Насловна / Вести / Ексцентрична градина во кампусот на Универзитетот Стенфорд, Калифорнија

Ексцентрична градина во кампусот на Универзитетот Стенфорд, Калифорнија

Сместена подалеку од останатите главни туристички атракции на Универзитетот Стенфорд, Калифорнија, САД, ексцентрична и чудна градина се наоѓа на северниот крај на кампусот. Опкружена со шума со дабови и евкалиптуси, нејзините густо заплеткани бодликави растенија и високите дрвја јука се истакнуваат пред минувачите, оставајќи многумина љубопитни какво е тоа место кое како директно да е дојдено од пустината Сонора на само неколку метри од Стенфорд мавзолејот.

1

Градината на кактусите во Аризона, или официјално Arizona Garden, позната и како Cactus Garden е мала ботаничка градина специјализирана за кактуси и сукуленти. Сместена во кампусот на Универзитетот Стенфорд, Калифорнија, САД отворена е за јавноста секој ден без надомест.

0

Градината за прв пат е засадена помеѓу 1880 и 1883 година за брачниот пар Леланд и Џејн Стенфорд. Леланд Стенфорд бил американски тајкун, индустријалец, политичар и основач на еден од најпознатите универзитети во светот. Arizona Garden е создадена според проект на пејзажниот архитект Рудолф Улрих, кој се специјализирал за „аризонски градини“ (во случајот „Аризона“ не значи држава во САД, туку пред сè „сушна“ градина, што подразбира растенија на кои им треба малку вода). Улрих, Германец роден во Вајмар, емигрирал во САД, обучен во Европа како градинар, изградил успешна кариера проектирајќи и поставувајќи градини и терени за приватни и јавни клиенти ширум Соединетите Држави. Во Монтереј, Калифорнија, бизнисменот Чарлс Крокер го ангажирал Улрих во 1881 година како надзорник на пејзажот во хотелот Del Monte, денес Поморска школа за постдипломски студии. Тој станал познат по својата „Аризонска градина“ од пустински растенија. Леланд Стенфорд на Улрих му задава задача да создаде слична градина на неговиот имот. Планот бил градината да биде во непосредна близина на идната вила на семејството Стенфорд и да биде дел од поголемите градини на имотот. Меѓутоа, по смртта на синот единц на Стенфордови  во 1884 година, вилата никогаш не била изградена и имотот станал – Универзитетот Стенфорд. Дури кога семејството Стенфорд ги пренасочило своите напори за изградба на универзитет во чест на нивниот покоен син, Cactus Garden станала витален дел од животот на кампусот, служејќи како училница за многу часови по уметност и ботаника. Во раните години на Универзитетот Arizona Garden била омилено место на студентите, романтично и популарно за додворување на младите парови.

5

Градината редовно се одржувала сè додека првите градинари кои биле ангажирани од семејството, Чунг Вах и Ах Вах, не се пензионирале во 1925 година и се вратиле во Кина. По Втората светска војна градината пропаднала и обновена е дури во доцните 1990-ти години.

6

Со преку 1.600 квадратни метри зелена површина, четвороаголната симетрична градина инспирирана од американскиот Запад, била необична глетка дури и за стандардите на своето време, „златното време“, период обележан со богатство. Во својот најславен период, вклучувала илјадници сорти на кактуси и сукуленти кои ретко, ако не и никогаш, природно не растеле во областа.

Arizona_Cactus_Garden_at_Stanford_University_4

Имајќи ја на ум поранешната репутација како статусна градина инспирирана од викторијански стил, Кристи Смит, сегашната координаторка на градината, почнала да истражува и планира реставрација што ќе го врати некогашното чувството на стравопочит и љубопитност кон градината.

Со поддршка од Друштвото за сукуленти од Сан Франциско, многу донатори и мноштво посветени волонтери, не само што се успеало градината да се трансформира во првобитната состојба, туку е и проширена за да вклучи голем број ретка и необични флора, како што е Ceiba speciosa – свилено дрво, спирално алое и Аgave americana.

7

Волонтерската реставраторска работа започнала во 1997 година и сè уште е во тек. И покрај децениското запоставување, некои од оригиналните растенија останале. Градината денес содржи приближно 500 кактуси и сукуленти, ледени растенија и други небични и ретки билки, вклучувајќи и десетина видови од 1880-тите години. Градината е широко поделена на два главни дела. Делот на источната страна е засаден со алое, жад и други сукуленти од Европа, Азија и Африка, а делот на западната страна е со кактуси кои потекнуваат од Америка. Историските растенија, кои сочинуваат околу 10 – 15 отсто од насадите, оставени се на нивните изворни места.

8

„Се надевам дека градината ќе биде тука и по 100 години откако ќе заминеме и дека никој нема да рече дека паркинг ни треба повеќе отколку што ни треба оваа градина“, вели Кристи Смит и додава: „Тоа би биле нашите најлоши кошмари“.

Почитувањето на градинарството и страста за историјата е она што првично привлекло толку многу волонтери за реставрација на градината и продолжува да биде движечка сила за нивните напори да ја одржат, а со тоа да ја одржат и историјата на Стенфорд.

Arizona_Cactus_Garden,_Stanford_University,_Palo_Alto,_CA,_USA

Црцорење, брборење, какафонија на птичји звуци и песни дочекуваат при првиот чекор на патеките кои се од набиена земја, обрабени со камења и обиколени со дабови и евкалиптуси, а мора да се напомене и дека кампусот Стенфорд е дом на преку 125 видови птици, од кои многу престојуваат токму во Arizona Garden.

9

Испрати коментар

Scroll To Top