Насловна / Интервју / Инспирацијата е во магацините на секојдневниот живот

Инспирацијата е во магацините на секојдневниот живот

inspiracijata-e-vo-magacinite-1.jpgНа некого му е потребно да помине мало растојание за да го најде својот
пат, а нечија животна патека, пак, ги поминува границите на она што е
предодредено од раѓање и се слева со светот, токму како онаа на
архитектот Марио Ассиси, Македонец со италијанско потекло кој живее во
Ферара. За него, разбирањето на современата архитектура е разгледување
на дуалитети кои се движат од прагматично до утописко, од аналогно до
дигитално, од секојдневно до монументално. Живеете и работите во Ферара,
а често навраќате и во родната Македонија.

 

Како се случи да останете во Италија?

 

Во раното детство голем дел од времето го поминував со дедо ми, родум од Палермо, Италија, кој сосема спонтано ми внесе еден посебен куриозитет и желба за подетално осознавање на најзината култура, народ и традиција. Таа желба се конкретизираше со почетокот на моите студии во Ферара, мал град со голема душа, градот на Биаџио Росети, Џорџио Басании на Микеланџело Антониони. Тука запознав прекрасни луѓе, ги започнав моите први професионални ангажмани и продолжив да соработувам со Факултетот за архитектура. Доста патувам во странство, но се навраќам и во Македонија, тука се моите најблиски и мојата фамилија. Номад по дух, ми се допаѓа идејата да не си граѓанин на едно место, туку да си граѓанин на Земјата.

 

inspiracijata-e-vo-magacinite-1.jpg

 

INOUT е мултидисциплинарно студио, објаснете кои се Вашите сфери на дејствување?

 

INOUT е основано од мене и од Валентина Милани со идеја за истражување на архитектурата како дејност меѓу различни дисциплини. Оваа наклонетост развиена со посебна методологија претставува алатка преку која креираме нови простори коишто соединуваат социјални, урбани, функционални и формални прашања. Тргнувајќи од креативни и прагматични задачи, INOUT се стреми да даде современи и елегантни одговори. Секој проект претставува нов предизвик и се развива без наметнат стил, и нуди решенија врз основа на истражување, концепт и материјали. Со свеж поглед и различна перспетктива, INOUT верува дека инспирацијата се наоѓа во магацините на секојдневниот живот.

 

Станбениот објект во Бардовци, кој годинава доби пофалница за реализирано архитектонско дело за 2012 година, е оценет како инспиративен, фотогеничен и обид на еден автор да даде одговор на прашањето што e всушност архитектурата. Кое е Вашето мислење?

Архитектурата мора да воспостави еден дијалог или континуитет со контекстот (културен, социјален, временски или просторен) во којшто се наоѓа. Проектот во Бардовци е своевидна реинтерпретација на скопската модерна архитектура. Тaa e една заедничка фасцинација која брзо нè зближи со инвеститорот. Поврзаноста и односот меѓу тоа што се вика внатре и надвор, успеавме да го конкретизираме преку едно стратешко поставување на објектот и негова комплетна отвореност кон градината. Надворешниот изглед на куќата е енигматичен, сосема различен од околината. Затворените кубусни форми и бетонската фасада воопшто не ја откриваат внатрешната благородност. Поминувајќи преку голема дрвена врата, посетителот влегува во комплетно нов внатрешен свет, една оаза на мирот во која надворешниот и внатрешниот простор целосно се спојуваат.

 

inspiracijata-e-vo-magacinite-2.jpg

 

Меѓу другото, работите и на "лендскејп" дизајн. Предизвик е да се креира на отворено, на големи провршини?

 

Фасциниран од големата димензија, од филмовите на Вернер Херцог и од квалитетот на просторот, повеќе отколку од функцијата, последната година од моите студии ја поминав во TU Delft во Холандија каде што имав можност да работам теми поврзани со "лендскејп" дизајн. Пејзажот е повеќе процес отколку производ. Проектот анализира и валоризира се што е поврзано со трагите на времето: циклусот на годишните времиња и на климата, циклусот на водата, менувањето на денот и ноќта, растот и опаѓањето. Отворените простори се простори на транзиции и секвенци во кои поважни се меѓусебните релации отколку перфекцијата на објектите и елементите што ги окупираат. Од таму заминав во Њујорк каде што ја работев мојата дипломска на тема Gateway National Recreational Area, наградена од IFLA (International Federation of Landscape Architects). Преку паралели со неформалната уметност проектиравме уреди коишто мониторираат промени во амбиентот и околината.

 

inspiracijata-e-vo-magacinite-3.jpg

 

Добивте прва награда за дизајнот на археолошкиот парк на античкото наоѓалиште Клатерна. Тешко е да се работи на оживување на археолошки локалитети?

Архитектурата и археологијата се еден бином, кој многу го развиваме во последниве неколку години. Учествувавме на неколку интернационални конкурси: Кампи Диомедеи – неолитски локалитет во Фоџиа, за кој добивме втора награда, Изморториус Нураге Диана – мегалитска конструкција од бронзено време, за која исто така добивме втора награда, и локалитетот Клатерна што потекнува од II в. пред н.е., за кој освоивме прва награда. Овие проекти постигнаа голем успех меѓу општинските администрации и жири комисиите формирани од експерти од повеќе области. Проектите се конципирани како отворени и флексибилни матрици без специфична статичка форма, коишто овозможуваат бескрајни конфигурации врз база на потребите и програмата на археолошките локалитети. Идентитетот е загарантиран преку повторување на едноставни стратешки елементи кои се мултиплицирани со одреден критериум и даваат една нестабилна, но јасна просторна вредност (треви со низок корен кои не ги компромитираат археолошките слоеви, тотеми кои ориентрираат и објаснуваат вредности и записи, лесни кровови со можност за демонтажа и поместување). За нивното одржување беа вметнати содржини поврзани со рекреација, преку кои локалитетот обезбедуваше дополнителни финансии. Оваа формула доста едноставно може да се реплицира и на нашите, македонски локалитети, адаптирајќи ги истите стратегии на специфичната морфологија и услови.

 

inspiracijata-e-vo-magacinite-4.jpg

 

Што е за Вас најважно во архитектурата, сеедно дали се однесува на проектирањето на објекти или дизајнирањето на надворешни површини? 

 

Како архитект мислам дека е битно да се продолжи да се трага по нешто ново. Разбирањето на современата архитектура води кон разгледување на една низа од различни позиции и дуалитети кои се движат од прагматично до утописко, од аналогно до дигитално, од секојдневно до монументално, често надминувајќи ги границите на сопствената дисциплина. Во ваков контекст од фундаментално значење е креирање на сопствени алатки и сопствен речник, од чиишто комбинации се раѓаат единствени нешта. Новите состојби бараат нов начин на размислување.

 

Архитектура без останатите уметности, возможно или не?

 

Секој објект поседува способност да претставува и нешто друго од она што тој е очигледно. Уметноста, литературата и филмот помагаат да се работи на ваквите претстави. Дисциплинарните ограничувања и регулаторните режими се обиди да се контролира будењето на креативниот живот. Нашата работа е да ги прескокнуваме оградите и да ги сечеме полињата. Евоцирањето на водата преку рефлексите на лимот во "Torri dell Acqua", работата со блесокот и рециклираното стакло во "Јardin de Metis", мултипликацијата на вегетативни елементи вo "Piantala" се теми во коишто наоѓаме доста интерференции со движењата во Land Art и Arte Povera. Велите дека објектите во Скопје изградени после земјотресот се највредните архитектонски остварувања на градот, но недоволно одржувани.

 

inspiracijata-e-vo-magacinite-5.jpg

 

Каква би била архитектонската интервенција што ќе ја врати нивната "свежина"?

 

Не викам дека се највредните објекти, меѓутоа тоа се несомнено шармантни артефакти од македонскиот модернизмот. Скопје е единcтвената метропола во Eвропа со модерен мастерплан во строгиот центар на градот. Неуспехот да ги интерпретираме овие траги како вредност, придонесува за креирање на еден банален дисконтинуитет во нашата современа архитектура. Без помнење иновацијата е само новост. Историјата му дава правец на растот. Да се работи на објетки со докажана архитектонска вредност е деликатна работа и бара посебен сензибилитет. Архитектот во случајов е еден вид на хирург, кој со мали интервенции во најкомпромитираните точки на објектот му дава еден нов сјај, зачувувајќи го духот и трагите од минатото, но во исто време давајќи една нова интерпретација за вредноста на самиот артефакт.

 

inspiracijata-e-vo-magacinite-6.jpg

 

Добивте прва награда на меѓународниот конкурс за ревитализација на средновековниот локалитет Рошиоло де Марси во абруцо. Со што вашето решение го заслужи ова признание? 

Рошиоло де Марси е еден прекрасен средновековен локалитет во Абруцо кој се наоѓа на падините на планината Гран Сасо. Искористувањето на ваквите историски локалитети преку програмата Дифузен Хотел се воведува во почетокот на 90-тите години. Тоа е типична италијанска стратегија за ревитализација на постојните ресурси без нарушување на нивната структура и морфологија. Нашиот проект доби прва награда поради вметнувањето на еден храбар контраст меѓу постојната традиционална архитектура и новите современи елементи. Преку нивна деликатна и лимитирана употреба успеавме да изградиме еден посебен дијалог со структурите од минатото.

 

Кате АНТЕВСКА, историчарка на уметност

Испрати коментар

Scroll To Top