Необјасниво загадување на водата во близина на чиста и недопрена плажа на Далечниот исток од Гринпис го опишуваат како невидена еколошка катастрофа.
Загадувањето го имаат забележано луѓето на плажата Калактирски во Русија, дел од брегот на Пацификот прекриен со црн вулкански песок, долг десетици километри и популарен меѓу туристите.
“Водата ја смени бојата и стана небезбедна за здравјето на луѓето. Неколку недели, луѓето кои биле во контакт со водата имале негативни последици“, се вели во соопштението на Гринпис. Откако влегле во водата, луѓето се пожалиле на болки во грлото, влошување на видот, суви очи, гадење, физичка слабост, повраќање и покачена температура. Мртви октоподи и други морски животни може да се видат на плажата во видеа објавени на Инстаграм и на веб-страницата на Гринпис.
“Фактот дека мртви животни може да се најдат по должината на целиот брег ја потврдува сериозноста на ситуацијата“, велат од организацијата.
Локалните власти соопштуваат дека извршиле увид на плажата и дека морето ги фрлило животните на брегот поради невремето. Причината за загадувањето на крајбрежјето на регионот Камчатка не е целосно јасна. Властите соопштуваат дека прелиминарните тестови откриле зголемено ниво на нафтени деривати и феноли, на што од Гринпис велат дека веднаш треба да се најде изворот.
“Единствено што сега може да се каже е дека има загадувачи во водата. Конечните тестови сè уште не се подготвени “, вели регионалниот гувернер на Камчатка, Владимир Солодов.
Од Гринпис посочуваат дека загадувањето може да се случило пред неколку недели.
Претходно, вршителот на должноста министер за природни ресурси во регионот Алексеј Кумарков рече дека тестовите покажале дека нивоата на нафтени деривати и феноли се 3,6 и 2,5 пати повисоки од нормата, пренесува агенцијата Срна.