Насловна / Интервју / Интервју: Архитектурата секогаш доцни

Интервју: Архитектурата секогаш доцни

intervju-mala.jpgСрѓан Јовановиќ Вајс е архитект кој веќе со години живее во Њурок. За "Порта3" раскажува за својата кариера, за своите сегашни проекти и гледање на балканските простори како многу интересен мутирачки простор. Кон крајот на месец март Вајс претстојуваше во Белград како учесник на архитектонскиот настан "Денови на Орис".

Можете ли на читателите на "Порта3" да им кажете кој е Срѓан Јовановиќ Вајс и откаде Вие во Њујорк?

 

Јас студирав архитектура во Белград во деведесеттите години од минатиот век, во времето на големата криза. Тоа беше чуден период во кој немаше иднина, но од сето тоа успеавме некако да организираме многу креативни акции. Додека бев во Белград, Иван Кучина и јас го создадовме списанието "Акцелератор", првото интернет списание за архитектура. На некој начин, тоа беше нашиот излез од кризата. Преку еден мој пријател, случајно го испратив своето портфолио. Тој леташе за Њујорк и ми рече: ќе го земам твоето порфолио ако сакаш, но нема да ти кажам каде ќе го пратам. После пола година, ме повикаа од Харвард, од школата за дизајн (Graduate School of Design), да прашаат зошто не се јавувам, бидејќи сум бил примен и сум добил стипендија. Јас тогаш дипломирав кај професорот Лојаница, добив виза и отидов на студии на Харвард. Следните две години беа како на некој брод, сè беше архитектура. Таму седев со Рем Колхас (Rem Koolhaas) и Жак Херцог (Jacques Herzog) кои не ги штедат студентите. Научив да истражувам во архитектурата, тоа беше најбитната работа. Архитектурата не постои без истражување, без идеја или став на архитектот. Знаењата на архитектите се многу значајни за процесите на денешницата. Тие не натераа да научиме да размислуваме додека работиме, но исто така не научија дека зградите не размислуваат сами. Се што работиме како архитекти е критично, секоја одлука, секој цртеж, секој телефонски разговор. Зградата на крај не е критична туку останува она што е. Од нив научив да работам на два колосека.

 intervju-1.jpg

На што моментално работите? 

 

Ми излезе нова книга, која ја направив со фотографот Армин Линке (Armin Linke), "Социјалистичка архитектура, акт на исчезнување" (Socialist Architecture : The vanihing act). Насловот е даден така што потсеќа на маѓионичарски трик, политичката архитектура е секаде околу нас, но идеологијата веќе не постои или ако постои се јавува на друг начин. Патувавме по бивша Југославија и баравме локации каде што тоа најмногу се гледа, каде што останала архитектура како некој вид на археологија. Нашата цел беше тие примери да се видат на еден покреативен начин. Има многу дискусии околу тоа што треба да се прави со тие згради, дали да се рушат, продаваат или нешто трето? Имаме идеја која би сакал да ја разработам, да се испитаат идеите и некои од Добар пример за ова се гипсените лебеди и лавови или познатата зграда со црвените лакови на Нов Белград, популарната "Црвенкама". Денес, ние поминавме низ тој период, сега нешто ново се случува. Турбо-архитектурата е склона кон мутации, мутира и сама себеси се регулира. Градот почна во некоја рака да се саморегулира, имаше многу кршења на прописите и законите, но постепено почна да се менува, она што некогаш беше тубро сега е работа на конфекција на неомодернизмот. Ако постои прашање за историја на архитектура, турбо периодот мора да биде поставен во таа анализа, затоа што во прашање е точно саморегулацијата, никој не можеше тоа да го регулира, па градот мораше сам себе да се регулира.

 

Што значи концептот Школа на пропуштени студии (The school of missing studies)?

 

Тоа е мрежа на уметници и архитекти, која има неколку основни учесници. Во прашање е мрежа за истражување на градови кои поминале или поминуваат низ нагла транзиција. Членовите на групата се од Њујорк, Ротердам, Белград и други градови. Последниот проект беше Lost highway expedition, на кој учествуваа околу 300-350 луѓе. Беше организирано патување во осум градови на западен Балкан, кои се главни градови на покраини, а целиот проект е гледан како недовршен автопат, како некој вид врска помеѓу тие градови. После сето што се случуваше на овие простори, ние сфативме дека врските треба да се обноват затоа што тие веќе постојат. Најдовме организации кои постојат долго време и соработуваат, помеѓу Скопје и Љубљана, Загреб и Белград, Нови Сад и Сараево и други градови. Експедицијата имаше различни проекти. Во Белград проектот се викаше "го бараме октомври" (Looking for october). Дознавме дека 20 Октомври (денот на ослободување на Белград) повеќе не се слави, со декрет на владата од 2003 година. Проектот беше идеален затоа што иако веќе не се прославува овој ден, постојат училишта, кино, октомвриска награда, и други материјални наследства секаде низ градот што го носат неговото име. Учесниците работеа кратки филмови за различни теми, па е направен долгометражен филм за сето ова. Проектот претставува некој вид на документарец и беше пуштен на српската државна телевизија како образовна програма. Школата на пропуштени студии не е алтернативен универзитет туку е проект, обично се работат истражувачки проекти бидејќи во текот на студиите по архитектура нема многу време ниту пак можности за таков вид на истражување.

 

 intervju-2.jpg

 

Колку ви е интересен Кавказ како пример за една нова транзиција која оди исклучително брзо? 

 

Астана е нов град. Брајк Инглес работи во тие земји. Кавказ е многу интересен, разликата е во размерот. Ако го гледаме Балканот како космос во мало, тогаш со секое поместување кон исток, државите, просторите и катастрофите стануваат поголеми. Сè на некој начин станува поголемо. Покрај ова, тоа се сè уште идеолошки системи, дикататорски ориентирани, тие стануваат некој вид на продуценти на новите градови и новата архитектура.

 

Како вие ја гледате балканизацијата во архитектурата?

 

Архитектурата на балканизацијата, т.е. балканизацијата е родена како негативен термин. Многу луѓе не го сакаат и се плашат од овој термин. Тој претставува конфликт, суров распад на помали ентитети. Јас сфатив дека балканизацијата добила други значења, се користи како метафора, од правото преку архитектурата до Интернетот. Балканизацијата на Интернетот се гледа како позитивна работа, има добри работи како миникредити, мали работи. Ако на балканизацијата се гледа како на стратегија, а не како на криза, тогаш постои нешто што се вика архитектура на балканизација на Балканот. Тоа е еден позитивен правец и аспект затоа што во суштина покрај глобализацијата денес постои и локализација. Балканизацијата е третиот начин, третиот пат, таа е придонес и за глобализацијата и за локализацијата. Тоа е барање на идентитети, кое на некој начин може да се гледа како на плурализам.

 

intervju-3.jpg

 

Како вие моментално ја гледате состојбата во архитектурата на Балканот, како ви изгледа тоа? 

 

Ние живееме на еден простор, но живееме во други временски зони. Словенија е далеку пред останатите, па доаѓа Хрватска, и тогаш почнува ситнењето. Она што се случува во една земја ќе се случува во друга. Добрата работа на демократијата е во тоа што да се доцни значи да се биде следен. Тоа не постоеше во социјализмот. Работите беа решени, постои соработка и едните учат од другите. Јас верувам дека она што се случуваше во Словенија ќе се случува и во Хрватска. Денеска ми раскажуваа колегите од Хрватска како Словенците им помагаат, јас верувам дека тоа ќе се случува и овде, ќе се појави тоа преливање, затоа што архитектурата секогаш доцни, таа доаѓа подоцна, доаѓа на крај. Потребно е многу повеќе за да се случи архитектура. Заради тоа турбо- архитектурата беше креативна, затоа што не доцнеше. Таа дојде порано и заобиколи сè.

 

м-р Ѓорѓе Јокиќ, дипл.инж.арх. (СРБИЈА)

Испрати коментар

Scroll To Top