Насловна / Вести / Еко-равенка со велосипедска непозната

Еко-равенка со велосипедска непозната

„Зарем од сите градови на светот мораше да биде токму овој… ?“

Оваа благо парафразирана реплика на фиктивниот Rick Blaine, може да се употреби за неговото пацифистичко уточиште Казабланка исто онолку колку што може да се налепи на овој балкански град со метрополски амбиции и тежок еколошки товар. Со таа разлика што нијансата на горчина употреблива за Скопје нема ама баш никаква врска со романтичната резигнација на целулоидната икона Хемфри Богарт.велосипедска патека

Велосипедска патека

Доколку по некоја случајност моралните принципи би биле ’рбет на нашиот апетит за високо рангирање на некои светски табели, поединeчни егзистенцијални платформи би биле позиционирани многу поблиску до епицентарот на системската ефикасност. На тој начин домашниот политичко-трговски талент на полето на заштитата на животната средина можеби би успеал да „просее“ и по некое груменче златен сјај наместо досегашната тонажа од слабо употреблив чакал. Во случај тоа, по некое чудо, наскоро да почне да се случува, освен намалениот крвен притисок на наменскиот НВО сегмент, би добиле и граѓански седатив во форма на благо увереност дека во оваа котлина иднината може „да се засади“, но би можела и поздраво да се одживее.Хемфри Богарт

Хемфри Богарт

Сознаен параван

Кога еден еколошки контекст ќе се преслече во системска грижа од балкански калибар, тој истовремено се стекнува и со повластен и со проклет статус. Повластен, бидејќи за кусо време станува составен дел од локалната свест, што е добро, но и од локалната семантика, што и не е толку добро бидејќи на моменти успева да се изгуби во „мезанинот“ помеѓу својата суштина и лаичко-лексичката примена. Проклет, бидејќи веќе од самиот почеток станува материјал за половична операционализација, забавен некаде на патот до вистинските решенија. Иако, рака на срце, и самото пробивање на преднаталната taboo-мембрана знае во услови блиски на нашите да биде успех поголем од реалниот.

Борбата против урбаното аерозагадување почнува со неговото детектирање и премерување, и тоа е единствената исправна логика. Таа логика треба да се прифати и апсорбира за да може да понуди целисходен одговор, кои тоа системски елементи треба да се чепнат, кои полиња да се тримуваат, кои склопови да се приспособат, а кои делови да се исполираат. Токму така и по тој редослед. Со доволна количина доблест овој синџир да остане непрекинат поради опасноста затекнатата состојба на каков било начин да се анестезира.

Пуштањето во употреба на петте ДАМС (Државен автоматски мониторинг систем) мерни станици на подрачјето на градот Скопје, беше првиот удар кој „сатрапот“ на локалното аерозагадување го претрпе. Од тој момент „царот“, кој од се поголема маса свои „поданици“ создава пулмолошки пациенти, остана соголен, но не и до крај соблечен. Но, матното и загасито море по кое плуташе нашата бајата еколошка свест, почна да рефлектира нови нијанси. Одеднаш добивме и официјална потврда за некои сомнежи – дека централното градско подрачје и некои перифериски зони се доминантни полутантни жаришта – но и шлаканица за некои самозадоволни предубедувања – дека, на пример, делови на општината Карпош поседуваат докажана хортикултурна привлечност, но истовремено се еколошки ранливи речиси до ниво на истиот тој градски центар!

За кој и да било систем нема подобар знак дека треба да се соберат „штабните кадри“, да се распостелат „стратегиите“ и „картите“ и да се отпочне планирањето на потребните контраофанзиви. Линковите кон потенцијалните загадувачи и нивните слаби страни, конечно беа отворени. Кон сите, па и кон градскиот сообраќај.SANYO DIGITAL CAMERA

Панорама на аеро-загаден град

Проблематични паралели

Скопје, сообраќај и заштита на животната средина… терцет кој веќе некое време звучи како почеток на шегите од типот „си биле еднаш Русин, Американец и Балканец“, така чести кога обилниот оброк го полни стомакот, а придружниот напиток ја празни главата. Но тоа ни од далеку не е шега. Тоа е увертира на една сериозна градска приказна која се обидува да фати чекор со едно чудно време, под стеснетите сводови на една урбанистичко-транспортна политика, во услови на јавна свест која тоа до крај сè уште не е. Приказна сеприсутна и сè помоќна поради околностите што, за волја на вистината, „дебело“ ѝ одат на рака. Впрочем, исто како и нашата тенденција да ја забележуваме, па потоа некое време гледаме низ неа. Нешто како пермутацијата на стратокумулусите во кумулонимбуси која ја забележуваме над главите, но за невремето стануваме свесни кога е предоцна, кога дождовните капки ќе дојдат во допир со телото.

Сообраќајно-транспортните напори, градскиот еколошки амбиент да не прерасне во трајна атмосфера од noire филм со лошо сценарио, мора да се потпрат на (1) нешто конкретно што веќе го поседуваме и (2) нешто туѓо, што во најконкретна варијанта би можеле да го присвоиме. Креиреајќи постепено но упорно „порции“ од помалку поуспешни наместо масовни полууспешни, односно мерки со потполно нетранспарентен еколошки ефект. Имам силен впечаток дека тоа може да биде начинот на кој ќе успееме значително да го забавиме процесот низ кој скопските „рингови“ би се претвориле во концентрични кругови на еден урбан еколошки пекол.

Дијалогот со животната средина треба да се води на начин кој токму таа го бара и налага, никако во рамките на антрополошките приземни каприци и ограничености. На пример, тие ограничености до бесвест, но без потребниот ефект, ја споредуваат нашата желба со велосипедските раеви од калибарот на Холандија, во отсуство на, што природен, а што историски наследен капацитет, да продреме во вистинската природа и заднина на таквиот вид на нечија туѓа посветеност (патем, сè уште не ми е јасно зошто во ист манир не се повикуваме на јапонската ефикасност или германската дисциплина!?). Обидувајќи се да ја допре холандската „тајна“ Вашиот автор, во дијалог со двајца вело-експерти од оваа земја, се соочи со карпесто-стерилен став („одржливо–здраво–одржливо“) како потврда за ширината на менталниот и распонот во генезата на материјата, што е невозможно да се премости со декларации и неколку килограми проектна хартија и боја. Но што ако за миг ги отфрлиме сите ретроградни повикувања на менталитетот, традицијата, кутурата и навиките?

ДАМС мерни локации

ДАМС мерни локации

Суштинска идентификација

Велосипедот треба да израсне низ посебен, нему својствен обред со кој ќе се прекине вечниот круг околу догматското ретроградно јадро. Обред кој се постигнува низ доктринарна политичко-институционална посветеност, карантински заштитена од инфекцијата на популизмот. Која не трпи кокетирања или прељуби со автомобилите, туку рамноправно преговарање со нив. Единствено таквата посветеност може да ги мултиплицира аглите на визурата групирани кон човекот како доминанта на градскиот простор. И само на тој начин преземените мерки ќе се одглават од категоријата интервентни лапсуси кои само повремено ја расипуваат удобноста на вкоренетата автомобилска навика.

Поимите изградба и дизајнирање ги двои суштина која се рефлектира директно кон оперативната ефикасност и целисходност на излезните атрибути. Изградбата или обележувањето на една велосипедска патека претставува уфрлање на елемент во просторот, кој не мора нужно да носи и комплетна дизајнерска порака како тој простор и неговите корисници треба да се постават во однос на новитетот. Ваквиот пристап вредноста на која било велосипедска патека ја принудува на девалвација кај секој колски пресек на кој и физички и значајно му се подредува. Ова е најкусиот пат од проектиран простор наменет за велосипеди до фрагментиран инфратсруктурен елемент со скромен оперативен дострел.OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Велосипеди во Холандија

Идејата дека велосипедот ќе стане „насушен“ единствено со претворање на организираниот неред во строго канализирано движење „држи вода“ колку и тврдењето дека зелените градски површини ќе останат поштедени доколку преку ноќ ги шкартираме возилата на пајак-службата.

Сообраќајот во „старинските“ градови бил далеку покомотен и полежерен, нудејќи му на просторот време да се навикнат еден на друг. Денешниот градски простор е стеснет, натрупан и закрчен. Таа просторно-функционална компресија лесно ги истиснува содржините, сообраќајните посебно, неподготвени не да ѝ се спротивстават туку, пред сè, на ментален план да ѝ парираат на конкуренцијата. Кои, во спротивно, можат да се задржат дури и подолго време, но повеќе во стагнантен оптек, како гранка врз која не паѓа доволно количество сончева светлина.сцена од noire филм

Сцена од film noire

За претворање на еден автомобилски во велосипедски град не е доволна само инфраструктура, туку и интензивно општествено преговарање околу нејзиното значење и начинот на користење. Во просторниот речник терминот повеќе велосипеди има превод од помалку простор за автомобили, што во секој демократичен контекст води кон, некогаш и помакотрпно порамнување на двата спротивставени интереси. Токму заради тоа не може да стане збор за едноставно додавање на елементи во просторот бидејќи тие се во нужна интеракција со сите останати и нивните веќе стекнати функционални доминанти._нелсон_ р`вачки зафат

Нелсон – р`вачки зафат

Pedro Malpica, социолог-консултант на успешната велосипедска приказна на Севиља, тврди дека велосипедската патека не е само физички туку, пред сè, и психички простор. Доколку таа димензија изостанува во рацете имате банкнота со истечена важност. Атрактивна за око, можеби и мало уметничко дело, но без реална вредност. Целокупноста на велосипедската инфраструктура треба да зрачи порака дека на велосипедите се смета и се пожелни во сообраќајот.

Крај на почетокот

Во транспортниот мултиверзум сите градови следат иста еколошка рецептура, но секој од нив поседува уникатен вкус. Институционалната искреност и мудрост, пошироките и подлабоки критички согледувања, капацитетот нечие туѓо искуство да се накалеми во смисла значително поширок од инфраструктурниот, замена на декларативната со вистинска мултидисциплинарност ослободена од техничкиот боречки „нелсон“, прочистеноста на каналите за комуницирање со јавноста и ширината на просторот за нејзино профилирано вклучување, се зачинските групи на тие уникатни вкусови. Успешноста со помош на нив да се креира сеопфатна органска терапија наместо да бидат сведени на акупунктурни третмани се нивната доминантна нота. Затоа некои градови шират арома на колач, а некои други, во еколошка смисла, како да стоеле надвор од фрижидерот подолго од дозволеното.

Еколошки мотивираниот системски притисок врз сообраќајот на градот Скопје поседува своја инертна логика која му пречи од позиција на пасивна одбрана да премине во фаза на „тотален пресинг“. Јавноста со висока доза на толеранција тоа го потпомага. Можеби затоа и ефектите на преземените мерки во сегментот на аерозагадувањето до овој момент се забележливи токму како и дресот на Boston Celtics навлечен на телото на Shrek!дрес на Бостон Селтикс

Дрес на Бостон Селтик

Сакајќи сликовито, но затоа и поискрено да ја долови диспропорцијата на моменталните желби наспроти можностите на холандскиот фудбал многу пред портокаловите дресови да станат предмет на глобален респект, холандскиот фудбалер Ханс Крај, во контекст на сознанието за неопходноста за длабока промена, еднаш изјавил: „Имавме желба, ама ментално не бевме доволно добри. Нашите личности не беа доволно силни – а ниту начинот на живеење. Бевме премногу исплашени. Едноставно, сè уште не бевме жители на светот“.Шрек

Шрек

Важи ли ова, во еден друг контекст, можеби и за нас …? Колку за потсетување, работната задача сепак гласи подвижност и комфор за луѓето, не за превозните средства…

Испрати коментар

Scroll To Top