„Ако сакаш да бидеш добар лекар, мора да го познаваш човечкото тело. Ако сакаш да бидеш добар архитект, мора добро да ја владееш конструкцијата и структурата на објектот во нејзините најситни делови“, вели професорот Љубомир Томиќ, кој за конструкциите на архитектонските објекти се заинтересирал уште како студент во Загреб.
Две години по пријавувањето на второто дополнето издание на книгата „Инженерски конструкции во архитектурата“, откако не добил никакво известување за одобрена сума финансии потребни за печатење и реализација од страна на Наставно научниот совет на Архитектонскиот факултет во Скопје, професорот Љубомир Томиќ одлучил во своја режија да испечати 250 примероци. По повод излегувањето на оваа книга, Порта 3 разговараше со овој наш еминентен македонски архитект, кој во јавноста е познат како исклучителен познавач на архитектонскиот детаљ и конструкциите.
Вашето прво дополнето поглавје за улогата на архитектот денес го започнавте со зборовите на роберт Вентури: архитектурата станува премногу сложена за да може да и се пријде со недоволно знаење или со недоволно познавање на многу важни параметри. која, според Вас, е границата на знаењето што го дели архитектот од градежниот инженер?
– Архитектот треба да има конструктивно знаење и да размислува на инженерски начин при проектирањето на објектите. Од друга страна, инженерот статичар, конструкторот треба да биде малку и архитект со познавање на естетско уметнички принципи. Само така, нивниот меѓусебен дијалог ќе биде успешен. Во историскиот развој на градењето на архитектонските објекти, големите имиња во архитектурата биле едновремено архитекти, конструктори и уметници.
Тогаш вградената интуиција и проверените материјали и техника во практиката со релативно ограничени можности, сепак биле доволни да се остваруваат такви архитектонски дела каде што конструкцијата доминира. Одликата на тогашниот архитект беше тој да е „мајстор на занаетот“ или „мајстор градител“. Ото Фрај, на пример е и архитект и конструктор. Тој во пракса е непогрешлив во конципирањето на идејната конструктивна концепција, па дури и во приближното димензионирање на елементите и во предложената технологија на реализација на Минхенскиот олимписки стадион. Денес, акцент се става на тимската работа на архитектот, инженерите, конструкторите, градителите-реализатори, планерите и таа гарантира успех во реализацијата на идејата.
Дали проектант на конструктивното решение треба да биде архитектот или градежниот инженер?
– Ова е дискутабилно прашање. Паметам, во времето кога јас уште бев студент, долго се водеа полемики кој всушност е автор на конструктивното решение – дали е тоа архитектот, или градежниот инженер. Тогаш се градеше стадионот Пољуд во Сплит чија конструкција се совладува со голема просторна решетка, која ја проектираше архитект, а ја конструираше градежен инженер. На крајот, Сојузот на архитектите на Хрватска одлучи дека проектант е сепак, архитектот.
Градењето мостови традиционално повеќе им припаѓа на архитектите отколку на инженерите. Меѓутоа, денес со нивно дизајнирање сè повеќе се занимаваат архитектите. Што мислите за мостовите што се изградени кај нас во Македонија?
– Јас би ги споменал трите мостови кои се наоѓаат во строгиот центар на Скопје. Тие меѓу себе многу се разликуваат по своето обликовно и конструктивно решение. Камениот мост датира од римскиот период, а се карактеризира со примена на конструкција – сводови со релативно кратки распони на фундаментите. Армирано- бетонскиот мост во близина на хотелот Холидеј Ин се одликува со значително поголеми распони и со примена на армиран бетон. Третиот мост е новиот мост „Гоце Делчев“, кој претставува преднапрегната армирано лушпеста конструкција, изграден по земјотресот. Секој од трите моста има свои карактеристични архитектонско-технички вредности. Факторот време, а со тоа и развојот на техничко- технолошките можности се секако предуслов за оценката на нивниот квалитет. Во секој случај тие се интересни и од естетски и од конструктивен аспект.
Во книгата имате дел во кој се презентираат неколку современи архитектонски објекти кај нас и во светот, во кои се применети нови софистицирани технологии за совладување на големи распони. тие имаат фантастични обликовни решенија со нагласена скулптуралност, решенија во кои „имагинацијата се преточува во реалност“.
– Лично сметам дека е потребно детално запознавање со објектите за да можеме да ги разбереме и дознаеме новите остварувања кај нас и во светот. Сведоци сме дека денес во објектите скулптуралноста е потенцирана до границата на егзибиционизам, атрактивност, дури и до примена на акробација. Во времето кога доминираа стаклените фасади во кои се рефлектираа околните објекти, тоа значеше збогатување на просторниот амбиент и во исто време освојување на техниката на фасадните панели. Времето на натур бетонот со себе донесе проблем на нова техника на лиење на бетонот, гранулација на агрегатот, видот на оплатата, обработка, изолација , итн. Денес новата технологија овозможува моделирање на елементите на бетонот како скулптури од глина.
Каква треба да биде конструкцијата на архитектонските објекти?
– Во архитектурата секогаш мора да се бара некаква логика при проектирањето на конструкцијата. Ако конструкцијата е оптоварена со вертикален товар, треба да размислуваме на кој начин директно по најкраток пат ќе го пренесемо тој товар на темелите. Но има и исклучоци, ако сакаме да создадеме иновативни решенија. Така на пример, во зградата на CCTV (China Central Television) архитектот Колхас намерно избрал една конструктивна нелогичност. На квадратна основа на теренот се поставени 2 кули во L форма кои се спојуваат на горните катови. Едната кула е со висина од 234 м (51 м) , а другата со висина од 210 м (45 м). Поради смелата и ризична конструкција од аспект на изведување (се работи за две наведнати кули во однос на вертикалата), објектот е наречен „хибрид“ на архитектонска и структурна форма или „реминисценција на гигантска скулптура“. Самиот Колхас вели „Светот на градежништвото радикално се измени во последниве 15 години. Слободата во архитектурата е поголема од порано. Важно е да се лиферуваат амблеми и икони кои се обработуваат маркетиншки преку медиум – нарачателите се впуштаат во ризик и експерименти. Добрата архитектура мора да има подеднакво рационално и ирационално. За мене градењето значи истражување и форма за дополнително размислување како процес на учење.“ Проектот на OMA (The Office for Matropoliten Architecture) со кој беше предложена смела, невообичаена и ризична конструкција за објектот, претставуваше особен предизвик за инженерите и изведувачите од фирмата ARUP.
Што мислите за конструктивното решение на салата „Борис Ттрајковски“ во Скопје?
– Во салата „Борис Трајковски“ е применет сложен конструктивен систем комбиниран со армирано бетонски рамки и челична покривна конструкција. Тој содржи две конструктивни целини: голема сала во основа 85×68,4 метри и мала сала со димензии 30×52,2 метри. Се состои од два закривени челични просторно-решеткасти носачи со распон од 72,90 метри, а со стрела од 6,68 метри, поставени во надолжен правец.
Потпирањето на носачите е на 4 сандачести армирано бетонски јадра преку специјално направени лежишта. Со поставувањето на главните просторни носачи на покривната носечка конструкција е зголемена нивната должина. Тоа значи дека е зголемен и распонот, а во исто време е избегнато лоцирањето на вертикални носечки столбови во просторот на главните трибини доколку би се пристапило спротивно. Оваа конструкција несомнено е добра, но при вакви објекти каде има голема концентрација на луѓе, треба да се размислува за цела просторна решетка, а не само решетка која е еднострана. Тоа го советуваат и статичарите.
Од статички аспект, не се препорачува ниту градењето на лушпести конструкции во Скопје. Меѓутоа, тие сепак се изведуваат. Соборниот храм е пример за тоа.
– Иако се смета дека православието има построги правила-канони, конкретно, овој храм се одликува со нов пристап во идејното конципирање. Како архитектонски објект претставува интересно решение. Применета е армирано-бетонска лушпеста конструкција, а со тоа доби ново обликовно и просторно архитектонско- урбанистичко решение. Меѓутоа, лушпата е оценета како негативна конструкција во нашето трусно подрачје. Пред војната во Скопје имаше неколку објекти како Саемската хала, кои имаа куполи и се срушија во земјотресот во 1963 г. Така што со овој тип на конструктивни решенија треба да бидеме внимателни.
Еден дел од новите визуелни форми на современите објекти се добива по пат на аналогија на формите од растетителниот и животинскиот свет. како Вие ја гледате биониката на архитектонските објекти?
– Новите визуелни форми честопати се добиваат по пат на аналогија перцепирајќи го светот околу нас: растителниот и животинскиот свет, па дури и облиците на микроорганизмите. Тоа се случува многупати свесно, но некогаш и несвесно. Ако прифатиме дека природата најчесто дава идеални форми, тогаш е разбирливо и настојувањето и истражувањето на нивните форми во кои распределувањето на структурата оди секогаш по еден логичен и совршен склад како во комбинацијата на масите на материјалот, така и на колоритот. Пајажината, пчелиното саќе, птичјото гнездо, дрворедите, аеродинамичното тело на птици во лет, инсекти и нивните крилја, морските и речните организми со нивните совршени облици на телата за пробивање низ воздухот и водата. Споредувајќи неколку реализирани архитектонски објекти во кои облиците и формите се добиени по пат на аналогија со живите организми, можеме многу да научиме и да разбереме во насока на заштеда на материјал, а едновремено да постигнеме задоволителен ефект. Секако дека е потребна претпазливост преку која се оди во неоправдан формализам. Како пример ќе ја земам аеродромската зграда JFK во Њујорк, проектирана од финскиот архитект Еро Сааринен. Во овој објект е очигледна аналогијата со огромна птица која тукушто слетала на теренот. Објектот е без прави, вертикални или хоризонтални линии и без агли, што е видливо и во ентериерот. Со стопување на ѕидните криви површински линии со покривните е потенцирана динамичноста на објектот. Toa е во склад со функционалноста на објектот од ваков карактер.
Кој од објектите што ги проектиравте го сметате за најуспешен?
– Природонаучниот музеј „Никола Незлобински“ во Струга. Сметам дека овој објект е со најјасна и најчиста конструкција која сум ја реализирал, дека е тоа објект со најдобар израз за нашата филозофија и нашите принципи.
Каква треба да биде едукацијата на архитектите денес? – Наставната програма за архитекти треба да се заснова на принципот учењето и студирањето да одат во ширина, да има повеќе предмети, но со потенцирање на важечките параметри: прифаќање на конструктивната логика, познавањето на карактеристиките на применетите конструктивни материјали. Кaко што и статичарот-инженерот треба да има основни познавања од естетиката во архитектурата. Само интуицијата на архитектот не е доволна, без соодветно надградување на техничките науки од градежништвото. Во спротивно интуицијата станува сиромашна, неинвентивна и несовремена. Архитектурата во себе содржи и уметност и естетика и инженерство. Нивната заедничка цел треба да е единствена. Тие треба да одат по ист колосек, макар што инженерството се базира повеќе на егзактната наука, а архитектурата на чиста естетска сфера. Одењето по таков заеднички пат претставува елиминација на секаков вид превласт, на едната кон другата сфера.
Наталија НОВакОВиЌ- ДОБреВСка