Насловна / Интервју / Интервју: Јас не ја работам архитектурата како некоја етикета

Интервју: Јас не ја работам архитектурата како некоја етикета

podreka-1.jpgАрхитектот Борис Подрека претставува врвна синтеза на она што го
замислуваме како архитектура на Средна Европа. Роден е во Белград,
живеел во Италија, студирал и до ден-денес работи во Австрија. Зборува
седум јазици и работи во цела Средна Европа. Кон крајот на месец март
престојуваше во Белград по повод конференцијата "Денови на Орис".

Специјално за "Порта3", Борис Подрека говори на што моментно работи неговото ателје, како ги гледа архитектонските можности на Балканот, колку е значаен јавниот простор во денешно време на самота и за архитектонската желба која сè уште не ја остварил.

 

Господине Подрека, ќе им кажете ли на нашите читатели на што работите моментално?

 

Годината што измина можеби беше најуспешната за нашето ателје. Победивме на најголемиот европски конкурс за уредување на големата градска зона во Болцано. Тоа е веројатно најквалитетниот италијански град, таму живеат Австријци и Италијанци, тој град знае што е бечка штрудла и италијанска паста ал денте, знаат да живеат добро. Освен тоа, постои силна политичка волја, градоначалникот го прифати нашиот урбанистичко-архитектонски проект кој победи на меѓународниот конкурс. Конкуренцијата беше многу голема, учествуваа 138 архитекти од целиот свет, меѓу кои и УНСтудио на Бен ван Баркел, Даниел Либескинд, Круз и Ортиз, но ние бевме апсолутни победници. Во извештајот на жирито пишуваше дека не би ја доделиле првата награда да не учествуваме ние. Нашата работа беше еден европски и контекстуален проект кој отскокнува од "архитектонскиот есперанто" кој би можел да се најде секаде. Нас тоа нè не интересираше, ние работиме во контекст. Болцано за мене е познат град бидејќи таму работев. Ние направивме проект од типологијата и морфологијата на градот каков што е денес. Проектот има близу 40 хектари, а тоа е близу идејата за проект на нов град.

 

podreka-2.jpg

 

Денес нови градови не се работат, можеби последен нов град во Европа беше Милтон Кинс (Milton Keynes) во Велика Британија. Сега нови градови се градат на Далечниот Исток, и затоа ова е еден голем успех. Почнавме да работиме на овој проект, ја преместуваме станицата во еден дел на градот кој е во сенка и е мрачен, и создаваме еден нов булевар, нов градски јавен простор, таканаречена нова рамбла. Проектот на луѓето ќе им го даде она што го нема Болцано, огромно шеталиште и место за слободно време. Сè што е потребно од јавните функции како училиште, дом за стари лица и слични функции ќе се наоѓаат во таа зона. Пред неколку недели победивме на конкурсот за бизнис центар на Уникредит Банк Австрија. Тоа е најголем проект во Виена, 200.000 квадратни метри за нови 5.000 луѓе, а вкупно 9.000 луѓе. Тоа е град во град, во посебен кварт во Виена каде што се наоѓаше железничката станица на која пристигнуваа политичари како Сталин, Молотов или Тито. Сега тоа е еден "скршен" дел од градот, а има неверојатен потенцијал. Околу тој кварт се наоѓа целокупната потребна инфраструктура која ни овозможува инвестицијата да чини помалку. Имаме и помали проекти на кои моментално работиме во осум европски држави. Во Љубљана градиме облакодер, имаме проект во Падова, Мантова. Добивме награда во Кина за павилјон, па ми предложија да организираме изложба во Пекинг, и сега имаме одредени контакти и во таа зeмја.

 

 

Пред неколку години прочитав една реченица која се однесува на вашите проекти од јавен простор, а гласи: Современоста никогаш не била вака античка. Можете ли да ни го објасните ваквиот пристап кон архитектурата?

 

Да, јас не ја работам архитектурата како некоја етикета (LABEL). Ми се чини дека колку повеќе се работи на тој начин толку повеќе се купува таа архитектура. Може да се каже дека денес архитектурата помалку се проституира за да биде подобро продадена. И тоа има некоја своја филозофија, но ние работиме многу контекстуално, таков е нашиот принцип за "поетика на различност". Ние никогаш не сме пред проектот, туку сме зад проектот. Како кај италијанскиот драматург Пирандели, каде глумците бараат автор, а не каде делото се пишува за глумците. Тоа е тактика за град, досега направив 33 големи плоштади. Додека живеев во Трст, јас постојано бев на улица. Дома одев само да спијам и да јадам, чувствувам еден "ерос" за тие работи. Одам во некој град, на плоштад, и слушам што ми кажува тој: Борисе, зарем не гледаш дека ми треба фонтана. Треба да умееш да ги слушаш работите, јас повеќе реагирам отколку што постапувам. Ние сме еден контекстуален тим, ја познаваме таа Средна Европа каде што работиме. Ние повеќе сме етнолози и лекари бидејќи работиме на нешто што треба да го оздрави и реанимира градот.

 

podreka-4.jpg

 

 

 

Сведоци сме дека постојат совршено дизајнирани јавни градски простори, плоштади, улици и паркови, кои имаат големи дизајнерски квалитети, а сепак се празни, едноставно, луѓето или не одат или не се задржуваат таму. Зошто?

 

Нашата култура за слободно време се глобализираше. Ние сме трансокеански врзани за целиот свет, а сепак, во исто време, што повеќе сме врзани за својата мала собичка, повеќе сме сами и уште повеќе сами. Ние истовремено сме врзани за цел свет, а паралелно живееме осамено. Затоа треба да знаеш да работиш плоштади, да анимираш. Политичарите треба да знаат какви настани му се потребни на јавниот простор. Денес плоштад без модератор не функционира. Кога на моите пријатели во Белград ќе им кажам што мислам, тие малку ќе го дигнат носот, ќе се увредат. Белград е еден искршен град, сè е искршено, тротоари, плоштади и фасади. Луѓето што живеат овде тоа не го гледаат, тие се навикнати на сето тоа. Сакаат да збуруваат за опери, музеи и големи проекти… Но, телото треба прво да се санира, а потоа да се намириса. Не можете да ставате парфем на болно тело.

 

podreka-5.jpg

Како вие, како архитект од Виена, ја гледате архитектурата на Балканот?

 

Скоро излезе една многу интересна книга на мојот колега Ханс Ибелингс. Тој ја напиша првата книга во која е изедначен Истокот и Западот. Ги постави на исто ниво, што досега никогаш не беше случај, секогаш се сметаше дека Западот е примадона. Меѓутоа, тоа сега се менува Неодамна бев во Чешка, таму има многу добри архитекти, и тоа не само во Прага туку и во помалите места. Има доста добри архитекти и во другите држави, на пример во Романија. Она што нечини е што на Исток општеството, за жал, нема елита. Без елита никогаш нема да има добра архитектура. Елита, по себе, не е грд збор, треба да ги школуваш луѓето што ќе знаат што е архитектура. Не може еден селанец кој преку партија станал градоначалник да управува со градот, тој може да управува со финансии, но не и со градот. Не може да управува со архикултура која е архитектура. Јас како архитект мора да го разберам времето, да ја интерпретирам историјата. Јас ги сакам моите претци и сите работи зад мене. Тоа не можам да го нарушам. Но, јас ѕидам за вас и мора да мислам кој ќе живее тука после вас, кога мене ќе ме нема и кога вас ќе ве нема. Меѓутоа, ова не можам да му го кажам на инвеститорот затоа што нема да ми даде пари. Мора да мислам на три доба, а не на едно, од тоа произлегува одредена поетика, а не стил. Зборот стил не го сакам, тој важи за уметноста, а не за архитектурата.

 

 

 

Истакнувате колку е битен контекстот за вас, дали е возможно да се гради надвор од контекстот?

 

Во Сахара би работел без контекст, таму можам да ги поставувам работите, и како Рем Колхас да кажам: јас сум контекст. Не можам да бидам толку арогантен и безобразен, па во нашето културно поле каде има толку работи, да работам надвор од контекстот. Не можам да удирам шлаканица на Сампер, Лос и другите. Инаку би бил глупав, безобразен и примитивен. На својата архитектура мора да и најдам коегзистенција, во смисла на архитектурата, со она што веќе се наоѓа тука.

 

podreka-6.jpg 

 

Кажете ни нешто за проектите што ги имате во Белград?

 

Во Белград имаме еден музеј, Музејот на наука и техника, но сè се стиши, моментално не се работи. За Белград тоа е голем срам. Бев во Истанбул со филозофот Славеј Жижек од Словенија, на симпозијум за креативност. Покрај архитекти тука беа и уметници, социолози, маркетинг стручњаци и други. Еден од учесниците ме праша дали сум од Белград, јас велам – да, а тој ми одговара дека тоа е град без музеи, дека е некултурен. Јас имав направен проект за реконструкција на Народниот музеј и не сакав да работам конкурс. Тоа не би било поштено спрема луѓето што во тој момент не знаеја ништо за тоа. Освен ова, имаме проект за хотел и деловна зграда на Нов Белград, тој е во груба фаза на изработка. Во Белград е многу тешко да се гради, ние сме помалку разгалени. Тешко е да се најдат добри соработници, локални архитектонски фирми кои мора да ги имате, бидејќи ние не ги познаваме прописите во Србија. Проектот е интересен, но прашање е дали ќе биде онака како ние сме го замислиле. Јас не можам да испратам човек кој секој ден ќе пази, тое едноставно е невозможно.

 

podreka-7.jpg

 

 

За крај, кажете ни нешто за вашата желба да изградите спортски стадион?

 

Јас играв фудбал, бев голман до својата 25 година. Играв во прва лига, во Италија во "Триестини", па после во Виена во "Беч", каде бев резерва. Во тој период почнав да се занимавам со скулптура, па дојде друштвото, девојките и ноќните седенки… морав да одлучам, или фудбалска кариера или нешто друго. Можеби и погрешив, би сакал да бидам тренер. Тоа е мојата младост, и многу сум врзан за тоа, тоа е неизбришливо. Сега се случува некогаш среде ноќ да седам и гледам утакмица Ангола – Того. Една голема фирма BWIN за роденден ми даде влезница за Реал – Барселона, тоа беше нешто неверојатно, бев пресреќен што тоа го гледам во живо. Фудбалот е на некој начин вентил кој секој човек мора да го има. Многу би сакал да направам еден покриен стадион. Тоа е една од работите за која чувствувам дека ми фали.

 

м-р Ѓорѓе Јокиќ, дипл.инж.арх. (СРБИЈА)

 

Испрати коментар

Scroll To Top