Насловна / Архитектура / Еколошка револуција на 21 век

Еколошка револуција на 21 век

Од почетокот на овој век, сè почесто се појавуваат футуристички проекти, мини вертикални зелени градови како излезени од научно-фантастични филмови, со нови решенија, нови технологии и материјали, кои укажуваат на зелената иднина на архитектурата. Самоодржливи објекти кои користат природни извори на обновлива енергија, сонце, ветер, дожд…. зелена градба… еколошка револуција… Дали светот ќе се смени радикално? Нови потенцијални самоодржливи решенија, предлагаат на разни страни на светот, архитекти, инженери, екологисти…. Постои разлика во нивните концепти, но заедничка им е високата свест за заштита на животната средина при градењето на просторот.1. Green8, Берлин, Германи_а

Green8, Берлин, Германија

ЗЕЛЕНА АРХИТЕКТУРА

Еколошката, одржливата или зелената архитектура е дел од еден поширок концепт. Со развојот на технологијата и сè поголемата потреба за енергија, се разви и свеста дека ресурсите на нашата планета се ограничени, а потребата за енергија е сè поголема. Одржливиот развој и идејата за намалување на штетните последици што човекот ги остава на планетата, го отвори патот кон зелената архитектура. Поттикна потрага за разни полезни решенија за нејзина заштита.

Драстичното покачување на цената на нафтата, што се случи во 70-тите години на минатиот век, го насочи развојот кон користење на чистата енергија од сонцето, проектирање и градење на соларни објекти, кон еколошка и енергетски одржлива градба во согласност со природата. Кон зелена архитектура, користење на енергетски ефикасни технологии, методи и интегрирање на објектите во вкупниот еколошки систем. Помеѓу најзначајните изуми, секако, се соларните панели и турбините на ветер, кои имаат потенцијал во иднина да ги заменат нуклеарните централи. Рециклирањето на старите материјали, заштедата на енергија, алтернативниот начин на нејзино производство, се главни насоки при проектирањето на новиот тип објекти. Екологијата е на прво место, но не се занемарува основната компонента на дизајнот – естетиката. Поентата на зелената, еколошката архитектура е заштеда на енергија, негување на убавина, чувство на заедништво и здравје на нејзините корисници во природното опкружување.

ВИЗИОНЕРСКИ АРХИТЕКТОНСКИ КОНЦЕПТИ

Во овој текст ќе се осврнеме на неколку интересни визионерски, архитектонски концепти на пријателски „екоградби“. Тие се појавија на почетокот на овој век. Преку нивните футуристички проекти и истражувања, тие нудат решенија и начини за заштита на нашата природна средина, за која дваесеттиот век не водеше доволно сметка.

Green8 – твист облакодер со форма на осмица

Проектот наречен Green8, на архитектите од Берлин, Агнешка Прајбиш (Agnieszka Preibisz) и Питер Сандхаус (Peter Sandhaus), е твист облакодер со фигура на осмица и структура која врти околу вертикална градина. Наменет е за новиот генерален план на источниот дел на Берлин, за локација во срцето на Александарплац. Green8 не е само зграда. Тоа е форма на живот. „Вертикален град градина“, самоодржлив облакодер со 45.000 м² корисна површина.

Мрежа на градини и стакленици, предвидени во двете вдлабнатини на осмицата за самодржливо градинарство. Проектантите ја согледуваат состојбата на општеството во 21 век, што бара нови визии за живот во густо населените делови на градовите, како и потребата од поттикнување чувство на заедница и меѓусебна комуникација на жителите. Тие велат: „Додека во социјалните мрежи се создаваат услови, границата помеѓу јавната и приватната сфера повторно да се обнови, архитектурата и урбанизмот на градови како Берлин, заостануваат зад овие значајни социјални и демографски промени“.

2. Vertical City for Venezuela Slums

Vertical City for Venezuela Slums

Што значи ова за развојот на архитектурата и урбанизмот?

Mногу модерни семејства се растргнати помеѓу желбата за живот во раздвижените урбани средини и желбата за живот во хармонија со природата. Како интегративно решение на оваа дилема, архитектите Агнешка Прајбиш и Питер Сандхаус, го предлагаат проектот Green8. Неговиот концепт вклучува:

  • резиденции;
  •  вертикална стаклена градина, пазар на фармери, градини, овоштарници и фарми;
  • деловен простор и работилници;
  • 360º панорама, спа центар, базен и бар;
  • ресторан, пансион, детска градинка, грижа за постарите лица;

Преку овој концепт на вертикално земјоделство, на облакодери со вертикални градини, во иднина може да се дуплира изворот на храна, како алтернатива на индустриското производство. Ова ја разгорува дебатата за тоа дали концептот на вертикални градови градини, може да биде решение за проблемот на несигурноста со храна во светот. Според World Hunger Education Services – може.

Vertical City for Venezuela Slums

За предградијата на Венецуела, на местото на сиромашните квартови во Каракас, се предвидува кула на три нивоа, со необичен дизајн. Секоја од трите „чаши“ дефинира различни активности, за различни кориснички групи. Британските проектанти (architecture design collective Desitecture), предвидуваат „Вертикален град“ од 180 ката, кој ќе содржи хотелски, станбен и деловен простор. Во рамките на шупливите структури на објектот, вградени ветерни турбини ќе собираат енергија. Фасадата ќе биде од лесни композитни, однапред излеани единици, кои содржат шупливи структури со вградени микро турбини. Ова помага за генерирање на енергијата на ветерот што ќе го зголемува целокупното производство на енергија преку фотонапонски панели.3 Twisting Acupuncture Tower, Та_ван

Twisting Acupuncture Tower, Тајван

Twisting Acupuncture Tower for Taiwan

„Твист кулата акупунктура“ е дизајнирана од страна на студенти на И.А. Лабораторија на Универзитетот од Тајван. Со својот футуристички изглед се разликува од повеќето модерни објекти. Зелената архитектура на кулата, со необичен спирален дизајн предвидува многу иновации. Како производство на биогориво на фасадата, отсолување на водата од океанот, користење на енергија од ветерот и сонцето и рециклирање на отпадот. Зеленилото на фасадата не се вертикални дрвја, тоа се алги.

4.  Solar Tower, Таипеи, Та_ван

Solar Tower, Тајпеј, Тајван

Solar Tower for Taipei

Проектот што победи на конкурсот за соларна кула во Тајпеј, Тајван, е толку ултра футуристичка структура, што е прашање дали градбата е возможна. Тоа е соларен облакодер со иновациски дизајн, еко архитектура, зелена градба… Проектантите инспирирани од формата на островот Тајван, од лист од дрвото пари (money tree) и други симболи на Тајван, дизајнирале соларна кула висока 390 метри, со осум платформи за набљудување – цепелини, подвижни лифтови направени од лесни материјали, полни со хелиум кои се движат како листовите на гранките, горе-долу. Секоја платформа може да носи 50-80 луѓе до врвот на објектот, до убавиот поглед кон градот. Во вертикалното јадро се сместени музеј, деловен простор, ресторани и урбан парк. Предвидени се разни одржливи стратегии како, хелиумски лифтови, фасада покриена со фотонапонски панели, турбини на ветер… Победници на конкурсот за овој објект, беа романските архитекти Дорин Стефан (Dorin Stefan Birou Arhitectura), во соработка со Михаи Богдан (Mihai Bogdan CRACIUN) архитект од САД, и upgrade.studio. Почетокот на градбата беше закажан за 2012 година. Кога ќе почне – неизвесно.

5. Tianjin Eco - City

Tianjin Eco-City, Тијанџин, Кина

Tianjin Eco City – еко град од научна фантастика

Со изглед на град до научна фантастика, еко градот Тијанџин (Tianjin Eco City) е амбициозен проект помеѓу Кина и Сингапур. Се наоѓа 150 км североисточно од Пекинг и 45 километри од крајбрежниот град Тијанџин. Има цел да биде најголем одржлив, „умен“ град во светот. Предвидените бројки се импресивни. До 2020 година треба да се сместат 350.000 луѓе, на 34 км². Проектантите (Surbana Urban Planning Group) предвидуваат многу новини, зелени објекти, зелен транспорт и обновливи извори на енергија. Некои од предвидените иновации се:

  • Обезбедување на  20% од енергијата потребна за градот, со турбини на ветер и соларни панели;
  • Користење на органско рециклирање на отпадот за електрична енергија;
  • Отсолување на морската вода;
  • „Паметни“ објекти со автоматски ролетни и контрола на температурата;
  • Намалување на користењето на автомобили во градот на помалку од 10%;
  • Водни живеалишта за привлекување на птици и животни, за создавање на екосистем;

Инвестицијата е 22 милијарди американски долари. Градот е поделен на седум реони. Ќе вклучува станбени згради, административен и граѓански центар, производство на обновлива енергија и сложени структури поврзани со небесни мостови на повеќе нивоа. Ќе служи како модел за други градови во Кина.

8. Hydrogenese, Algae Airships

Hydrogenese, Algae Airships – форма што лета

Во 2010 година, реномираната белгиска фирма за архитектура, на архитектот Винсент Калбо (Vincent Callebaut), претстави голем научен проект за Владата на Кина. Предложи самоодржлив концепт наменет за Шангај, град на брегот на Јужното Кинеско Море, со кој воздушни бродови кои содржат специјални видови на микро алги, сончевата светлина и CO2 ќе ги претвораат во водородни биогорива. Hydrogenase! Авион или дирижабл! Форма што лета! Водороден погон… неверојатно!

Идејата е да се обезбеди алтернативен одржлив транспорт за дирижабли, чие напојување е со биоводородно гориво со нулта емисија, генерирано од фарма на алги, која е дел од проектот. Надворешноста на дирижаблите ќе биде покриена со соларни панели и турбини на ветер.

Самиот проект се состои од фарма за алги, биоводородни дирижабли, живеалишта, научна лабораторија за истражување на иднината на транспортот и алтернативните биогорива. Помеѓу инженерство и биологија, хидрогенес е еден од првите проекти на био-мимикрија кој ја црпи својата инспирација од убавината и формите на природата, но и од квалитетот на неговите материјали и сопствени производствени процеси. Проектот Hydrogenase предвидува дека до 2030 година може да постојат фарми за производство на биогорива добиени од алги, кои ќе дејствуваат како центри за авионите во океаните.

Новата зелена револуција е навистина во тек, 100% самодоволна енергија и нулта емисија на јаглерод!

7. Tianjin Eco - City

Некои од изнесените примери, можеби ќе останат само футуристички идеи и желби за подобра иднина на човештвото, но некои веќе се во фаза на договарање за градба и можеби наскоро ќе ја видиме нивната иновативност, креативност, убавина… ќе ја почувствуваме нивната грижа за животната средина, нејзината заштита и обновување на оштетувањата на екосистемот на планетата направени во минатото. Како архитекти, како граѓани, како жители на планетата Земја, каде и да се наоѓаме, должни сме да ја поддржиме и овозможиме еколошката револуција, во сите средини и на сите можни начини и нивоа. Како што вели професорот д-р Бранко Лаловиќ: „Технолошкиот и индустрискиот развој во текот на 20 век, предизвикал такви еколошки пореметувања и нарушувања на екосистемот, што ќе бидат потребни сите сознанија и целиот научен потенцијал на 21 век, за да се санираат грешките на претходниот век“.

Испрати коментар

Scroll To Top