Европската комисија одлучи да ги тужи Германија, Франција, Унгарија, Италија, Романија и Велика Британија поради непочитувањето на одредбите за квалитет на воздухот.
Комисијата претходно најави дека ќе се пресмета со членките во кои загадувањето на воздухот е повеќе од дозволените европски регулативи.
Франција, Германија и Британија ќе бидат тужени поради непочитување на ограничувањето за азот-диоксид, а Унгарија, Италија и Романија затоа што не успеале да го намалат нивото на штетните честички.
Шесте земји-членки не успеаја да испорачаат „веродостојни, ефективни и навремени мерки за намалување на загадувањето што е можно поскоро, како што бара законот на ЕУ”, се вели во соопштението од комисијата. Спротивно на тоа, Чешка, Словачка и Шпанија усвоија нови мерки, откако во јануари го добија последното предупредување.
Директорот за јавно здравје на Светската здравствена организација, д-р Марија Неира, рече дека потребно е итно справување со загадувањето на воздухот: „Додека загадувањето на воздухот не познава граници и ги става сите во ризик, најпогодени се најранливите групи – бремени жени, деца, постари лица, болни или сиромашни“.
Загадувањето на воздухот со азот диоксид предизвикува околу 23.500 прерани смртни случаи секоја година во Велика Британија. Специјалниот известувач на ОН за загадување во септември соопшти дека владата на Велика Британија ја „омаловажува“ својата должност да го заштити животот и здравјето на своите граѓани. Проблемот бил прогласен за итен од страна на меѓупартискиот комитет на пратениците во 2016 година.