Насловна / Вести / Инспиративен и чудесен објект

Инспиративен и чудесен објект

inspirativen-objekt-thumb.jpg

Олимпискиот велодром е добитник на наградата за најдобар јавен објект што ја доделува британскиот премиер. Станува збор за награда преку која се оддава признание на новоизградените објекти и простори со кои се подобрува извршувањето на јавните услуги, се создава чувство на идентитет и заедница, и кои помагаат да се изгради одржлива иднина.
На официјалната церемонија одржана на 12 октомври оваа година, Олимпискиот велодром (Velodrome) ја доби престижната награда за најдобар јавен објект што ја доделува британскиот премиер (The Prime Minister’s Better Public Building Award). Се работи за награда која заеднички е спонзорирана од страна на Кабинетот на владата (The Cabinet Office) и Министерството за економија, иновација и вештини (The Department for Business, Innovation and Skills), а се доделува во изминатите десет години во рамките на Наградите на британската градежна инустрија (British Construction Industry Award). Станува збор за награда преку која се оддава признание на новоизградените објекти, места и простори со кои се подобрува извршувањето на јавните услуги, се создава чувство на идентитет и заедница, и кои помагаат да се изгради одржлива иднина. 

inspirativen-objekt-1.jpg

Жирито ја има доделено оваа национална награда на објектот Олимписки велодром во конкуренција на 27 објекти од целото Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, меѓу кои се наоѓале и објектите на Олимпискиот стадион и на Мостот на централниот (олимписки) парк, со кои се поврзува Олимпискиот стадион со Центарот за водни спортови преку реката Лиа. Велодромот е првиот објект завршен во февруари 2011 година во склоп на Олимпискиот парк, во кој ќе се одвиваат натпревари во рамките на Олимписките игри Лондон 2012. Инвеститор на овој објект е Организацијата задолжена за организација на олимпијадата (Olympic Delivery Authority – ODA). Проектантскиот тим е предводен од архитектот Хопкинс од "Hopkins Architects", градежениот дел е на "Expedition Engineering" и консултантот за машински и електрични инсталации "BDSP", кои биле ангажирани во 2007 година откога го добиле архитектонскиот конкурс. Објектот е изграден од страна на градежната организација "ISG" во рок од 98 недели (изградбата отпочнала на 23 февруари 2008 година), по цена од околу 103 милиони евра.

Станува збор за објект со 250 метри долга велосипедска патека и капацитет од 6.000 седишта со бруто внатрешна површина од 21.700м2, во кој ќе се одржуваат олимписките и параолимписките натпревари во велосипедизам во рамките на Олимписките игри Лондон 2012. Она што го прави уникатен овој објект, е тоа што се знае неговата иднина по завршувањето на Олимписките игри, што не е случај со сите објекти. 

Според аналитичарот Хати Хартман (АЈ 24.04.11:27), велодромот имал огромна предност во однос на другите олимписки објекти не само заради тоа што имал добра проектна програма, туку и однапред определен краен корисник – Регионалната служба на паркови за долината Ли (LVRPA). Според нивниот главен извршен директор Шон Досон, велодромскиот тим наполно ја има заслужено наградата со оглед на тоа што има создадено инспиративен и чудесен објект. Заслугата за успехот на проектот лежи во исклучителната тимска работа помеѓу Регионалната служба за паркови, проектантите, изведувачите, Организацијата задолжена за организација на олимпијадата, Англиската агенција за спорт (Sport England) и Организацијата на британски велосипедизам (British Cycling). По завршувањето на Олимписките и параолимписките игри Лондон 2012, велодромот ќе се користи од страна на бристанските елитни атлетичари, локалната и пошироките заедници, а ќе содржи кафетерија, велосипеди за изнајмување и работилница за одржување на велосипеди. 

Според Мајк Тејлор, постар партнер во "Хопкинс архитектс", концептот на објектот го карактеризира двојно закривената конструкција која ја обвива велосипедската патека како и шеталиштето по обиколката на објектот. Шеталиштето преку застаклувањето на објектот, е поделено на надворешно и внатрешно, но овозможува двострани визури (од надвор кон патеката и од објектот кон Олимпискиот парк). Со оглед на очекуваната намалена посетеност (само 6 дена годишно со полн капацитет) на објектот по завршувањето на игрите, а со цел да се создаде попријатно чувство за посетителите и корисниците во услови кога велодромот не е полн, архитектот визуелно ги поделил трибините на долно и горно ниво. Исто така, објектот е испроектиран на што е можно поефикасен начин, со цел да се создаде покомпактен одржлив објект, што резултирало во предложениот концепт на патека обвиткана со обвивка, концепт кој асоцира на велосипедско тркало не само според планот, туку и според инженерскиот пристап сличен на оној кога се проектираат велосипеди кога максимално се избегнуваат непотребните работи. 

Според Хартман (Hartman, АЈ 24.04.11:27) објектот што произлегол од ваквиот пристап е елегантен и останува во сеќавањето без да биде монументален. Внатрешното уредување на објектот го карактеризира велосипедската патека поставена под агол и завршена со дрвен бродски под од сибирски ариш (Siberian Larch), и завршната обработка на плафонската касетирана конструкција со фурнирани шперплочи од бреза (Birch). Под велосипедската патека е поставено подно греење со цел да се обезбеди оптималната потребна температура на воздухот за велосипедистите во споредба со пониската потребна температура за посетителите. Светлите тонови на дрвените површини се избалансирани со неутрално сивата боја на седиштата и сината боја во централната зона околу која е поставена велосипедската патека. Ваквиот пристап го прави внатрешниот простор и светол и лесен. 
inspirativen-objekt-2.jpg
Надворешно објектот е завршен со фасада обложена со древени летвички, додека кровот е елегантно и рационално испроектиран со двојна кривина, со што е намален волуменот на објектот и трошоците за греење на истиот. Носечката кровна конструкција е од мрежа на затегнати челични кабли исполнети со дрвени касети и одозгора обложена со ОСБ плочи, 30 см термичка изолација, и завршно обработена од и до 130 м долги ленти од филцуван метален лим со ленти од дифузно кровно надсветло. Ваквиот пристап кон проектирањето на кровната конструкција овозможил заштеда од околу 2,3 милиони евра во споредба со примена на покласична челична кровна конструкција и ја намалил тежината на носечката челична конструкција на само 100 тони. Со оглед на определбата за најрционално проектирање на кровна конструкција, на кровот не се поставени соларни ќелии за производство на електрична енергија поради оптоварувањето што би го додале на кровот. И покрај ова, објектот има забележителни енвиронменталистички карактеристики со предвидена годишна емисија на јаглероден диоксид од 67 кг по метар квадратен површина, високо ниво на топлинска изолација, 28% учество на рециклиран материјал и погодности за реонско греење на објектот. 

Како резултат на искажаното, не е за чудење што Олимпискиот велодром ја има добиено оваа престижна награда. Според претстедателот на Организацијата задолжена за организација на олимпијадата, Џон Армит, наградата претставува исклучително достигнување за објектот што комбинира иновативна архитектура, инженерство и градежништво во зачудувачки убав и одржлив објект. Напоредно со забележителниот дизајн велодромот, исто така, го поставува спортот во "срцето" на објектот, преку создавањето на велодром од меѓународно ниво за потребите на Олимписките игри и за создравањето на нова генерација велосипедисти, кои ќе се обучуваат и натпреваруваат во иднина.

Испрати коментар

Scroll To Top