Облакодерите се веќе одамна етаблирани како неизоставен дел од пејзажот на модерните градови. Но, денес повеќе од кога било бројни инженерски и еколошки предизвици се исправени пред овие зданија. Височината веќе одамна не е императив сам по себе, туку напротив, денес, начинот на експлоатација на овие објекти, потрошувачката на енергија, како и нивното влијание врз животната средина се од огромно значење. Со други зборови, и облакодерите како и сите други аспекти на современото живеење се ставени пред предизвикот на целите на одржливиот развој.
Melbourne CH2
Но, да се осврнеме малку хронолошки на развојот на високите згради. Имено, со инвенцијата на безбедниот лифт во 1860-тите, како и челичната рамка во 1880-тите, високите згради добиваат можност да достигнат дотогаш незамисливи височини. Од своите почетоци во Чикаго и Њујорк, високите згради брзо стануваат синоним за богатство и моќ ширум светот. Кон крајот на 20-тиот век, фокусот и интересот за овие градби, се поместува од западниот свет во Азија, каде градовите како Хонг Конг и Сингапур, стануваат домаќини на навистина репрезентативни примероци на архитектонската генијалност. Потоа, Средниот Исток започнува да ја води играта и сè уште е лидер на ова поле, иако Кина упорно останува во оваа трка. Со 828 метри, Бурџ Калифа во Дубаи моментално го има епитетот на највисока зграда во светот. Kingdom Tower во Џеда е на пат да го преземе приматот како прва зграда која го достигнува фамозниот километар во височина. Крајниот лимит за височината, останува вечно неодговорено прашање и постојан предизвик.
Бурџ Калифа во Дубаи
Но, принципите на одржливиот развој поставуваат многу задачи во однос на заштедата на ресурси, чистата енергија, енергетската ефикасност, влијанието врз здравјето на луѓето, влијанието врз животната средина и слично. Затоа, токму овие предизвици сè повеќе се поставуваат како императив пред модерните градби. Тоа значи дека новите рекорди ќе се пресликуваат низ термините – најефикасно, најеколошко, или со еден збор најодржливо. Според американскиот архитект Скот Џонсон, кој интензивно има пишувано на тема облакодери, под облакодер се подразбира зграда од околу 50 ката, чиј идентитет е дефиниран преку формата, оската и изгледот. Тој потенцира дека низ постојаниот тренд на зголемување на височината, поизразен станува предизвикот на справување со страничните оптоварувања од ветерот, како и потенцијалните потреси на тлото кои се пренесуваат на објектот во вид на поизразени вибрации на поголема височина, што пак од своја страна предизвикува непријатност и еден вид на „морска болест“ кај станарите на најгорните катови. Џонсон тврди дека градењето на уште повисоки облакодери од денешните, е секако можно и изводливо, но убеден е дека градењето на височина од околу 2.000 метри и повисоко не е воопшто физибилна опција со оглед на високите трошоци за развој и истражувања, како и цената на чинење на самата изведба. Се разбира, со зголемувањето на височината и катноста на зградите, се намалува корисниот простор, па одењето во височина станува помалку економично. Како и да е, денес постои тренд на изградба на тенки згради на престижни локации (Менхетн), каде апартманите имаат прекрасен поглед во неколку правци, и со тоа се обезбедуваат навистина високи цени на недвижностите.
Организирањето на вертикалниот транспорт кај овие објекти е исто така голем предизвик. Тековната технологија на лифтови е ограничена со тежината на челичните јажиња, што пак од своја страна е ограничувачко за брзината на движење на лифтот. Но, новите лесни изведби на јажиња од јаглеродни влакна, се на пат да направат револуција и во оваа област. Германската компанија Thyssen Krupp, ги истражува можностите за систем без јажиња, односно со магнети преку кои ќе биде овозможено движењето на лифтовите, и тоа не само по верткала туку и хоризонтално. Ова е од особена важност во смисла на зголемување на ефикасноста, зголемување на корисната површина во објектите, како и организирање на поефикасен систем за евакуација во итни случаи. Овој нов концепт компанијата за првпат ќе го примени во Берлин во East Side Tower која е во изградба.
East Side Tower, Берлин
Но, да се вратиме повторно на предизвикот да се „излаже“ ветрот. Изгледот на Бурџ Калифа, во вид на серија од „цевки“ најдобро го илустрира овој проблем. На овој начин, ветерот ефикасно се амортизира околу зградата, наместо да удира во рамните ѕидови. Токму затоа во иднина сè повеќе ќе гледаме облакодери кои ќе личат на проектили.
Наспроти растечката популација и потребата од зголемување на станбениот простор, особено е важна комуникацијата на високите згради со околината, првенствено преку неопходните зелени површини. Стручњаците особено ја истакнуваат важноста на квалитетен зелен простор, со дрвја и други содржини, наспроти многу преферираните плочници и плоштади. Истражувачите постојано ја истакнуваат врската помеѓу поврзаноста со природата и квалитетот на физичкото и менталното здравје. Тоа е реминисценција на познатиот модернистички идеал „кули во парк“, концепт предложен од легендарниот Ле Корбизје во неговата шема за идеален град во 1922. Денес, комплексот „Marina Bay Sands“ во Сингапур е предводник на овој концепт, каде дрвјата и парковите се виталниот дел од урбанистичкото планирање.
One Angel Square, во Манчестер
Во време кога исцрпувањето на ресурсите, загадувањето на воздухот, но и редуцирањето на трошоците се особено важни, енергетската ефикасност станува еден од приоритетите дури и кај објектите кои се симбол на моќ и раскош, односно облакодерите. Сепак, наспроти многубројните класификации на облакодерите по однос на архитектонски стил, височина, функција и слично, историски малку е истражувано во однос на нивната категоризација според потрошувачката на енергија односно енергетските перформанси (осветлување, концепт на вентилација, форма, фасада и слично). Низ годините, овие перформанси биле под влијание на регулаторните измени, економски и комерцијални фактори, како и измени во начинот на архитектонското размислување. Низ изминатите 120 години, настаните како Законот на Њујорк за зонирање од 1916, иновациите во фасадите по Втората светска војна, како и енергетската криза од 70-тите години на минатиот век, имале сериозно влијание врз енергетската потрошувачка во облакодерите.
Денес, кога проблемот со климатските промени е високо на агендата на глобалната политика, и кога во вкупната примарна енергетска потрошувачка на светот, зградите учествуваат со 30-40 %, иновативниот и интердисциплинарен пристап во проектирањето на облакодерите е особено важен. Во тој контекст, со посебно внимание треба да се анализира влијанието на високите згради врз животната средина, првенствено поради типично високите енергетски барања, зависноста од вештачко осветлување и климатизација, како и високите трошоци за експлоатација и одржување. Затоа се важни енергетските перформанси на високите згради низ историјата, за да се испита како и зошто тие се менувале, и да се научат корисни лекции за во иднина.
Петте „генерации“ на високи згради во однос на енергетската потрошувачка
Прва генерација – Од појавата на високите гради во 1885, до Законот за зонирање во 1916
Втора генерација – Од Законот за зонирање во 1916 до развојот на мазните фасади во 1951
Трета генерација – Од развојот на мазните фасади во 1951, до енергетската криза во 1973
Четврта генерација – Од енергетската криза во 1973 до денес
Петта генерација – Од периодот на подигање на еколошката свест (1997) до денес.
Енергетските перформанси на облакодерите, веќе одамна вклучуваат двослојни фасади со цел обезбедување дневна светлина, максимална изолација и отпорност на соларни добивки. Ефикасното осветлување и лифтовите кои ја регенерираат енергијата, денес веќе не се иновативен концепт туку стандард. Тригенерацијата (истовремено производство на електрична, топлинска и енергија за ладење) за потребите на објектот, како и зелените површини хранети со зафаќање и користење на дождовницата, исто така не се веќе изненадување. Но, начинот на кој се развиваат градовите и особено деловните комплекси, бараат уште поголеми и постојани промени и подобрувања, не само кај самите објекти, туку и во нивното опкружување (брз и ефикасен пристап до главните сообраќајни јазли). Различни градови имаат различен одговор на овие предизвици. Лондон има политика на групирање на повеќе високи згради на една локација, кои потоа стануваат магнет за нови објекти од овој вид. Париз пак, ги исклучува облакодерите од подрачјето на центарот и ги лоцира во деловниот кварт La Defense.
La Defense, Париз
Во меѓувреме, норма на новите облакодери особено во Јапонија и Кина е мешовитата намена, каде деловниот, резиденцијалниот, просторот за хотели и ресторани и другите содржини се во еден објект. Ваквите згради овозможуваат најдобро искористување на градежното земјиште и се многу поотпорни на економски шокови, бидејќи приходот доаѓа од различни дејности, а фреквенцијата на луѓе е балансирана во текот на целиот ден. Оваа идеја се појавува за првпат во Чикаго во 1969, се развива во Кина, а сега е тренд во повеќето мегаградови. Како примери може да се наведат: London Shard, Shanghai Tower, PS100 (Сингапур) и Hysan Place (Хонг Конг).
Hysan Place, Хонг Конг
Веќе е сосема јасно, дека најважниот иден тренд во развојот на облакодерите нема да биде екстравагантната височина туку енергетската ефикасност. Облакодерите на иднината, односно оние кои од страна на архитектите се нарекуваат „петта генерација“, се стремат кон јаглеродно неутрален отпечаток. Такви примери веќе гледаме во: Melbourne’s CH2, 1 Bligh Street, во Сиднеј и . Овие извонредни нови кули вклучуваат сет од екоиновации, производство на енергија од обновливи извори, природна вентилација, складирање на енергија, фасади и покрив кои произведуваат енергија, рециклирање, лифтови со линеарна индукција, прекрасни атриуми со зелени површини и слично. Секако, развојот на високи и ефикасни згради е клучот за обезбедување доволно простор за брзорастечката популација на големите градови.
Гледајќи во иднината, мора да бидеме подготвени на нови изненадувања.
„Bahrein World trade center“ првиот облакодер со ветерни турбини