Според Светската здравствена организација, загаденоста на воздухот е причина за смрт на два милиона лица годишно во светот. Во Македонија, како резултат на загаденоста на воздухот, во 2011 година починале околу 300 лица, од кои 150 во Скопје.
Дали порано верувавте во климатски промени? Дали верувате сега?
Полека, но сигурно ги чувствуваме последиците од несовесноста на индустриските постројки во Македонија, како и од одбивањето на граѓаните почесто да користат каков било вид на (по)одржлив транспорт. Во последниве години Македонија силно ги чувствува последиците од оваа светска состојба, која во најголема мера е предизвикана од човековите активности. Македонија се соочува со суши и загадувања како никогаш досега. Сето ова е предизвикано од глобалните, но и од активностите на локално ниво.
Најчесто, климатските промени се предизвикани како резултат на разни активности, од кои како главни виновници се издвојуваат сообраќајот и индустријата. Според еден истражувачки проект поддржан од Данската асоцијација (проект SCOOP) во Македонија, постојат 16 жешки точки од кои се испуштаат преку 20 милиони тони индустриски отпад. Огромни количини на отпад секојдневно се испуштаат во сите состојби, односно во вода, воздух, почва. Според СЗО (Светска здравствена организација), загаденоста на воздухот е причина за смрт на два милиона лица годишно во светот. Во Македонија, како резултат на загаденоста на воздухот, во 2011 година починале околу 300 лица, од кои 150 во Скопје. Според експертите, најситните честички се и најштетни по здравјето на луѓето, бидејќи можат да продрат најдлабоко во белите дробови. А токму нив ги гледаме секојдневно околу нас. Во форма на прашина, воздух со темноцрвена, кафеава или сива боја. За овие честички постои пропишана законска регулатива, според која концентрацијата не смее да надминува 50 микрограми на еден метар кубен воздух, дневно. Но, како што некои медиуми прикажаа, во месец ноември, концентрацијата на овој вид честички достигнала над 700 микрограми на метар кубен воздух. Коментарот го оставам на Вас читателите, обичните граѓани.
ЗЕМЈОДЕЛСТВО
Друг ,,производ" на неконтролираното загадување од постројките на нашата индустрија, претставува константното ослабување на нашето најсилно национално "оружје" – земјоделството. Како резултат на испуштањето на штетни материи директно во воздухот или пак преку нивно испарување од загадената вода, се соочуваме со проблеми од типот на глобалното затоплување, односно во превод – суша, намалени приноси, недоволна количина на храна. Ситуацијата е навистина сериозна, а прогнозите за во иднина се негативни и мрачни.
Доколку во Македонија оваа година не заврне доволно количество дожд, голема е веројатноста дека ќе треба да увезуваме разни земјоделски култури. Каков парадокс, увоз на пченица во земјоделска земја. Некои луѓе ќе кажат – невремето го уништи родот, некои пак како главен виновник ќе го посочат – човекот! Самите ние си ги предизвикуваме овие проблеми. Од претходно наведените примери лесно може да заклучиме дека нешто "смрди" во државата наречена Македонија. Дали е тоа индустријата? Или пак можеби е тоа свеста на народот? Како и да е, доколку продолжиме со исто темпо надолу, ни останува само да се надеваме дека оваа година ќе ни донесе дожд… , и по некој метар кубен чист воздух! Никола Нешкоски, дипл.инж.на жив.средина/еко-менаџер