy for Sustainable Development“.

Амбициозното сценарио за климатски промени на Панелот за клима на ООН (IPCC), кој и дава 50 отсто шанси на планетата да го ограничи затоплувањето на под два Целзиусови степени до 2100 година, „веќе не е можно“, рече Хансен на прес-конференција.

Хансен е поранешен истакнат научник на НАСА, познат по тоа што во 1988 година му кажа на американскиот Конгрес дека се случува глобално затоплување.

„Целта од два степени е мртва“, нагласи тој, пишува Aljazeera.

Хансен и неговите колеги тврдат дека количината на стакленички гасови кои веќе се ослободуваат во атмосферата со согорувањето на фосилните горива значи дека е загарантирано поголемо затоплување.

Температурите ќе бидат 1,5 степени Целзиусови или повеќе повисоки од прединдустриските нивоа во наредните години, што ќе биде поразително за коралните гребени и ќе предизвика посилни бури, а до 2045 година ќе пораснат за речиси два Целзиусови степени.

Научниците проценуваат дека топењето на поларниот мраз и приливот на свежа вода во Северниот Атлантик ќе предизвика прекин на главната океанска струја AMOC (Atlantic Meridional Overturning Circulation) во рок од 20 до 30 години.

Точка од која нема враќање

Струјата носи топлина во различни делови на планетата, како и хранливи материи важни за животот во океанот.

Нејзиниот прекин „ќе предизвика големи проблеми, вклучително и покачување на нивото на морето за неколку метри, така што колапсот на АМОС го опишуваме како точка од која нема враќање“, се наведува во истражувањето.

Во Парискиот климатски договор од 2015 година, државите се согласија дека ќе се обидат да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа до крајот на векот.

Научниците заклучија дека овој праг е критичен за спречување на прекин на големите морски струи, наглото топење на вечниот мраз на север и колапс на тропските корални гребени.

Целта од 1,5 степени Целзиусови веќе е надмината во изминатите две години, покажуваат податоците на Коперник, европскиот систем за следење на климата, иако Парискиот договор зборува за долгорочен тренд со децении.

Мрачен извештај

Глобалното затоплување од два степени Целзиусови би имало и поголеми последици, вклучувајќи го и неповратно губење на ледените плочи, планинските глечери и снег, морскиот мраз и пермафростот.

Авторите признаа дека резултатите од истражувањето изгледаат мрачно, но тврдат дека за промена е потребна чесност.

„Нема да им помогнеме на младите ако не бидеме реални во климатските проценки и ако не укажеме на неефикасноста на сегашните политики за ограничување на глобалното затоплување“, предупредија тие.

„Денес, со растечките кризи, вклучително и глобалните климатски промени, дојдовме до моментот кога треба да се справиме со проблемот на одредени интереси“, додаваат тие, нагласувајќи дека сепак се „оптимистични“ за иднината.

Испрати коментар

Scroll To Top