Поткровните простори секогаш се третирале како да служат само за добивање на дополнителен простор во рамките на кровните конструкции. Во поново време ова се менува и овие простори можат да бидат доволно шик, урбани и убаво уредени и истите да се употребуваат како удобни домови.
Ова поткровје е проектирано специјално за еден маж од Москва кој живее со својата мачка. Иако ова поткровје тежи кон индустрискиот дизајн, високите плафони како и видливата тула и кожната седечка гарнитура која делува богато, му даваат на овој ентериер еден европски шмек.
Како главен елемент во ентериерот се јавува отворениот камин околу кој може да се седи и да се пие кафе или чај на белиот куфер кој служи како чајна масичка. Исто така шанкот кој е изведен од полна тула и дрво е извонреден елемент во овој ентериер.
Од ова поткровје се излегува на голема тераса која само ја надополнува приказната која ја раскажува овој простор.