Насловна / Вести / Конечно оформен предметот Мал ринг

Конечно оформен предметот Мал ринг

Со задоцнување од околу една недела Општина Центар ги достави потребните документи до Уставниот суд за да може да се оформи предметот за оценување на законитоста на Деталниот урбанистики план за Малиот ринг, по претставката што ја поднесе градоначалникот Трифун Костовски. Општината го проби рокот од 15 дена што Судот £ го даде за да достави одговор на барањето на Костовски. Таа требаше да даде мислење за тоа дали со усвојувањето на планот за Малиот ринг е прекршен Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Општинарите од Центар, ни изјавија дека испратиле одговор до судот, но не сакаа подетално да го коментираат случајот.

– Документите што беа побарани се испратени. Сега останува на Судот да одлучи дали има нешто спорно со планот или не. Причина за доцнењето беше тоа што немаше кој да ги потпише потребните документи – рекоа од таму.

Кога истече рокот, Уставниот суд предупреди дека се доцни и дека со тоа се попречува неговата работа.

– Ние испративме дописи на кои тие требаше да одговорат до 25
септември. Тие треба да го дадат нивното мислење за претставката на
градоначалникот Костовски. Судот уште веднаш ќе почне да го разгледува
случајот и да провери дали има повреда на законите. Ако се утврди дека
има, ќе донесеме привремена мерка забрана за градење. Судот има три
месеци за да ја разгледа целата процедура – објаснија од Уставниот суд.

Општинарите се надеваат дека Судот нема да го оспори планот, затоа
што постапки се воделе и за други детални урбанистички планови што ги
усвоил Општинскиот совет, но во ниту еден од нив не биле пронајдени
неправилности.

Една од најспорните точки поради кои се бара Уставниот суд да го
укине Деталниот план за Малиот ринг е тоа што со него се предвидува да
се изгради црква на плоштадот Македонија, на просторот помеѓу “Сити
центарот“ и ресторанот “Дал мет фу“. Оваа идеја потекна од Владата и од
премиерот Никола Груевски, а кратко време по иницијативата Општината
Центар почна постапка за промена на ДУП и да впише градежна маркичка за
храмот. Општинскиот совет на седницата што се одржа на 9 јули ги усвои
измените во Планот и ја вметна црквата во него.

Во меѓувреме Министерството за култура распиша Меѓународен конкурс
за идејно решение за изградба на храмот, на кој е доделена само трета
награда, за решението на архитектите Искра Атанасова и Владимир
Лековски, за што тие добија 150.000 денари. Црквата треба да биде
висока 29 метри, а камбанаријата до 50 метри.

Но, и покрај тоа што е избрано идејно решение и што објектот е
вметнат во Деталниот урбанистички план, од Министерството се уште
немаат информации кога би почнала изградбата.

– Се уште немаме градежна дозвола и затоа не може да кажеме кога би
почнале градежните работи. Кога ќе заврш и таа процедура ќе нема
никакви пречки и уште веднаш ќе почне да се гради – истакнаа од
Министерството за култура.

Градоначалникот Трифун Костовски ја поднесе иницијативата до
Уставниот суд на 28 јуни. Според него, планот не смеел да биде усвоен
затоа што градот дал негативно мислење за него, кое е обврзувачко.
Потоа тој не се вклопува во Генералниот урбанистички план, го нарушува
планираниот подземен сообраќај и ги прекршува предвидените максимални
висини на објектите. И стручната ревизија на планот покажала
неправилности што Општината не прифатила да ги примени.

 

Т.Г.
Објавено во број 92.

Испрати коментар

Scroll To Top