Еко-свест и CEE Bankwatch Network испратија жалба до Енергетската заедница поради Владината уредба за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори која неправедно ги фаворизира малите хидроелектрани пред другите енергетски извори, известува Еко-свест.
Организацијата потенцира дека Македонија е потписник на Договорот за енергетска заедница, со кој се забранува „каква било јавна помош која ја нарушува или се заканува да ја наруши конкуренцијата со фаворизирање на одредени претпријатија или одредени енергетски ресурси“.
„Во последниве години малите хидроелектрани прават пустош низ земјите од југоисточна Европа – вклучувајќи ја и нашата земја – поради нивниот брз развој, често во заштитени подрачја, и без примена на законите за заштита на животната средина“, стои во јавното соопштение на Еко-свест.
Сепак, велат тие, новата законска рамка одобрена од владата во февруари оваа година дозволува неограничен број хидроелектрани под десет мегавати да продолжат да добиваат оперативни субвенции во форма на повластени тарифи.
Во исто време, дополнуваат тие, сончевите фотоволтаици не можат да добијат никакви повластени тарифи, без оглед на големината. Во јавното соопштение се нагласува дека сите квоти за ветерници веќе се резервирани, а само неколку мегавати биомаса и биогас сѐ уште можат да добијат оперативна поддршка.
Новите правила, што со новата законска рамка се воведуваат само за фотоволтаичните централи и повеќето ветерни централи, се дизајнирани да ги минимизираат трошоците за потрошувачите. Тие, велат од Еко свест, мора да се натпреваруваат на аукции за да понудат производство на електрична енергија по најниска цена, а успешните понудувачи се квалификуваат за поддршка во форма на премии што се плаќаат над пазарната цена за електрична енергија за да се осигураат дека ги покриваат нивните производствени трошоци.
Исто така, во соопштението стои дека системот со премии, што исто така се применува и во ЕУ, повлекува поголеми ризици за инвеститорите. Исклучувањето на хидроенергијата од овој систем му дава неправедна предност на овој сектор.
“За земја што го има сонцето на нејзино знаме, Северна Македонија чудно го користи својот потенцијал. Привилегираната хидроенергија можеби имала смисла пред неколку години кога сончевата и ветерна енергија била премногу скапа, но тие денови се одамна поминати”, додаде Филипа Галоп од CEE Bankwatch Network. “Наместо да се стимулира растот на нови извори, оваа шема ги потпомага малите хидроцентрали со голема штета. Оваа пракса треба веднаш да се смени за да се изедначат можностите“, дополнува тој.
Еко-свест и CEE Bankwatch Network потенцираат дека самиот закон за контрола на државната помош не е во согласност со одредбите од Спогодбата за функционирање на Европската Унија кои се однесуваат на заштита на конкуренцијата.
„Во последниот извештај за земјата од ЕУ во поглавјето 8 за заштита на конкуренцијата стои дека земјата мора да ја подобри транспарентноста на државната помош која ја дава Владата, меѓутоа и да обезбеди независност на институциите надлежни да ја спроведат. Како земја која активно се стреми да стане членка на ЕУ сметаме дека со вакво непочитување на ЕУ регулативата и игнорирање на забелешките од извештајот ние испраќаме порака дека за жал, не ја сфаќаме сериозно задачата за исполнување на обврските за влез во унијата“, се вели во соопштението.