Активистите од организацијата за заштита на животната средина Greenpeace, испорачаа дрон во облик на легендарниот супер херој Супермен, во француска нуклеарна централа со цел свртување на вниманието на јавноста кон нискиот степен на безбедност во овие постројки.
Беспилотното летало било безопасно по работата на централата и нејзиното функционирање, но акцијата е спроведена за да се покаже високиот степен на ранливост на нуклеарките изградени во седумдесеттите години од минатиот век, во однос на денешната технологија достапна за потенцијалните терористи. Мета на нападот била централата во Бужиј, на 30 километри оддалеченост од Лион. Во енергетскиот микс на Франција, нуклеарките учествуваат со 75 отсто.
На овој инцидент му претходеле и низа други слични упади во нуклеарките ширум Франција, а залагањата сепак вродиле со плод. Имено, во Франција неодамна е покрената парламентарна истрага за безбедноста на нуклеарните постројки.