Насловна / Вести / Еко-свест: Елаборатите за малите хидроцентрали одат пред Уставен суд

Еко-свест: Елаборатите за малите хидроцентрали одат пред Уставен суд

Еко-свест ги оспори на Уставен суд законските одредби и уредбите кои овозможуваат да се градат мали хидроцентрали само со елаборати за животната средина.

Иницијативата пред Уставен суд е поради тоа што за одредени проекти, Законот за животна средина предвидува да не се спроведуваат детална оценка на влијанието врз животната средина со што ѝ се оневозможува на јавноста и локалните заеднцици да добиваат информации за овие постапки и да учествуваат во постапката. Најчесто, јавноста не знае за проектите сѐ додека не се појават багерите и не почне сеча на шумите за изведба.

mali-hidrocentrali

„Уставноста и законитоста на наведените акти се оспорува од причина што овој тип на проекти можат да имаат значително влијание на животната средина, природата, биолошката разновидност, еколошката состојба на определени екосистеми и рационалното и одржливото користење на природните богатства. Поради недостаток во постапките за оцена на влијанието врз животната средина, планирањето, управувањето и контролата на економскиот развој со кој се искористуваат ресурсите на животната средина, се соочуваме со негативни резултати во нејзината заштита, како што се континуирано загадувањето на водите, воздухот, загубата на биодиверзитетот и нарушувањето на јавното здравје.“ се вели во иницијативата доставена до Уставен суд.

Веројатно најкарактеристични примери за ова се малите хидроелектрични централи што се изведуваат во заштитени подрачја, или на водотеци со висок квалитет на водата и со значајни ендемични видови. Меѓутоа, има и други примери како што се рудникот за јаглен на локалитетот Забрдо во о. Новаци со кој е уништен значаен археолошки локалитет, гасоводот Свети Николе – Велес кој во најголем дел од својата должина поминува низ заштитено подрачје од меѓународно значење, концесии за каменоломи во мали региони без да се определи нивното кумулативно влијание, па дури и фотоволтаични централи предвидени на живеалишта значајни за заштита на европско ниво.

eko

„Во реалноста, најголем дел од елаборатите прават несоодветна проценка на влијанијата од проектите, поради што се предизвикува значителна деградација на природата, се нарушува функционирањето на екосистемите, се овозможува загадување и неконтролирана експлоатација на камен, песок, минерални суровини. На овој начин се дозволуваат градежни работи и вршење на дејности врз основа на општи насоки, субјективни толкувања без прецизни и мерливи критериуми, во постапка која не била јавна, без јавна дебата и поднесување на граѓански предлози по истите. Овие законски норми ја нарушуваат темелната вредност на уставниот поредок за уредување и хуманизација на просторот и заштитата на животната средина, но и создаваат односи кои го попречуваат уставното право на здрава животна средина.“- изјави Симона Трајковска од Еко-свест.

Од Уставниот суд се бара да ги земе предвид обврските од ратификуваните меѓународни договори, како што се Архуската конвенција во делот на учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правдата за прашањата поврзани со животната средина, Препораките од Комитетот на Бернската конвенција за зајакнување на процесот на оценка на влијание врз животната средина, како и одлуките на Енергетската заедница на ЕУ.

„Уставниот суд во согласност со одредбите на Уставот има легитимитет да го обезбеди правото на здрава животна средина преку координирање на сите политики кои обезбедуваат заштита на животната средина. Со иницијативата не бараме само нормативна заштита на правото на здрава животна средина преку обврски, забрани, ограничувања, санкции, туку сакаме да поттикнеме повисок степен на еколошка свесност кај граѓаните од каде доаѓа обврската за надлежните органи да обезбедат нивно информирање и вклучување во донесувањето на одлуките за животната средина “, изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Испрати коментар

Scroll To Top